1 Ако те фатат на пушење во кафеана, ќе платиш казна и ти како пушач, ама и газдата на кафеаната што ти дозволил да пушиш. И ќе му ја затворат кафеаната еден месец. Ако не издадеш фискална сметка, ќе ти го затворат дуќанот на подолго. Ако ти најдат непријавен хонорарец, ќе платиш дебело. Ако не возиш со вклучени светла или со врзан ремен, исто така, ќе платиш казна.
Ама ако испратиш војници во мисија на НАТО, и тие ти загинат во мирновременски услови во бизарна хеликоптерска несреќа, нема да платиш никаква казна. Оти виновни биле пилотите што го возеле хеликоптерот. А не била виновна државата, која е сопственик на хеликоптерот, што не им платила задолжителна обука за летање во тешки временски услови, а ги пратила да летаат.
Најлесно е пилотите да се прогласат за виновни. Оти, од објективни причини, не можат да се одбранат. Загинале.
Истата приказна е и со авионската несреќа на претседателот Борис Трајковски. Пилотите згрешиле во процедурата за слетување. Несреќата се случи во февруари 2004 година, ама и капетанот и копилотот не биле на задолжителни тренинзи на симулатори за летање на тој тип авион со години наназад. И во тој случај се знае кој е сопственик на авионот, кој ги потпишал патните налози и налозите за летање, кој е одговорен за одржување на авионот и за распоредот за летање на екипажите, кој немал пари или, едноставно, не водел сметка дека пилотите мора да одат на задолжителни тренинзи.
Имаме два идентични несреќни случаи. Во првиот, некој пуштил пилоти да возат Претседател на држава и цела негова екипа, а пред тоа не им ги обезбедил потребните обуки. Во вториот случај, некој испратил војници во мисија на НАТО, а не ги подготвил за тоа. И во двата случаи, тие “некои” имаат име и имаат институција која стои зад нив. Има и држава и Јавно обвинителство. Само нема обвинител за да поведе истрага.
2 Ако темата е премногу комплицирана, оти станува збор за воздушен сообраќај, дај да ја поедноставиме.
Може ли службен возач на патничко возило да вози автобус без дозвола од таа категорија? Ќе му дадат патен налог, и тој во него ќе качи дваесетина луѓе од фирмата. И ќе ги испотепа оти тој знае да вози, ама нема положено за автобус.
Е па може. Затоа што ако возачот одбиел да вози, можеби ќе останел без работа.
Но тоа што ќе останел без работа, не значи дека ако дошол друг, со иста квалификација како неговата, несреќата немало да се случи. Кога зборуваме за одговорност, не бараме жртви. Бараме одговорност и одговори на прашања, за да дознаеме што се презема за да не се случат и други несреќи.
Е за тоа ѕвонат новинарите на мобилниот телефон на Шврговски. За овој ли лански снег зборуваше пред десетина дена јавниот обвинител, кога се жалеше дека новинарите го вознемирувале на мобилен телефон? Или за некој снег од пред неколку години?
3 Советот за радиодифузија ја одложи расправата за сопствениците на телевизиите. Новите шест членови на Советот побараа прво да се толкува Законот за семејството, за да може да се утврди дали во “Канал 5” и во “Сител” има кршење на Законот. Според Законот, носители на јавни функции и членови на нивни семејства не смеат да бидат газди на телевизии, но независните членови на Советот за радиодифузија не можат да утврдат дали таткото Борис Стојменов и синот Емил Стојменов се семејство, и дали таткото Љубисав Иванов Ѕинго и синот Горан Ивановски се семејство.
Проширувањето на Советот за радиодифузија беше со шест нови членови што ги гласаа како независни. За да можат независно да ги заштитат Ѕинго и Стојменов од Законот. Оти Ѕинго и Стојменов ги гласаа независните членови на Советот во Собранието.
4 Првиот лустратор Томе Аџиев објасни дека се разгледуваат досиејата и активностите на поранешен министер за внатрешни работи, кој дал наредба за следење на некој владика за кој службите се сомневале оти се среќава со странски тајни служби. Ама ја оправда можноста од лустрација, затоа што министерот тоа го правел од идеолошкополитички причини. На прашањето какви се идеолошките причини меѓу џандар и поп, тој рече дека едниот е атеист, а другиот е верник.
По оваа изјава на Аџиев, се загрижив и за судбината на Дедо Мраз.
Децата ми потпораснаа и се соочувам со проблемот како да им објаснам дека Дедо Мраз постои. Им се смееле на училиште и им викале дека Дедо Мраз не постои и оти родителите им купувале подароци и ги лажеле. А кај нас дома Дедо Мраз навистина постои. И ние, иако никогаш не сме го виделе, си веруваме во Дедо Мраз.
За да не ми се фрустрираат децата, им смислив приказна. Им реков: Кога некој ќе ве задева и ќе ви се смее оти верувате во Дедо Мраз, а никогаш не сте го виделе, вие прашајте ги: А постои ли свети Никола? Зошто вие дома верувате во свети Никола, викате гости на слава, готвите посни сарми, гравче и риба во негова чест… Сте го виделе ли некогаш?
Никој не ги видел ни Дедо Мраз ни свети Никола. Ама секој може да си верува во што сака. Но, како што тргнала работава, кај нас свети Никола ќе го лустрира Дедо Мраз.
5 Колку и да не сакам да ги следам кавгите меѓу новинарите, сепак, преку Интернет ми влегуваат дома.
Додека поради неликвидност, секој ден се затвораат дури и големи фирми, додека се кршат законите на сите страни и додека граѓанскиот интерес нема ниту кој да го чува,ниту кој да го брани, моите колеги се занимаваат со самите себеси. Кој бил измеќар на Груевски, а кој бил измеќар на Бранко. И кој колкава плата прима, и каде аплицирал за работа.
Цел свет се тресе од кризата која се најавува, а тие се занимаваат со сопствените суети. И едните и другите убедени дека нивната суета ќе ги спаси слободата и демократијата.
Туку кај нас и онака нема рецесија во економска смисла. Кај нас има рецесија на умот.
Со вакво новинарство има само една опасност за Груевски. Да пукне од среќа.