1 На пратениците им се погоди настанот со убиството на полицискиот командир во Ваксинце. Си најдоа уште едно оправдание да не расправаат за донесување на законите што се услов за во ЕУ. Цел ден изгубија во расправа за безбедносната состојба за која не можеа да донесат никаков заклучок. Да ги прашаше некој по седницата дали по расправата им стана појасна безбедносната состојба во земјата, тешко дека некој ќе знаеше да одговори.
Е, да е само тој еден изгубен ден. Македонија има време за празни муабети. Може тие секој ден да си измислуваат вонредни седници само да не го завршат тоа што им е со рок од Европската унија. На пример, законите за реформи во судството. Дневниците важно се исплаќаат. Расправата се брои за работен ден.
Рокови шмокови. Како мали деца. Кога треба да одат во градинка, се преправаат дека им се спие и мислат дека ќе се спасат од градинка. Така и пратениците. Ќе го игнорираат рокот од ЕУ. Може ќе престане да важи.
2 Додека не измислат нешто многу драматично за одлагање на реформските закони. И тоа многу подраматично од донесување на закон за заштита на волци и за благосостојба на животните, им предлагам да се фатат сериозно со закон за измена на хороскопските знаци. Како тоа во хороскопот има лав, а нема орел.
Не само што ќе им треба мнозинство. Ќе им треба Бадинтерово мнозинство. Седницата ќе трае до следниот извештај на Европската комисија за Македонија.
3 ДУИ веќе се истакна со над 4.000 амандмани за Изборниот законик. Ако секој амандман треба да се отпечати во најмалку 120 примероци, плус на два јазика, којзнае колку кубици дрва се потрошени за толку хартија.
Али Ахмети не е свесен дека самиот си ја уништува базата. Ако исечат толку дрва, ќе останат без шума. Во кој демократски амбиент ќе се вратат следниот пат кога ќе влезат во борба за човекови права?
4 Бивш премиер склучил договор со странска државна компанија, што е против Уставот. Поради тој противуставен договор државата мора да плати отштета од многу милиони долари.
Има ли уште мистерија околу “Окта”? Има. Зошто бившиот премиер уште не е на суд?
Е тоа е мистерија и за Љубчо Георгиевски. На сета беља доаѓа во ТВемисија, на сите им соли памет и уште прашува: А зошто не ме уапсивте?
5 Од пуста желба да се пофали со некаква странска инвестиција, премиерот Груевски се пофали со хотел кој ќе има 15 претседателски апартмани. Сите знаат дека во еден хотел може да има само еден претседателски апартман. Ама така му кажале на премиерот.
Една мајтап информација отвори многу муабети. На крај излезе дека директорот на странската компанија која ќе гради странски хотел е текстилен техничар во домашна фирма.
Од каде би знаел текстилен техничар што е претседателски апартман во луксузен хотел? Тој можеби и навистина нарачал проект за 15 претседателски апартмани. Сигурно мислел на сите претседатели на фирмите што се вмешани во оваа зделка.
6 Потпретседателот на СДСМ Јани Макрадули открил афера. Ама кога пробал да се јави на бројот 199 за да пријави корупција, било зафатено.
Веројатно во исто време на истиот број вртела Рада.
7 ЕВН правеше акција во Арачиново за исклучување на неплаќачите на струја, ама ја одложи. Им даде рок да си ги платат сметките без камата.
Зошто мене ми наплаќаат камата ако задоцнам со плаќањето на сметката само еден ден? Зошто не ме молат и мене да им плаќам на рати и без камата?
Затоа што не сум се изборил за таков третман. Редовно си плаќам. А и немам пушка.
8 Првпат по 16 години независност еден градоначалник гради парк. Веста е толку добра што звучи неверојатно. Градоначалникот на Карпош Андреј Петров ќе гради парк во должина од 3 километри покрај Вардар.
Еден куп градоначалници последниве 16 години немилосрдно го уништија единствениот Градски парк во Скопје, градејќи кинески ѕидови, хотели и кафеани.
Идејата на градоначалникот Петров е одлична, ама се плашам дека има една мала мана. Кога ќе снема локации во Градскиот парк, некои следни градоначалници ќе најдат одлична локација за кафеана во паркот во Карпош.