1. Пуштете ги овие преговарачите од СДСМ да одат некаде на викенд да си ја изладат главата. Да не им текне пак некој нов офанзивен предлог до ДУИ во преговорите за децентрализацијата, како што беше трампата на Струга и Кичево со двојазично Скопје, со која го шокираа Ахмети. Оти, се покажаа како ептен добри преговарачи. Аман, нека не преземаат уште една офанзива. Како тргнале со изненадувањата до коалиционите партнери, и Штип ќе стане двојазичен. Групчин веќе никој не го ни споменува. Тоа е завршена работа. Сега ќе се расправа за Ѓавато.
Преговорите за децентрализацијата се завршени уште во август 2001 година. Ако и тогаш вака преговарале, јасно е зошто сето ова ни се случува.
Сега си играме куклен театар. Тие таму зборуваат за некакви децентрализации на власта, за права на локалната самоуправа, за поедноставна пристапност на граѓаните до власта, за употребата на мајчиниот јазик во остварувањето на граѓанските права, а ваму си цртаат карти.
По кој принцип правото на граѓаните со децентрализација на власта во Чаир ќе се оствари со поделба на општината, а во Кичево и Струга со додавање на други општини? И зошто да се ризикува дотигнувањето на фамозните 20 отсто со придодавање на Кондово и Сарај кон Скопје, за главниот град да стане двојазичен? Дај да го споиме и Тетово, да си направиме една голема двојазична метропола.
Туку, ако веќе правиме муабет за границите, зошто не си го вратиме Љубчо? Тој барем имаше академски пристап кон децентрализацијата. За разлика од Ахмети, кој се грижи исклучиво за почитувањето на човековите права. И за разлика од СДСМ кој има прагматичен пристап кон проблемот. Со двојазично Скопје, тие се уште можат да си го изгласаат Пенов. А ако си ги вратат Струга и Кичево во старите граници, ќе имаат шанса и таму градоначалникот да биде нивен. Ем Ахмети добива двојазичен главен град, ем СДСМ свои градоначалници во Струга и Кичево, ем заедно Пенов ќе го избуткаат за уште еден мандат во Скопје, ем коалицијата среќна и задоволна.
Значи, не било до границите. До власта било.
2. Бучковки рече дека граѓаните Албанците за разлика од Македонците покажуваат поголем степен на толеранција, оти од нивна страна немало барикади што ќе го загрозат целиот процес.
Дали Бучковски зборува за истите граѓани Албанци што блокираа патишта кога се апсеа осудени криминалци. Или, со оние граѓани кои го блокираа патот до Вејце, па Хари како министер за внатрешни работи со денови лично преговараше.
Нетолерантните граѓани Македонците со блокадите го остваруваат правото на граѓански протест. А толерантните граѓани Албанци со нивните блокади протестираа против спроведувањето на законот. Бучковски како професор на Правниот факултет веројатно прави разлика меѓу едните и другите протести.
Кај беше Бучковски пред три години? Кој покажуваше тогаш поголем степен на толерантност?
3. Министерот Агрон Буџаку истрајува на својата определба да не се меша во својата работа.
Тој завчера рече дека не бил архитект. Затоа и не знаел каде е плацот кој го продал за 25 евра по квадрат.
Буџаку не е ни градежен инженер. Затоа и не знае дека тој треба да потпише тендер за уредување на плажите во Охрид.
Буџаку не е ни телефонист. Затоа не знае да одговори дали поскапувањето на Телекомот е во согласност со Договорот со Владата.
Буџаку не е ни пилот. Затоа и не презема никаква одговорност за несреќата на владиниот авион во кој загина претседателот на државата и неговата екипа.
Буџаку не е ни камионџија. Затоа не знае како се делат меѓународните дозволи за транспортерите.
Буџаку не е ни архитект, ни градежен инженер, ни телефонист, ни пилот, ни камионџија. Тој е од ДУИ. Си брка друга работа.
4. Власта забрзано се подготвува за Олимпијадата во Грција. Откако не успеаја да се договорат на кој братучед да му ја дадат работата да постави тоалети долж автопатот од српската до грчката граница, решија да садат грмушки и леандри. На тој начин, отепуваме две муви со еден потег. Ем, патот убаво ќе изгледа, ем патниците ќе имаат каде да одат по нужда.
Предлагам уште на влезот во државата, на голем билборд да се постават упатства за користење на леандрите. Оние со црвени цветови се за жени, а виолетовите за мажи. Да не се збубат случајно јапонските туристи што Илинка уште лани ги најави како бран кој ќе ги заплисне нашите патишта, на пат кон Грција.
Македонија подготвено ја дочекува Олимпијадата. Нашето олимписко мото е: “Да и се вратиме на природата!”