ШУЌУР СОНДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:93:"Кодошењетоесила,кодошењетоемоќ.Кодошиповеќе!

    1 Дали денеска го отворивте поштенското сандаче? Дали ѕирнавте и кај комшијата? Ако не сте, побрзајте. Поарно сами да си го најдете досието отколку да ви го најде комшијата. И да го даде на фотокопирање за до ручек да го има цела зграда. За 27 денари фотокопирање, си имаш строго доверлив документ.
    Од друга страна, не знам што се мачат да ги фотокопираат. Нека ги ставаат на Интернет. Нека си отворат страница на Фејсбук. И нека си собираат пријатели.
    А Владата може да почне со нова рекламна кампања Откупи си го досието за половина евро. И ти си кодош. Или И ти можеш да бидеш кодош. Кодошењето е сила, кодошењето е моќ. Кодоши повеќе.

    2 Ме сретна една фина госпоѓа и ме замоли барем еднаш да напишам за нешто убаво. И цела недела си викам, ајде де, дај да напишам.
    Каде да барам инспирација? На вести на телевизија? Каде што плачеа дека за време на балканската турнеја не дошла Хилари Клинтон.
    А зошто би доаѓал државен секретар на САД во Македонија? Што имаме да и кажеме ново? Не е само Хилари. И другите камен фрлија. Никој не доаѓа, никој не не бара, никој не не поканува, никој не не прашува ни што правите, ни како сте, ни живи ли сте, ни здрави ли сте. Дури ни за името веќе не ни праќаат пораки. Го знаат одговорот напамет ако ги прашаме (а само тоа и прашуваме), и толку. Ниту не сакаат ниту не мразат. Да не се досиејата за кодоши што паѓаат од небото по дворовите, нема ни од воздух кој да не плукне.
    Како тргнала работата, ќе почнат и амбасадите низ Скопје да ги затвораат оти ќе им станат непотребен трошок. Ќе ги сведат на трговски претставништва и на канцеларии за врски. Колку да има да помогне некој ако нивен државјанин заскита, изгуби пасош или, не дај боже, го отруеме, го отепаме со струја или го удавиме во езеро, за да си го вратат дома.
    Ете и туризмот паднал за три отсто. Престанаа да доаѓаат тие што правеа спотови за промоција на туризмот, и веднаш се почувствува. Од бизнис правење, абер немаме. Зоните зјаат како празни ливади со нов асфалт. Низ зоните кои сами си ги разработиле газдите зјаат дупки по патиштата. На билбордите се рекламираат концерти кои се одржале уште во јули. Во весниците и на телевизиите најбројни се бесплатните реклами. Камионите кои се движат по патиштата се бројат на прсти.
    Што да ви кажам убаво? Македонија вечна. Надвор од сите времиња.

    3 Еве уште една убава вест. Еден амбасадор од многу развиена земја ми рече дека планирал да оди со воз до Штип. Му се скинав од смеење.
    Видел ли тој дека нашите возови немаат автоматски врати? Видел ли дека можеби немаат ни врата? Знае ли дека и кога ќе стигне до Железничката станица во Штип, ќе треба да пропешачи едно тричетири километри до градот оти нема автобус.
    Кога ќе се врати од Штип, следната авантура ќе му биде Кичево. Е тоа е веќе авантура. Ако нема одрон на пругата и ако некое палаво дете не го мавне со камен во минување, за дендва има шанси зоља од некоја попатна свадба да го погоди.
    Така е со сите амбасадори првите месеци. Ги држи ентузијазмот. Мислат дека ќе прават нешто во земјава, ама кога ќе видат кај кого дошле, чекаат што побрзо да им заврши мандатот. Се чудат дали ги пратиле во Македонија како награда за да одморат, или по казна да затупат во кариерата. Оти откако ќе пратат дватри извештаи, сигурно после и телефонските сметки не им ги признаваат. Што имаат ново да известат што нивните претходници веќе 20 години не известиле.
    Мислам дека почитуваниот амбасадор сака да се врати во 19 век. Да види како им било на неговите предци кога се возеле со воз. Или ќе се збуни. Кога ќе се качи на перонот на Железничката станица во Скопје, ќе мисли дека вагонот во кој треба да влезе е некоја музејска поставка. И ќе продолжи да чека. Ќе се надева дека вистинскиот воз само што не дошол.
    Е така и ние чекаме. Еве го, ене го, ама возот веќе 20 години не доаѓа. Стои во депото, локомотивата е на ремонт, праговите од пругата одат за огрев, а шините ги тегнат за арматура за постаментот за споменикот на Александар.

    4 Нејсе, во потрага по убави нешта, си дадов задача да не гледам вести. Башка, работам во весник, не мора и дома да се трујам. Анџак, приватниве телевизии купиле турски серии за наредните 500 години, си реков со тој себап, ќе се релаксирам од домашните вести. Демек, ќе ми дојде арно. И тамам се раскомотив, кога што ќе видам. Реки од солзи течат на сите страни. Плачат ли плачат Турците, синким ним им е потешко отколку нам. Тие барем ги имаат почнато преговорите со ЕУ. А и во НАТО се одамна. Не се белки кабает поради тоа.
    Аман, аман, и јас ќе да сум влезен во турска серија. Малку ми се песните од типот “Едно малој моме без мајка остана”, на кои весело играме по свадби, па сега уште и за судбините на тажните турски ликови ли да се сакалдисувам. Немој, џанам.
    Како да напишеш нешто весело во земја во која култна песна е “Со маки сум се родил и со маки ќе си умрам”. Ама и тоа не му било доволно на Македонецот. Туку маките и на гробот требало да му бидат напишани. Да не случајно и потомството, по грешка, му се израдува.

    5 Е убава работа е тоа што 33 чилеански рудари, по 69 дена поминати 700 метри под земја, во беспрекорна акција на спасување беа извлечени на површината. Ги влечеа еден по еден со специјална сонда која, на барање на чилеанскиот Претседател, ја направија Американците.
    Како би било некој и нас со сонда да не извлечеше од тука. Ниту во програмата со 100те чекори ниту во востаничките ветувања се споменува сонда за спас. А богами нема ни сајла да ја повлече.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира