1. Кога дојде време претседателот Борис Трајковски да се обидува да ги спасува Љубчо и Доста, ден пред митингот на опозицијата, тешко ним. СДСМ, и да порачаше, подобар настап од настапот на Трајковски немаше да смисли. Треба само да го остават Борис и натаму да ја брани Владата. Што повеќе ја брани толку поголеми се шансите таа да падне.
На времето кога ВМРО-ДПМНЕ ги правеше митинзите на плоштадот Македонија и се фалеше со 100-илјаден народ, СДСМ ја омаловажуваше дека плоштадот не собира повеќе од 20 илјади луѓе. Сега СДСМ се фали дека направил невидено посетен митинг, а ВМРО-ДПМНЕ ја пресметува квадратурата на плоштадот и математички пресметува колкумина собира на квадратен метар.
Сè е исто како и порано. Затоа и е нормално што Љубчо се вознемири од собирањето на толку народ на плоштадот. И тој на времето манипулираше со многуилјадни митинзи и напади на Собранието и Телевизијата, па, веројатно, се исплашил да не се случи тоа што тој некогаш сакаше да го направи. Нормално е што и СДСМ сега ја применува истата тактика. Сами си се наместија кога направија закон, според кој само Собранието може да го распушти Собранието, па сега нека се собираат по улици.
Само, дали е нормално што и по речиси 10-годишна државност, народот сè уште верува дека со викање на плоштад може да се смени која било влада. Колку е жално што во еволуцијата, сè уште не сме мрднале од времето на револуција.
2. Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на митингот беше претставен како човекот што пред шест години прв прозборел за постоењето на организиран криминал во врвовите на власта. Затоа беше сменет.
Кој беше на власт пред шест години? Бранко Црвенковски. Кој го смени Павле Трајанов? Бранко Црвенковски. Кој го повика Трајанов да зборува на завчерашниот митинг? Бранко Црвенковски.
Гледате, сè си има своја логика.
3. Покрај пребројувањето на луѓето што се собираат на плоштадите, по сè изгледа дека повторно ќе имаме пребројување и во владината коалиција. Тајван пак станува интересен, развојната програма Славевски контра Марковиќ кога тогаш ќе мора да се разгледува, Трајковски нема да се помири што алтернативците го бојкотираа неговиот говор, Циле признава дека имал некакви средби со Црвенковски “на ничија иницијатива” на кои “ништо не се разговарало”, Саво аплаудира, другите ги нема, ама Саво патува за Тајпеј. Трајковски ја чека милијардата, а Кадиевски замина да ја бара.
Навистина, тука е и Андов за пребројување, ама тој и не е некоја сигурност. Додека беше со СДСМ, шуруваше со ВМРО-ДПМНЕ, така што и да му се приклучи на Љубчо, не е гаранција дека утре нема да се сврти кон Бранко.
Пак ќе имаме изјави за беспрекорното функционирање на коалицијата, за разликите што ќе се “пеглаат”, за средби со Џафери и со странски амбасадори, пак ќе се потпишуваат платформи за соработка…
Пребројувањето на пратеничките гласови кои можат да ѝ овозможат доверба на оваа влада веќе почна. До гласањето за доверба што го најави Црвенковски кон крајот на јуни, пребројувањето мора да заврши. Дотогаш Љубчо ќе мора да знае со колку гласови располага. Да се види дали Владата е токму.
4. Можам да си замислам колку одговорните од Евровизија ќе бидат разочарани ако се остварат заканите дека Македонија ќе ги бојкотира идните фестивали на Евросонгот. Не толку затоа што нема да можат да нè слушнат колку убаво пееме, колку затоа што нема да можат да го запознаат Перо Камиказа. Позабавни прес-конференции не прави дури ни Кљусев.
Перо би влегол во Европа, ама не со квалитет, туку со тупаници. Немаше смисла, толку Швеѓани, додека ни ги чуваа границите во УНПРЕДЕП, оженија македонски невести, а таму не сакале да ни ја пуштат матрицата и ја саботираа македонската песна.
Вистинска штета е што Перо Камиказа не излезе среде настапот на девојчињата со тупаници да ја прекине приредбата. Дури тогаш Европа ќе видеше со кого си има работа. Не ќе требаше самите да се откажуваме од натамошно пеење. Тие ќе нè избркаа. Освен тоа, белки тогаш Перо како револуционерен македонски патриот ќе го уапсеа, па ќе можевме да го разменуваме со некој пијан КФОРОВ-ец што се тепал по скопските кафеани.
Сега сфаќаме колку му е тешко на Циле кога оди на преговори во Европската унија. Тој го има истиот проблем како и Перо Камиказа. ЏЏЛ изгледаа прекрасно, мали, симпатични и убаво облечени, ама пееја фалш. И Циле е ЏЏЛ, и тој претставува мала, симпатична и убава земја, ама беља работа, со фалшливи закони кои не палат во Европа.
П.С. Бидејќи по речиси деветгодишно излегување, ова е моето последно “Сакам да кажам” во “Вечер”, дозволете ми една мала злоупотреба на новинската хартија. Едноставно, чувствувам потреба јавно да им се заблагодарам на луѓето кои се најголемите “виновници” за тоа што сум станал каков таков новинар. Тоа се: Златко Блајер, кој ме откри и ме донесе во оваа средина, Александар Ивановски, кој ми го фати “нервот” за ваков стил на пишување и до ден-денеска ми влева самодоверба во тоа што го работам, “саботните” уредници Тале Сотировски и Манчо Митевски, кои имаа трпение за моите повремени “хирови” и ситни несериозности, и “големиот газда” Панде Колемишевски кој ниту еднаш не ме прашал: “Што ќе пишуваш?” и “Што си напишал?”
Конечно, сите тие би биле неважни, ако зад себе не го имав “Вечер” и луѓето што го прават, како новинарска школа на која ѝ нема замена.
Им благодарам.