1. Не ми е јасно зошто министерот Павле Трајанов толку дигнал паника за дрогата што исчезнала од Министерството за внатрешни работи. И какви се тие безобразни инсинуации дека државата продавала дрога. Како што тргнале, ќе нé споредуваат со Колумбија. А место за споредба нема.
Колумбија, веројатно, нема покритие за занимавање со наркобизнис. А кај нас, работата си е чиста. Еве, погледнете го само државниот грб на Република Македонија. Нели јасно се гледаат чушките афион? И нели од афионот се прави опиум? Е сега, во нашиот случај станува збор за кокаин, ама, молам – сме напреднале од времето кога е смислуван државниот грб. Па уште и петокраката ѕвезда ни стои, ама тоа не мора да значи дека сме заостанале во развојот. Зашто, кокаинот е елитна дрога. Тоа значи дека и ние сме станале елитна држава.
Ќе се разочарам ако се открие дека кокаинот завршил некаде во странство. Не дека ќе ми се урне чувството на самобендисаност, колку сме ние фини, па употребуваме само елитни дроги, туку и затоа што ќе ни паднат во вода сите приказни за кокаинот од предизборната кампања. Тоа значи дека сме немале нос за таа работа. А 28 килограми кокаин не е ситна доза. Можевме да се нашмркаме цела нација. И ако шмркавме, носовите ќе ни расцветаа.
Со расцветани носови ќе можевме навреме да намирисаме некои работи. Како, на пример, оваа со дрогата. Нели Грците уште од времето на ембаргото нé обвинуваа дека сме биле дилери. Им се смеевме. Тие ни кажуваа, а и сега ни кажуваат некои работи, ама не им веруваме. Те ќе сме се викале вака или онака, те тие знаеле кој ќе ни биде претседател и слични работи. Да не излезе на крајот дека сé што ни кажувале Грците ќе се оствари.
2. Министерот Трајанов вели дека дрогата исчезнала во времето на министерот Чокревски. А Чокревски, пак, вели дека си дал збор самиот себеси дека 100 дена нема ништо да зборува.
Се зафркна. Како ли сега ќе си го одржи ветувањето?
3. Други шмркаат, а премиерот ни е збунет. Не Чокревски, туку Љубчо ќе треба да си даде збор првите 100 дена од владеењето ништо да не зборува. Белки дотогаш ќе сфати што му се случило. Оти, едно е сé што го навјаса, од НАТО, преку Европска унија, Меѓународен монетарен фонд, празна каса, задоволување на желбите на сите што сакаат сега да станат заменици-министри и да ги фатат јавните претпријатија, афери со дрога, па до штрајкувачите што му се закануваат дека ќе го посетуваат, а сосема друго вадењето на неколкуилјаден народ по улици еднаш годишно и контрола на “црвените баретки” да не направат некоја беља.
И така, Љубчо се врати од Брисел збунет и заедно со шефот на дипломатијата Александар Димитров, седна пред новинарите да одговара како на час по современа историја. Веднаш се забележаа промените што ни ги нуди новата власт. Порано Ханџиски кимаше со глава, во знак на одобрување, кога говореше некој “поголем” од него. Сега Димитров му шепкаше на премиерот кога овој не можеше да се сети на некое име или функција. А за шепкање во училиште се знае – или следува бркање од час, или единица за “памет”, или негативно поведение. Среќа што сега учителката беше Доста Димовска, па Љубчо и Александар кај неа имаат протекција.
Инаку, премиерот покажа особено почитување кон личностите со кои се сретнал во Брисел. Веројатно, најмногу се импресионирал од државниот секретар на САД Медлин Олбрајт и еврокомесарот Ханс ван ден Брук. Сигурно и затоа почувствувал потреба да зборува за “госпоѓа мадам Олбрајт” и за “високиот комесар Ван ден Брук”. Навистина, господинот еврокомесар е висок човек, ама како ли ќе го именува вистинскиот висок комесар на ОБСЕ Ван дер Штул, кога човекот, пак, е низок.
4. Белград може да здивне. Министерот за одбрана Никола Кљусев им рече на Југословените да не се плашат и дека нема да има агресија. Тоа е единствен став, бидејќи беше кажан и пред претставниците на власта и пред опозицијата. Во клубот на љубители на НАТО во Куманово се запишаа и госпоѓите Димовска и Кипријанова од Владата, ама и господата Ханџиски и Ружин од опозицијата.
Туку, загрижува изјавата на Георгиевски дека ќе видиме како ќе реагира СРЈ, кога силите за извлекување ќе преминат на нејзина територија. Ова, ставено во контекст со веста дека верификаторите на ОБСЕ веќе биле “заробени” од белградски проститутки во скијачкиот центар Брезовица на Косово веќе е алармантно. Што ако војниците се обидат да ги извлечат верификаторите од силните прегратки на проститутките. И што ако и ним им се заарни на Косово? И што ако навистина успеат да ги извлечат “загрозените” верификатори и ни ги донесат во Македонија.
Тие таму изјавуваат дека ги пробале Италијанците и Германците. Ако посакаат да пробаат Французи или Американци, ќе мора да дојдат и кај нас. И – ете ти беља и меѓународен инцидент. Зашто, се знае, нивните си се за верификаторите, нашите си се за војниците. Ако имаме недостиг на работна сила, ќе се снајдеме, ќе увеземе од Источна Европа. Но, не смееме да дозволиме да ни се мешаат во внатрешните работи.
Е токму тука ја гледам загриженоста на премиерот. Зашто, кога станува збор за жени, ситуацијата може да биде запалива. Ете ти конфликт. Дури тогаш, односите меѓу Македонија и Југославија можат да станат проблем на НАТО.