1. Расправата за предвремените избори, во Собранието на Македонија неочекувано, во доцните ноќни часови во четвртокот доби романтични димензии. Не дека некој очекуваше поинаков резултат во гласањето од оној што излезе, туку малкумина можеа да претпостават дека тешката тема ќе почне да се врзува со љубовни содржини.
Министерот Благој Ханџиски како да се посомнева во искрените намери на опозицијата кон Македонија, па од неговиот говор можеше да се прочита дека сите изминати години, за разлика од неговите другари, другите одгледувале нечесна љубов. Расправата на тема љубов се разгоре кога Стојан Андов му забележа на Ханџиски барем нему да не му зборуваат за такви работи, кога тој во однос на сегашниот министер, во минатото бил на функција која му давала повеќе можности за изразување на љубовта. За да не останат покусо Албанците, и Мерсел Биљали од ПДП потсети на нивната специфична љубов кон Македонија. Штета што во Парламентот ги нема од ВМРО-ДПМНЕ, за да дадат и тие свој придонес во расправата за љубовта. И тие имаат што да кажат. Од кога викаа дека невестата треба да се венча, и тоа веднаш.
Размислите за љубовта кај македонските пратеници дојдоа како еден вид компензација за пропуштената епизода од “Касандра”. Им се наполнија романтичните души, а немаа каде да ги искажат чувствата. Освен тоа, имаат потреба за идентификација. Кога малку подобро ќе се размисли, можат да се прават споредби меѓу Македонија и Касандра. И двете се симпатични, наивни, незаштитени, постојано плачат и имаат несреќна судбина. Во државата ни се случува истата приказна, како во латиноамериканската сапуница. Сите ја сакаат Македонија, а никој не води љубов со неа. И таа пак – трудна.
2. Така се случува од едноставна причина што после толку страствени изливи на љубов, наместо да одат на некое попригодно место за таа работа, пратениците отидоа во кафеана. Така прават постојано. Ќе се испофалат, те ова ќе направиме, те она ќе направиме, ама божем да соберат сили за акција, ќе отидат во собранискиот ресторан, ќе се изнајадат и напијат и после не им текнува на ништо. Мора да се признае, тешко им е. Цените во ресторанот се ненормално ниски, а паушалите и дневниците високи.
И претседателот на Собранието Тито Петковски го забележа тој проблем. Особено кога требаше да се изгласа Буџетот. За да ги собере пратениците во салата да гласаат, тој им се закани дека ќе им го затвори ресторанот. Среќа што не посегна по таа драстична мерка. Дури тогаш ќе направеше полошо. Вака, со ефтината храна и пијачка, некој може ќе се подлаже да дојде и на седница. Ако не работи ресторанот, нема да му доаѓаат воопшто.
Веројатно затоа во новогодишните пакетчиња што им ги поделија на сите пратеници, покрај кожените тефтерчиња и потсетници имало и по еден отварач за шишиња. За секој случај. Ако Тито им забрани да одат во бифе, да можат пратениците сами да си купуваат пијачки од околните гранапчиња и да си ја освежуваат душата за време на државничката работа. Тоа што на отварачот е аплицирано знамето на Македонија е строго наменски – и кога ќе пијат да знаат дека прават голема работа за Македонија.
Лошо е само ако по напорната работа за отварање на затките со патриотскиот отварач почнат да се однесуваат како оние тетовски гемиџии, што прво џапале вино во кафеана, па потоа џапале бомби по улица. Со цел да се елиминира и најмал ризик од таков развој на настаните,би можел Тито Петковски да размисли за некој вид дополнителна активност што би им помогнала на пратениците да се олабават по притисоците што ги мачат. Погледнете ги како изгледаа пред три години, а како изгледаат сега. Речиси сите ја изгубија линијата. Затоа, најдобро е, наспроти ресторанот да отворат фитнес клуб. Малку нека јадат и пијат, па малку нека вежбаат. Не верувам дека ќе се вратат на линијата.Ама барем ќе почувствуваат некаков напор.
3. Првиот човек на Агенцијата за разузнавање Владо Поповски мора да е во депресија. Сите медиуми знаат каде е Зоран Шаклев и редовно контактираат со него, само тој не знае. Дури и самиот Шаклев се фали дека знае оти четворица разузнавачи го бараат низ Германија, а тој им се крие.
Од што ли живее легендата Шаклев, таму низ белиот свет, кога тука немал пари за автобус од Скопје до Штип, па морал да бара на заем од жртвата што требало да ја убие? Чифлиганец е во Македонија и не може да му даде пари за превоз. Белким не оди најпознатиот македонски атентатор и разузнавач по разни луѓе низ белиот свет, на кои им се претставува дека треба да ги убие, ама се предомислил и бара малку пари за билет во еден правец!?
Лесно ќе се реши “аферата Шаклев”. Ќе си дојде Зоран во Македонија и ќе каже сé. Само треба да се најде некој што ќе му го плати билетот.
4. Американскиот секретар за одбрана Вилјам Коен пристигна во два-три часовна посета на Македонија за да им ги честита Божикните празници на американските војници во УНПРЕДЕП. Средбата со македонскиот министер за одбрана Лазар Китановски се одржа во американската база на аеродромот Петровец. Нашиот министер беше пригодно облечен како за на гости, со црн костум и вратоврска. Таман за пред војници.
Според првиот план и претседателот на државата Киро Глигоров требало да оди на гости кај Коен во Петровец. Дури по упорно инсистирање, било договорено сепак Коен да го посети претседателот во неговиот кабинет. Глигоров немал соодветна јакна.