1. Се сеќавате ли кога последен пат сте излегле да гласате? И, што се смени од тогаш до сега? Изгледа дека Бранко кога одеше по митинзите низ Македонија си мислел дека луѓето ќе гласаат за неговата брада, а не за него. Па затоа и не мора да биде премиер. Ќе се скрие зад некој друг, божем ќе се грижи за партијата… Арно ама, луѓето го зезнаа и му дадоа многу гласови, па му го расипаа планот.
Кога Бранко толку се двоумел дали да биде премиер, којзнае уште колку време ќе си ја удира главата за да ги избере министрите. Најпроблематични му се оние од неговата партија. Оти, СДСМ е голема партија, ама нема луѓе за функции. А ЛДП е мала партија, ама богата со функционери.
Не знаеш кому му е потешко. На Бранко што има малку функционерски места за многу членови, или на Пенов што нема толку членови на партијата колку што треба да постави функционери и директори.
А најтешко ми е мене. Нема Влада – нема глупости.
2. Паднав во очај на самата помисла колку ќе ни биде здодевно ако навистина Бранко биде толку лош кон неговите партиски другари, како што најави на Централниот одбор кога го избраа за мандатар и кога им ме закани дека ќе се бори против криминалот и корупцијата. Меѓутоа, сепак остана трошка надеж, оти веднаш се сетив на еден говор во Парламентот пред пет-шест години, кога изби аферата ТАТ. Бранко тогаш беше премиер и рече дека “ни СДСМ, ни свети СДСМ нема им помогне да се спасат тие што се вмешани во октоподот на власта”. Тогаш кружеше приказната дека некој министер во тренерки се појавил во штедилницата во Битола и си ги собрал парите во коферче.
Сега Бранко, на истите луѓе им порачува дека нема да им дозволува некој да им плаќа ручеци. Останаа луѓето гладни. Лидерот не само што сака да ги стави во ред, туку им пропишува и диета.
Тоа што на функционерите на СДСМ ќе им биде забрането некој да ги чести ручек, не значи дека им е забрането да примаат коферчиња со пари. Впрочем тоа Бранко не го спомена. Плус, тој не им забрани и да се интересираат за спорт, туку само не сака да ги види во спортските сојузи. Значи, вљубениците на спорт од редовите на СДСМ можат и во овој мандат да се појавуваат во тренерки. Со коферчиња.
3. Како и да е, до крајот на годинава, можеби и ќе добиеме нова влада. Тоа е извесно.
Не е извесно само до кога Гошев ќе издржи да не се исплаши од ситуацијата. Пред формирањето на Владата, или после?
Имам уште една дилема кога е во прашање идниот министер за финансии. Дали ќе се скара прво со Бранко, или со Пенов?
4. Пак имаше барикади кај Желино. Ние до сега сме живееле во заблуда дека границата ќе била кај Групчин. Не гледате дека штом нешто треба да се блокира, тоа се прави кај Желино. Симболично, таму веќе има и рампа. На патарината.
Среќа што на новиот автопат Скопје – Тетово има две патарини. Па, со тек на време границата може да се помести до првата рампа. Така, Групчин ќе ни дојде до Сарај.
5. Дури и децата во оваа држава видоа дека политиката е најдобар бизнис. Не одиш на часови и стануваш славен. Да ги прашаше некој сите оние средношколци што завчера божем протестираа низ Скопје улици и се обидуваа да делат правда, зошто се на улица, наместо во училиште, не верувам дека многумина ќе знаеја да одговорат. Освен, се разбира дека се губат часови, па со вчерашната екскурзија и денешниот празник си добија пет дена неучење.
До сега возрасните се пресметуваа на улица и колку тоа да изгледаше детско, сепак некако преживеавме. Но, штом децата излегоа на улица да делат правда и да водат политика, тоа веќе преминува во анархија.
Во ситуација кога една влада си заминува, а друга не е дојдена, вистинска среќа е што си имаме претседал на државата.
Борис му го даде мандатот на Бранко и ги прими децата.