РОМАНИЈА ЛИБЕРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:154:"ХелсиншкиотпарламентнаграѓанитеиПТТ-МакедонијавотајнамисијакајБутросГали

    1.  Генералниот секретар на Обединетите нации ќе мора дополнително да се загрижи за судбината на планетата Земја, доколку не го притисне Советот за безбедност конечно да даде зелено светло за прием на Македонија во светската организација. По најновата иницијатива на Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија, секој што ќе успее да се добере до телефакс-машина и слободен телефонски сигнал веднаш да упати протест на факс-бројот на кабинетот на генералниот секретар во Њујорк, господин Гали се фатил за глава и им свикал на оние од Советот за безбедност (особено на постојаните членки): “Аман, побрзо признавајте ја Македонија, ни ја испотроши цела телефакс-хартија!”
    Каква опасност од ширење на војната, какви приказни за правото на само­определување, каква мирољубива и мудра политика, каква промена на адми­нистрацијата во Вашингтон… Сето тоа е нула во однос на оваа оригинална идеја, пооригинална дури и од охридската хелсиншка конференција на Владимир Милчин со силната желба за признавање, смислена со цел да се поткопаат средствата на буџетот на ООН, што се водат под ставката “материјални трошоци –  телефакс-хартија”. Па, за надомест на трошоците ќе мораат, сакаат не сакаат, да ја примат Македонија. Белким и ние ќе дадеме некој денар во заедничкиот буџет. Ако немаме пари, тука е Фондацијата “Сорос”. Милчин е главен. И таму – меѓу другото.
    Доколку рекламирањето на телефакс-бројот на господинот Гали не е некоја тајна врска меѓу Хелсиншкиот парламент и ПТТ-Македонија, постојат сериозни индиции дека со овој потег генералниот секретар се става пред свршен чин. Бидејќи за производство на хартија треба целулоза, а за тоа треба да се сечат дрва, одолжувањето со приемот на Македонија во ООН може катастрофално да се одрази врз шумското богатство на Земјата. Ставен пред дилемата: да се спасат шумите или да се признае Македонија, г. Бутрос Гали во суштина е исправен пред едно светско прашање, од чие решавање зависи судбината на човештвото. Затоа Хелсиншкиот парламент ќе настапува со нов слоган: “Признавајќи ја Македонија, не ја помагате само ПТТ, туку го спасувате светот!”

    2. Кога Македонија ќе биде призната, а светот ќе биде спасен, кај нас ќе процвета правната држава. До тогаш и пратениците ќе успеат да го донесат Законот за судовите.
    Нам само ни останува да се молиме пратеничката група на реформистите-либерали да не ги загуби својот реформаторски дух и желбата што повеќе да се одделат од СДСМ, за да докажат дека тие не се бивши комунисти, па мораат да се претвораат во најзакоравени верници. Ќе ја остварат целта дури кога на следните избори за свој кандидат ќе го истакнат Митко Анастасовски. Па по законот за либерално судство на граѓанска Македонија не само што судиите ќе мораат да веруваат во бога, не само што ќе мораат да бидат крстени и венчани во црква, туку ако некој се разведе, веднаш ќе му биде забрането во иднина да се занимава со таа професија. Ако пак венчаните си најдат евентуално некој швалер или швалерка, па уште и да бидат фатени на дело, законот предвидува судиите да бидат запалени на клада, пред Собранието.
    Со така реформирано и либерално судство, тие што ќе се обидат да кажат дека предлогот на македонската граѓанска партија е евтин рекламен трик, ќе видат што значи – правна држава. И само некој нека се обиде да ги навредува чувствата на верниците-реформисти. Чувствата на неверниците што некој сега допрва мисли да ги крсти, не се важни. Па, нели не се крстени!?

    3. Во граѓанска, демократска и модерна држава каква што е нашата и самиот на своја кожа ги осетив реформите на новата македонска царина.
    Пред извесно време ја имав таа чест да допатувам со авион на надалеку познатото светско воздушно пристаниште во Скопје. За што подолго да уживам во убавината на аеродромската зграда се потрудија младите цариници, кои прет­по­ставувам се од оној контингент среќници што пред некој месец ги фаќале сите можни врски некако да поминат на конкурсот на царина. Па, во царинскиот простор сите патници бевме задржани отприлика исто време колку што траеше летот до Скопје.
    А цариниците – дури тројца за три авиони. Па млади, убави, непосредни, затоа што никој не ги научил да им се обраќаат на патниците со “вие” и облечени во рачно плетени џемпери. Шлифувани – како да го учеле занаетот во Романија за време на Чаушеску. Строги, строги – во секого гледаат шверцер или криумчар на оружје и дрога. Секоја торба мора да се отвори. Најсовесно и најбирократски. А народ се гуши, паѓа преку коферите, се спрепнува од најлонски ќеси, деца пиштат… Не дај боже некој да им каже дека во светот, на аеродромите постојат зелени и црвени премини, дека претресот се врши селективно, дека според светски стандарди патниците по слетувањето на авионот не смеат да се задржат повеќе од половина час за сите царински формалности…
    Кога едно време не додржав, па се побунив, обраќајќи му се на едно момче со џемпер, што би требало да биде цариник: “Па добро, организирајте се!”, добив едноставен одговор: “Што е организирано во оваа држава, па тоа да бидеме ние?”
    Кога државен службеник ќе ти каже такво нешто, човек едноставно не знае што да мисли за државата. И уште нешто: Може ли државата да бара лојалност од граѓаните, кога самата таа организира – хаос?
    Намерно не спомнувам кога точно ми се случи сето ова, со кој авион допа­тував, од каде… Се солидаризирам со младите џемпераши за да не им наштетам. Приказ­нава е само уште една потврда на длабокото уверување дека истите што ни го градеа комунизмот сега ни го градат и капитализмот.
    Сиромашките, тие не ни знаат дека СФРЈ веќе ја нема. Сиромашките, ние сé уште се надеваме дека тие ќе направат од Македонија – држава.

    4. “Србите им рекоа “НЕ” на ултиматумите!”. “Заканите не ги исплашија изби­рачите”.
    Се лажете ако мислите дека ова се наслови од некој српски весник, дента кога стана јасно дека националсоцијалистите на Милошевиќ и Шешељ победија во т.н. СР Југославија. Првиот се појави во “Елефтерос типос”. Вториот во “Та неа”. Двата весника излегуваат во Атина.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира