1 Поминаа два исклучително здодевни дена во Собранието на Македонија. Се избираше Влада.
Од се што беше кажано, јасно ми е само дека мандатарот мораше да поднесе експозе. Оти така е редот. Ама не ми е јасно зошто мораа да дискутираат пратениците. И од ВМРОДПМНЕ и од СДСМ. И онака на сите им беше умот кога ќе тргнат на одмор.
СДСМ можеа да кажат само едно: “Ние сме виновни, ние си баравме предвремени избори. Да не баравме, како што беа овие олабавени со правење глупости, можеби и сами ќе паднеа. Извинете што ви купивме уште четири години”.
2 За време на изборот на Владата координаторите на пратеничките групи повеќе време потрошија на изборот на “Вест” за најсекси пратеничка. Се гледа дека сериозно си ја сфатиле работата.
Па ни испратија писмо (види страница 9) во кое координаторите на сите пратенички групи, сосе претседателот на Собранието и потпретседателите изразуваат “силно негодување на начинот на кој е проследена активноста, улогата и посветеноста во работата на пратеничките во Собранието” и не повикуваат да размислиме “дали нашиот текст е позитивен за нашето општество”.
А дали нивната работа е позитивна за нашето општество? Еве, ние размисливме и го сфативме следново:
За чудење е фактот што координаторите на пратеничките групи и женското лоби во македонскиот Парламент најдоа за сходно да реагираат на тема сексапил, а досега мирно молчеа за бројни брутални повреди и злоупотреби на женските и човечки и родови права.
На пример, немаше ни реакција, ни акција од координаторите и од женското лоби кога Парламентот реши да ја лимитира платата на жените кои одат на породилно боледување. Ние за тоа сме пишувале во повеќе наврати и тоа на насловната страница, повикани беа за реакција и пратеничките, но тие молчеа.
Исто како што молчат и за срамната експлоатација на женскиот труд по шивалните во конфекциите низ Македонија. Исто како што не изустија ни збор за бруталните кампањи за забрана и ограничување на правото на абортус кое не е само женско право, туку и цивилизациска придобивка.
Исто како што со години молчат и за фактот дека исплатата на породилните отсуства понекогаш доцни и по 6 месеци.
Исто како што не поставија ниту едно пратеничко прашање за алармантната состојба со недостигот на мамографи. Не поставија пратеничко прашање ни кога имаше недостиг на вакцини и цитостатици за болните деца.
Ова се само дел од вистински теми за кои пратеничките и координаторите молчеа, а беа повикани од насловните страници, не само на” Вест”, туку и на другите медиуми.
Конечно, женското парламентарно лоби, како мајки и како жени, не најде за сходно да реагира ни кога специјалец го уби младиот Мартин Нешковски. Пратеничките не изразија дури ни поддршка за мајката на Мартин, а камоли протест.
Зошто за сите овие теми до сега молчат жените пратеници и координаторите во Собранието? Затоа што така од нив бара партијата. И затоа што од никого не добиле налог да зборуваат.
3 Станува збор за забавен текст со кој “Вест” , таков каков што е, веќе 11 години ги урива табуата во општеството и им се потсмева на лицемерите.
Замислете. Координаторите, и тоа на сите пратенички групи, па и претседателот на Собранието и потпретседателите се обединија околу еден забавен избор за најсекси пратеничка, па реагираат оти сме ја “навредиле улогата на жената во општеството”.
Тие биле загрижени за правата на жените? Ја, мајката…
На пратениците им е многу полесно да реагираат во име на жените за забавна тема, отколку да се занимаваат со суштествена заштита на женските права. Оти за одбрана на вистински загрозените женски права треба многу сериозна, умна и чесна работа. А токму таквиот ангажман би бил навистина секси.
Е па, кога женското лоби и нивните солидарни колеги ќе почнат сериозно да се занимаваат со заштита на женските права, тогаш и ние ќе имаме сериозен избор за сериозно секси пратенички.
4 Ако полицијата и инспекцијата не си ја вршат добро својата работа, доаѓаат бандити да работат место нив.
Прво беше откриено дека некој си залепил на својата кола налепница од УЈП и се претставувал како инспектор и наплаќал казни.
Пред неколку дена беа фатени полицајци кои работеле прекувремено како друмски разбојници на автопатот Тетово Гостивар. Запирале коли и ги ограбувале.
После беше објавено дека сообраќаен полицаец додека бил на одмор, на патот Демир Капија Гевгелија запирал странци и приватно си ги казнувал.
Вака беше во Бугарија во комунистичко време и им се смеевме. Е па сега сами на себе да си се смееме.
5 А тоа што од десет туристи што дошле, петшест веќе натепавме,има врска со владините субвенции за агенциите што носат странци во Македонија. Ако веќе сме им платиле да дојдат,што сакаме ќе им правиме. Па нека трпат и ќотек.
Ако продолжиме со вакво темпо на казнување и претепување туристи, в година само Чак Норис ќе одмора во Охрид.