САПУНСКА ОПЕРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:58:"Нејќемечорба,сакамехамбургер

    1. Не бројте ги авионите за Загреб. Не заморувајте се собирајќи ново парламентарно мнозинство. Не толкувајте ги изјавите на Циле и Љубчо. Не дозволувајте да ви го расипат денот. Тие и онака ви го расипуваат животот. Што е еден ден во однос на цел живот.

    2. Циле не отпатува за Загреб. Така што остана принципиелен. За да не му забележат дека прави непринципиелни коалиции. Малку со Љубчо, малку со Бранко. Па деновиве се најде пред хамлетовска дилема. Дали да излезе од Владата, или да чека Љубчо да го избрка.
    Општо гледано, Циле има смисла за драматургија. Никогаш не знаеш што ќе се случи во последен момент – каде ќе отпатува, каде ќе се појави ненајавено, каде ќе го откаже патувањето.
    Целата приказна околу загрепскиот самит беше полна со изненадувања. Како неколку епизоди од сапунските опери што ги гледаме на телевизијата. Светат рефлектори, се даваат изјави на луксузни места, се преговара во најскапиот хотел во Македонија, па има многу патетика, изненаденост, навреденост… Само уште солзи фалеа. А и народот се занимава со нив како да се толку важни, небаре се работи за опстанокот на љубовта меѓу Касандра и Ранду. Само што Љубчо тоа го прави на постаровремски начин. Како во “Династија”. А Циле го има клучот за 21 век, па е во тек со времето. Неговите епизоди личат на срцепарателните јужноамерикански серии и на евтините изданија на Холивуд. Не е ни чудо. Во преговарачкиот тим го има Столе Попов, кој е драматург и Слободан Чашуле, кој ја шеташе Касандра низ Македонија.

    3. Во време на Касандра имаше една зафрканција, кога викавме: “Те поздрави брат му на Игнасио!”. Во моментов е популарна американската сапунска серија “Богати и сиромашни”. Отсега ќе се зафркаваме: “Те поздрави Марк Гуд!”.
    Радовишанки паднаа на теме кога во рудникот “Бучим” им се појави згодниот непознат странец што им го купил златото. Ранду да им дојдеше дома на кафе, немаше толку да се возбудат. Мажите в рудник, а тие бркаат работа. Човекот е ист како од “Богати и сиромашни”. Шизичка фризура, млад, згоден, богат, ја сака Македонија, ги сака Македонците, ги сака рудниците. Па го имате, од една страна, Марк Гуд кој ветува сè и внесува радост во радовишките срца и, од друга страна, Ванчо Чифлиганец кој плаче за рудникот. Има ли поубаво сценарио за македонска сапунска опера. А бе тоа сапуницата мие и мозоци и гревови.
    Во сапунските опери, и негативните и позитивните ликови се згодни. И во сите приказни доаѓа непозната личност, се појавува одненадеж и ја растура слогата во семејството. И тука почнуваат сплетките и плачките, додека не се појави некој непознат роднина, кој допрва ќе го откриеме.
    Не знам дали овој Марк Гуд ќе излезе некој роднина на Ламбе Арнаудов. Само Што Ламбе не е згоден како него и наместо со јужњачки американски, зборува со охридски акцент. Можеби така решил режисерот. Намерно, за да биде драмскиот заплет поуспешен. За да не се досетат гледачите.
    Откако дојде непознатиот, излезе дека во рудникот сè е супер. На работниците не им чинела само мензата. Па добриот човек од Америка ќе им отвори ресторан за брза храна “Мекдоналдс”. И вреди ли рударите да се бунат и по оваа понуда. Наместо чорби и бурек, сега ќе јадат хамбургери. Тоа се реформи, а не реформите на Анте Марковиќ и агендите на Циле.
    Нека плаче Чифлиганец. И тоа е дел од сценариото. Обично во сапуниците сите наоѓаат причина да плачат, за да можеме и ние гледачите да сочувствуваме со нивната судбина. Само со нас нема кој да сочувствува. Оти ни ја расплакаа мајката.

    4. Ама Циле на солзите не им верува. А и навредите од Љубчо не го тревожат. Нему историјата му е поважна од сè. Веројатно затоа и ќе му треба историска дистанца за да ги сфати навредите на Љубчо.
    На Циле никој не може да му го расипе историскиот ден. Освен Љубчо. Баш ме интересира до каде можат да одат. Љубчо со навредите, а Циле со дистанцата.

    5. На министерот Никола Груевски од ММФ и Светската банка му рекле дека добро ги води реформите. Анте Марковиќ, пак, смета дека слушајќи го безрезервно ММФ и преполнувајќи ја државната каса, уште повеќе се осиромашуваат стопанството и граѓаните. Се судрија Никола реформаторот и Анте – антиреформаторот и Љубчо го избрка Анте.
    Во Буџетот има 400 милиони марки повеќе. Парите се собрани од раскапаното стопанство и од сиромашните граѓани.
    Од друга страна, јавните претпријатија не знаат што да им прават на парите. Па исклучуваат струја, вода, телефони…
    Сега Љубчо ќе им даде на тие што биле исклучени, за да може да платат и пак да се вклучат. За да може да се направи нов суфицит.
    Туку, да не рече ММФ да нè исклучат сите, па реформите ептен добро да ни тргнат.
    Извинете, според реформскиот курс, може ли да јадеме. Или да го почекаме Банерџи.

    6. Зошто се дигна врева околу Предлогот за специјален закон што сами ќе си го изгласаат пратениците да си осигураат доживотни бенефиции. Зошто им се лутиме. Не се тие виновни. Ние си ги биравме.
    Целосно го поддржувам предлогот на пратеникот Слободан Даневски – Несери пратениците да се заштитат со посебен закон. Па макар им се обезбедиле бесплатни билети за авиони, возови и за автобуси и гарантирана државна работа. Па нека имаат и доживотен имунитет. Ако пцујат во парламент, белки не се сите криминалци. Секогаш ќе се најде некоја влада што на овој народ ќе му земе толку пари за да може да ги плаќа за да не работат ништо.
    Законот ќе се вика закон за заштита на загрозени видови. Овие пратеници, како загрозени видови, треба да се негуваат како опомена. Пред секои избори, граѓаните да се потсетат за кого гласале. Ако веќе не може да знаеме за кого ќе гласаме, барем да сме сигурни за какви не смееме да гласаме.

    7. Пред некој ден, агенцијата Ројтерс објави вест дека британската полиција ќе вработува бивши криминалци.
    Гледате колку Европа не може без нас. Уште не сме се ни асоцирале со ЕУ, а тие веќе земаат наши искуства.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира