1 Откако полицијата се повлече од Арачиново, почна да се повлекува и од барикадите во центарот на Скопје. Не регулира сообраќај на раскрсниците, па возачите остануваат заробени пред блокадите на стечајците. Наместо да им го олесни животот на тие што не протестираат, ги остава да се караат со тие што протестираат. Владата не може да им го олесни животот на стечајците, ама затоа го загорчува животот на сите други.
Како на полицијата да ѝ веруваме дека може да се бори против криминалци, кога не може да регулира сообраќај на три блокирани раскрсници?
Кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, таа ги поддржуваше блокадите на здружението “Светлина” кое протестираше против продажбата на ЕСМ. Арно ама, се врти тркалото. Секоја светлина си има своја темнина. И обратно. Тоа што тогаш ѝ пречеше на ВМРО-ДПМНЕ, сега му пречи на СДСМ. Организаторот на протестите на “Светлина” од барикадите на улиците сега е на работа во дистрибутивниот центар на МЕПСО.
Портпаролката на “Светлина” сега е во некој проект на Катастарот.
Така што секоја темнина си има и своја светлина.
Тоа што полицијата не го регулира сообраќајот е за доброто на државниот буџет. Скопјани со часови седат во колони. Трошат бензин. Што повеќе бензин потрошат, толку повеќе акциза и данок ќе платат. Што повеќе пари за акциза, повеќе пари за буџетот. Што повеќе пари за буџетот, повеќе пари за рекламни кампањи. А ќе има и за цркви и за џамии.
2 Претседателот Бранко Црвенковски рече дека ќе потпишел закон за стечајците, ако го изгласа ова мнозинство во Собранието.
Бранко беше претседател и кога не потпиша закон за стечајците, кој го донесе друго мнозинство во Собранието. Рече дека тогаш не му давале ММФ и Светската банка. Зошто сега би му дале? За инает на ВМРО-ДПМНЕ?
Колку години имаа СДСМ и Бранко да го решат овој и сите други проблеми за кои сега толку се потресуваат како божем првпат да ги слушаат?
Тоа сите го знаеме. Само не ми е јасно зошто Груевски мисли дека ја открил Америка и оти се оправдал ако каже дека стечајците се проблем на СДСМ.
СДСМ затоа што направи проблем, ја изгуби власта. А Груевски не го избравме да ни кажува кој ги направил проблемите. Туку да ги реши.
4 На веб страниците на Владата и на Министерството за економија секојдневно ќе се објавува листа на најскапи и најевтини производи. На тој начин Владата сака да ги информира граѓаните каде пазарењето ќе ги чини поевтино, а каде поскапо.
Сега ќе дојдат до израз државните кафулиња со бесплатен Интернет што ги отвараше Груевски за да комуницираат пензионерите со своите внучиња во Америка и во Австралија. Внучињата сега нека почекаат. Бабите и дедовците имаат егзистенцијални прашања за решавање. Ќе сурфаат по Интернет за да видат каде се денеска поевтини лебот и млекото.
Еве како ќе изгледа еден ден на просечна македонска сајбер домаќинка:
Наутро, штом ќе излезе од дома, ќе оди во Интернет кафуле. Ќе ја отвори страницата на Владата, па потоа страницата на Министерството за економија и ќе ги спореди цените. Потоа ќе тргне во набавки. Масло за јадење во Драчево, млеко во Ѓорче Петров. Патем, ќе сврти кон Автокоманда по леб и макарони. Јајцата ќе ги купи во Козле.
Додека пазари низ Скопје, задолжително покрај зембиљот да си носи и транспарент. На него ќе пишува “Јас сум стечаец” или “Јас сум црква, дајте ми и мене пари”. Ако автобусот со кој се вози остане заглавен пред Собрание, да може да се пробие преку барикадите.
5 Еве, Бранко веќе почна да ги слуша советите на Владата. Беше во супермаркет. Ама не се ограничи само на Скопје. Отиде дури до Струмица.
Пресече лента на трговски центар.
Бранко е навикнат на вакви инвестиции. Од “Рамстор” во Скопје до “Глобал” во Струмица.
6 Шеесет отсто од матурантите не ја положија пробната матура. Излезе некоја раководителка од Бирото за развој на образованието и рече: “Не сме изненадени ниту разочарани”. Па и не треба. Треба да се очајни.