САТЕЛИТ И КОМЕТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:46:"Којпобара,добивасигнал

    1. Ова што се случува сега во Битола, со отворањето албанска паралелка во гимназијата е само природен тек на работите. Не дека Битола е албански град или, не дај боже, го сместиле во картите на голема Албанија, туку глупаво е во првата гимназија на Балканот да нема албанска паралелка. Башка, гимназијата се вика “Јосип Броз – Тито”. Како може во Битола да го има Боро, а да го нема Рамиз?
    Сега е битолската гимназија. Пред тоа беше универзитетот на Штул. Пред него тетовскиот универзитет. Па, некаква паналбанска иницијатива, демантирана културна автономија, Хасани кој не е Хасани и Џафери домашниот, заменет со Џафери албанскиот, сателитска програма во која нема албански јазик, Арачиново…
    Секоја недела нов чешит. Инаку, како би се релаксирале. Со коалициониот речник сите овие настани се викаат релаксирани односи. Тие се во однос, а ние се релаксираме.

    2. Премиерот Георгиевски на роденденот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Владата ќе го издржи ударот на опозицијата “и во септември ќе имаме сосема поинаква слика во Македонија”. Што слика? Црно – бела или во боја? Во септември којзнае дали ќе ја препознаеме Македонија.

    3. Како што тргнала работата, откако го сменија Сашко Станинов нема кој да му го чува жезолот на поглаварот на МПЦ. Сè отишло наопаку. Веќе ни Господ не е сигурен, па архиепископот г.г. Стефан на Велигден мораше да се опкружи со телохранители.
    Од кого го чуваа архиепископот момчињата од агенцијата за обезбедување “Комета”? Од верниците кои доаѓаат на најголемиот празник во Соборниот храм да му ја допрат мантијата, да му бакнат рака и да запалат од неговата свеќа? Или од Господ, не дај боже, среде божја куќа!
    Свештениците добија друштво во службата. Нови божји службеници се и момчињата од “Комета”. Така што сега не мора да се вика: “Бог да нè чува!”, туку “Комета да нè чува!”

    4. Кога поглаварот веќе има комета, му треба и сателит. Затоа на прв ден Велигден, наместо во црква, г.г. Стефан отиде со премиерот да ја пушти во употреба сателитската станица во Пуста Брезница.
    Со сателитската програма, сега ќе можат да нè гледаат и нашите во странство. Кога ќе ги фати носталгија, ќе можат да си пуштат директен пренос да видат што пропуштаат што не се со нас. Што повеќе гледаат вести од стариот крај, помалку ќе ги измачува носталгијата. Гледајќи нè што правиме, нема да жалат што си заминале. Ако секој ден ја следат сателитската програма од татковината, никогаш нема да им текне да се вратат.

    5. Што сателит беше тоа што се отвори во Пуста Брезница? Има ли поголем сателит од пуста Македонија. Кој побара – добива сигнал.

    6. На вчерашниот бакнеж на Бранко Црвенковски и Ристо Пенов му недостигаше широката прегратка на Ѕинго. Социјалистите се лутат што не им било дадено директорското место на ЈП “Паркови и зеленило”. Баучкот на шумите кружи над обединетата опозиција. Имаме класичен судир во левицата.
    Тоа што опозицијата побрза со поделбата на директорските места уште пред да дојде на власт, не значи дека е иста како и власта и дека само тоа ја интересира. Особено што власта насекаде поставува несоодветни директори, а опозицијата за “Парковите…” го поставува познатиот драмски автор Сашко Насев.
    Концепцијата на Бранко е друга. Ако не сака власта да си замине, ќе мора да се премине на партизанско војување. А каде ќе се кријат партизаните? Во шума. Затоа освојувањето на парковите и зеленилата во Скопје е од стратешко значење во борбата на шумкарите против ненародната власт. За секој случај, Црвенковски и Пенов си поставија свој шумар, да не им дојде вистинскиот да ги избрка.
    Само, има мал проблем. Да не му текне на драмскиот автор да го смени крајот на приказната.

    7. Во Брисел се бранеше Акционата програма на Македонија за влез во НАТО. Таму беше министерот за одбрана Кљусев. Академикот Кљусев овој пат положи. Од третпат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира