1 Кандидатот на СДСМ за Претседател Љубомир Фрчкоски, откако му честита на Ѓорге Иванов за победата, рече: “Господ нека и е на помош на Македонија”.
Фрчко, веројатно, мислеше дека само Господ може да го замени Бранко. Или, пак, дека откако ќе си замине Бранко, во Македонија ќе биде потоп.
Но противкандидатот Иванов најсериозно ја сфатил пораката на колегата од факултет. И го послуша. Првата работа што ја направи другиот ден по изборот, беше да оди во црква и да запали свеќа. Да му се помоли на Господ за да не биде потоп.
2 По триумфалната победа и на овие избори, го замолувам премиерот Груевски веќе да не му го споменува името на Бранко. Не сакам да чујам ни “Б” од Бранко и ниту едно друго оправдание.
Наредните три години не мора да прави парламентарни избори. Наредните четири години не мора да си го мери рејтингот на локални избори. Наредните пет години не мора да оди во кампања за претседателски избори.
Има време колку што сака. Поарно е да го потроши на остварување отколку на оправдување. Оти сега е одговорен и за косење на тревата по парковите, и за собирање ѓубре, и за поставување клупи, и за аболиција, и за непополнети амбасадорски места, и за преговори за името…
Тоа го сакаше премиере, нели? Е па сега фати се за работа и не жали се. Со ваква победа, ни Бранко ни што било друго не може да ти биде биде извинување. Македонија нема време за чекање. Ама сега стварно.
3 По катастрофалниот пораз, и на в.д. лидерот на СДСМ Зоран Заев како да му олесни. Па рече дека сега тие немаат никаква одговорност.
Е како така? А одговорноста кон 250.000 гласачи што го заокружиле Фрчко. Што значи тоа: “Ние сега немаме никаква одговорност?”. А одговорноста во Парламентот како опозиција? Барем да бидат гласни, да чуеме дека се живи. Конечно, каде им е одговорноста да ја вратат граѓанската левица во живот? Ќе го остават Груевски вечно да владее? Ќе чекаат на Груевски да му тргне лошо? Ќе гледаат сеир и ќе викаат: “Сами си го баравте, сега не ве играме” Демек, ние не сме криви.
Е криви сте. И тоа колку. Кога веќе не можевте да го откачите Бранко минативе пет години и го оставивте да ве манипулира, вратете си го и чувајте си го. Белки и без вас ќе се развие некоја опозиција на која и е важно на земјата да и тргне.
4 Албанците не излегле на вториот круг оти немале добра понуда. Не гласале оти немале асолен кандидат.
Каква понуда им треба ним? Да не мочаат случајно “шанел 5”, па за нив треба некоја специјална понуда. Изборот беше ист и за Македонците и за Албанците. Македонија избира еден претседател за сите граѓани. Не избира еден за Македонци и еден за Албанци.
И 45.000 Македонци сметале дека немаат асолна понуда, па, сепак, излегле на гласање. Го чкртнале ливчето, ама го искористија правото. Исто како што 50.000 Македонци во првиот круг мислеле дека од понуденото треба да заокружат име на Албанец. Па го гласале Имер Селмани.
Не да немаа туку Албанците во Македонија на овие избори за првпат добија добра понуда. Можеа да гласаат слободно без да полни никој, во нивно име, кутии, и да пука за да се добие полесно уверлива победа. Ако тоа не го искористија, сами си се криви. Памет за следните избори.
4 Новиот градоначалник на Шутка Елвис Бајрам вети дека ќе се запише во средна школа за да го дооформи образованието. Немал време за учење оти морал да се вклучи во бизнисот на татко му Амди Бајрам. Татко му чесно си одлежа затвор поради бизнисот, ама бизнисот не смее да страда.
Премиерот од билбордите, сликан со кандидатите за градоначалници, порачуваше: “Заедно можеме повеќе”. Е па сега нека му ја завршат школата на коалициониот партнер. Еден услов од конкурсот веќе исполнува. Има навршено 17 години.
Тоа “Заедно можеме повеќе” мислев дека значи оти градоначалникот и неговите сограѓани заедно можат да сторат повеќе за општината. Арно ама, не било така. Тоа значело: “Заедно можеме повеќе. Ама заедно со премиерот и со Владата”.
Така одеа и последните спотови, кога премиерот им се обраќаше на граѓани на одредени општини од името на кандидатот за градоначалник. Демек, “имаме ние еден кандидат, тој не знае баш многу да зборува, и да каже нешто, може да утне, ама еве јас ќе ви ги соберам парите, па после ќе му дадам нему да ви направи тревници, да ви постави клупи и да ви го собере ѓубрето и ако не знаете кој е тој, еве ви ја сликата” и оп сликата на идниот градоначалник, ама без тон Заедно можеме повеќе.
И после се чудиме оти градоначалник се станува со завршено осмо одделение. И мртви ладни се гордееме дека сме избрале Претседател професор, интелектуалец. Чудо невидено. А кого требаше да избереме за Претседател? Буш? Берлускони? Или Саркози?
5 Холандската амбасадорка Симоне Филипини рече дека “менувањето на името на земјата и изнаоѓањето заемно прифатливо решение боли, но влегувањето на земјата во ЕУ ќе и донесе многу повеќе корист”.
Лесно и е на холандската амбасадорка. Оти сто стапа по туѓ грб ич не болат.