1 Мојата четиригодишна ќерка секој ден го одлага одењето на заболекар и не уценува со плачење. Кога некако ќе ја убедиме да одиме на заболекар, таа таму вришти и ги клоца лекарите, па имавме веќе четири неуспешни обиди да пломбираме едно мала млечна четворка. Од ден на ден запчето се повеќе ја боли и не спие цела ноќ. И секое одење на заболекар е агонија.
Ама таа има само четири години. Не може да сфати дека ако денеска донесе одлука да не плаче и да издржи пет минути на стоматолошка столица, запчето веќе нема да ја боли и мирно ќе спие.
Е, тоа е разликата меѓу возрасните и децата. Возрасен човек презема одговорност за носење одлуки во моментот кога треба да се реагира. А децата немаат можност да оценат кога е моментот. Тоа што си го одложил проблемот не значи и дека си го решил. Напротив, ќе ти се врати уште потежок за решавање.
2 Затоа преку глава ми е од приказните за рејтингот на Груевски.
Ако толку многу сака да победи на некои предвремени избори, тогаш ич нека не разговара на тема за името. Само не знам каде ќе бега ако победи на изборите? Да не мисли дека темата ќе исчезне? Дека во наредниот мандат Грците ќе го заборават? Или, не дај боже Американците ќе се откажат од своите стратешки интереси.
Така што Груевски може да гради колку сака стокатници на скопскиот Менхетен, да дига од темел се поубави и се постари нови згради на Плоштадот, да отвара 100 спортски сали, 100 тениски терени, 100 луксузни хотели, да сади дрва, да гради аеродром и во Штип и во Битола и во Струмица, да не уверува со рекламни спотови дека супер живееме… Може да ни го прати и вицепремиерот Зоран Ставревски да не убедува дека благодетот ќе го почувствуваме за неколку години, па можеби некој од нас и ќе се согласи дека имаме уште време за чекање. Ама ако нема храброст да ја донесе оваа историска одлука за НАТО, таман и на сите на 5 април и по 100 евра на книшка да ни стави, џабе му е.
Груевски би сакал да труиумфира со покана за Македонија од НАТО, ама ако може тој да не биде виновен за тоа. Убаво би му било да остане запаметен во историјата дека тој ја внел Македонија во НАТО, ама да се правда дека го натерале тоа да го направи на сила. Сака да слави со шампањско и огномет, ама во исто време сака и да го жалиме дека му било тешко. Сака да биде премиер, ама ако може да не презема одговорност.
Тоа е исто како да сакаш секс, а ма да останеш невин. Толку е возрасен. Знае дека така не може.
3 Бучко прашува дали претседателот Бранко Црвенковски ќе го води тимот во Букурешт. Оти бил поискусен.
Зошто прашува? Па Бранко го води тимот веќе 17 години. Нормално дека ќе го води и сега. Треба да не спасува од тоа до кај што не доведе.
5 Туку, сме имале среќа што во приказната за Бранко Црвенковски и Никола Груевски се појави шумарот. И нему му здодеа и почна да губи нерви. Па реши да ги избрка од шумата и да ги изведе на ледина.
Ние сме веќе навикнати да не зафркаваат. Дали е СДСМ, дали е ВМРО-ДПМНЕ, веќе ни е сеедно. Така што, ако и сега не зафркнат, ќе им простиме на некои следни избори.
Ама ако го зафркнат шумарот, не знам која шума ќе може да ги скрие.
6 Знаете ли зошто на Грците не им со допаѓа името Република Македонија (Скопје)?
Затоа што меѓу Атина и Солун има голема нетрпеливост. Замислете утре ептен да се скараат и да реши онаа нивната Македонија да се отцепи. Како ќе се вика во меѓународната заедница нивната Македонија за да се направи јасна разлика од оваа нашата Македонија? Република Македонија (Солун).
И нека престанат да обвинуваат дека и ова е нова скопска провокација. Што им требаше во 1988 година Северна Грција да ја преименуваат во Македонија. А пред тоа зборот Македонија не смееше да се спомене.
Тоа што сега им се случува сами си го бараа.
5 Додека сите се занимававме со името, незбележано помина вистинската голема победа на демократијата и владеењето на правото во Македонија. ЕВН ја исклучи струјата во Арачиново и во неколку села затоа што со години не плаќале струја. И замислете преживеавме. Светот не пропадна. А ни во Македонија не изби нов меѓуетнички конфликт. ОБСЕ не излезе на терен. Никој не кажа дека се загрозени чоевковите права. И не само тоа. Дури и градоначалникот рече дека струјата мора да се плаќа.
Има надеж. Јас си мислев дека полесно Македонија ќе го признае Косово како независна држава, околку да се убеди Арачиново да плаќа струја.
Следната демократска фаза ќе биде со водата. Или ќе се исклучи Арачиново за да почне да плаќа, или Водоводот ќе мора да го купат странци.