РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (НАТО)

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:280:"АковоНАТОвлезешсоНоваМакедонија,анизЕвропапатувашбезвизисомакедонскипасош,сигоизгубилидентитетот.Амаакопатувашсобугарскипасош-не

    1 Не знам за вас, драги мои, ама јас не преземам ништо до 2 април. До Букурешкиот самит дома ни светилка не менувам. Не знам дали е од државен интерес, а не сум ни сигурен дали кој било чекор може да ги ослабне нашите позиции.
    Сосема се согласувам дека ова со името е една таква глупава, вештачка и сосема ирационална приказна, за која не вреди да се расправа. Се согласувам и дека не постои дилемата НАТО, или името. Знам и дека Грција злоупотребува членство во меѓународна организација и крши меѓународни договори. Знам дека САД, како и во многу други случаи, и овој ќе го реши каубојски.
    Не се плашам од барањата на Грција. Не се плашам ни и од САД. На крајот на краиштата, баш би ми било гајле и да не влеземе во НАТО ни во ЕУ. Само кога би имале нормални политичари.
    Ги гледате? Тие не можат да се усогласат како да настапат на преговори, а не, пак, што ќе прават ако влеземе или не влеземе во НАТО, и што е поарно за државниот интерес, да го сменат или да го остават привременото меѓународно име “Бивша Југословенска Република Македонија”.
    Самитот во Букурешт завршува на 4 април. Што ќе биде на 5 април?
    Што ќе биде, се виде минатата недела. Излезе Мендух Тачи, најави напуштање на Владата и сите, како мршојадци, се нафрлија со комбинаторики кој како ќе дојде на власт.
    Значи, не било целта да се одбрани името и да се зачува идентитетот. Не било целта да се стигне до членство во НАТО и во ЕУ. Целта била да се дојде на власт. По секоја цена и за секоја тема. Тоа било државен интерес.
    А ние будалите не спиеме. Се грижиме дали ќе влеземе во НАТО.

    2 Што имаме ние во моментов, на дереџе на кое сега се дојдени преговорите за името?
    Од една страна, Влада, која ни крива ни должна се погоди да го јаде стапот за нешто за што на почетокот на приказната повеќето министри уште биле во основна школа. И од друга страна, Претседател, кој се претставува како државник и кој минатите 17 години бил активен политичар.
    Од една страна имаме премиер што држи цврста линија и околу него нема ама баш ниеден човек што смее да му предложи друга опција или, не дај боже, да му каже “Не!”. Од другата страна имаме Претседател кој по 17 години одеднаш имал нови идеи.
    Помеѓу нив има едночудо аналитичари и политичари кои повеќе се занимаваат со нивниот психолошки профил отколку да кажат што губиме, а што добиваме ако влеземе или ако не влеземе во НАТО, и збунети луѓе кои 17 години чекаат да излезат од транзиција и да почнат да живеат нормално.
    Што е најстрашно, во клучните моменти во битката за името и за државните интереси и на Претседателот и на премиерот им треба некој медијатор, како Нимиц, за да се среќаваат.
    Е затоа не спиеме. И затоа ќе дојде каубојот. Ќе удри две шлаканици и ќе биде по негово. Па Груевски нека игра тврдо колку сака, а Црвенковски нека има безброј нови идеи кои нема да ја поминат црвената линија.
    И на крај сите ќе треба да бидеме среќни што нѐ спасил од самите себе.

    3 Баш ме интересира колку од овие што сега гласно викаат дека не смее да се менува меѓународното име затоа што ќе го изгубиме идентитетот имаат бугарски пасоши. За да ги добијат, мораа да напишат дека имаат бугарски корени и да се потпишат на изјава напишана на бугарски јазик. Зошто земале бугарски пасош? За да можат да патуваат низ Европа без визи.
    Толку за идентитетот. Ако во НАТО влезеш со Нова Македонија, а низ Европа патуваш без визи со македонски пасош, си го изгубил идентитетот. Ама ако патуваш со бугарски пасош не.

    4 Не е само Бранко тој што има нови идеи. За да бидеме конструктивни и со задоволство да ги продолжиме преговорите, еве и јас имам неколку идеи.
    На пример, “Горна Македонија”. Замислете да требаше да бидеме Долна. Некако е баш долно. Еј ние од “Горна” ви доаѓаме на одмор вам од “Долна Македонија” да ви оставаме пари на Халкидики. Колку тоа гордо звучи. А тие од Долна одат нагоре за да се коцкаат кај нас во “Горна Македонија”. Тоа е баш долно.
    Друго име е “Република Македонија Вистинска”. Само како добра рамка за натамошни разговори.
    Ама кога веќе Грците инсистираат на географско име, еве неколку конструктивни предлози: “Европска Република Македонија”, “Република Македонија (Македонска Каменица)”, “Република Македонија Охрид”, за инает на Струга, или “Република Македонија Битола”, за да пукнат скопјаните.
    Убаво е и името “Република Македонија (Македонски Брод)”, ама мислам дека Грците ќе препознаат иредентизам и територијални претензии на асоцијацијата брод Солунско пристаниште Солун е наш. Ај да не ги нервираме дополнително.
    Претседателот Црвенковски бара име со политичка одредница. Како, на пример, “Уставна”, “Демократска”, “Парламентарна”…Македонија. Ама бидејќи сето ова се прави за да влеземе во НАТО, најсоодветно е меѓународното име да биде “Република Македонија (НАТО)”.
    Како резервна варијанта, за да покажеме каковтаков отпор кон Американците, ќе им го пуштиме како пробен балон името “Република Македонија (А вие на Црнците што им правевте)”. Тоа ќе го одбијат и ние во Букурешт ќе славиме двојна победа.

    5 Дај боже Букурешт по 95 години повторно да ја сврти историјата и на истото место каде што во 1913 година беше поделена, Македонија повторно да се обедини. По Егејска и Пиринска, ете ја и Вардарска Македонија под едно име НАТО.

    6 Ја слушав Бакојани во Тирана како ја фалеше Албанија дека, за разлика од Македонија, ги исполнила стандардите на НАТО.
    Во исто време беше објавено дека во фирмата која го демонтирала оружјето кога беа разнесени цели планини и села, од 150 вработени биле пријавени само двајца газдата и директорот. И дека неосигурените работници, за да ја исполнат нормата, на работа ги носеле и жените и децата.
    И тие како нас, сиромашките. Им рекле да прават нешто за да ги исполнат критериумите за покана. За НАТО морале да го демонтираат оружјето. И скраја да е, како во цртаните филмови со мачолот и којотот којзнае што правеле, претурале некакви барути, фитили ли палеле и БУМ! отиде цела планина.
    Има потреба да набројувам во кои области и ние ги имаме исполнето стандардите? Неколку најнови вести. Коњи нѐ јадат по улица во главниот град, Поштата половина милион евра за пензии ги носи со “шкода” и ги обезбедува со “веспа”, полицијата, откако веќе нема кого да апси, почна да собира деца од училиштата… Важно е дека сите стандарди, како во Албанија ги исполнивме. Уште само името остана да се смени.

    7 Мендух Тачи е како напуштена сопруга. Со право му се лути на Груевски. Има законска жена, а оди со љубовница и уште прави предбрачен Мајски договор.
    Излегувањето од Владата е криза во бракот. Ама Тачи се врати како во вицот:
    Еден човек бил кај љубовницата која живеела на 50. кат од скопскиот Менхетн. Арно ама, ненадејно дошол мажот и овој, за да избега, морал да се скрие на симсот од прозорецот. Се лизнал и паднал. Паѓајќи педесет ката имал време за туфкање. Си викал: “Што ми требаше љубовница, си имам златна жена, златни деца, државна служба, топол дом, супер ми е, жена ми не ме нервира…”.
    Пред да тресне на улицата поминувал еден камион со сено. Несреќниот љубовник имал среќа и паднал во сеното. Станал, се зачистил малку и си рекол: “Ту, ту, мала криза и одма гомна да се јадело.”

    8 Пред неколку дена беше објавено дека во Приштина биле повредени 13 луѓе, меѓу кои и едно осумгодишно дете во пукотници на улицата Бил Клинтон.
    Портпаролот на косовската полиција изјавил: “До судирот дошло поради имотноправен спор, пукано е од автоматско оружје, а повредени се случајни минувачи”.
    Баш фино што Џорџ Буш сега ќе го вооружува Косово. Ќе им треба оружје на случајните минувачи и на новородените деца.
    Кога 13 луѓе се повредени во пукотници за имотноправен спор во Приштина, страв ме фаќа кога ќе почне одбележувањето на границата со Македонија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира