1 Што чека Прчевски? Неделникот “Фокус” упорно тврди дека претседателот на државата Бранко Црвенковски и поранешниот премиер Хари Костов имаат милионски суми долари заштеда во швајцарски банки што не ги пријавиле. Претседателот Црвенковски најави дека ќе го тужи весникот што ги објави документите за трансфери на пари. А јавниот обвинител пак не гледа причина да се замеша во својата работа.
Ако Бранко и Хари се во право, како што велат, тогаш нека почувствуваат на своја кожа каков јавен обвинител ставиле. Тој не е кадарен ни нив лично да ги одбрани.
Станува збор за афера во која се замешани претседател и бивш премиер. Практично, највисоки државни функции. Без разлика како тие се викаат, јавниот обвинител треба да знае дека тие се државни инситуции. И да се виновни и да не се виновни тој мора да реагира. Затоа што по дефиниција треба да ја заштити државната институција. Не Бранко и Хари, туку претседателот и премиерот. Ако Бранко има тајна сметка, тогаш Прчевски да ја заштити функцијата претседател од такви како Бранко. Ако нема, да ја заштити функцијата претседател од клеветата. Просто како ден.
Прчевски веќе еднаш покажа како се деградира институцијата државен јавен обвинител. По загинувањето на претседателот Борис Трајковски во авионска несреќа во Босна и Херцеговина не презеде ништо. Чекаше извештаи од Сараево.
Што чека сега? На швајцарските банки сами да им текне да му пуштат извештај.
2 Прчевски нема време да почне да биде јавен обвинител. Уште учи. Не е прибран дома од што оди по семинари по светот. Ама не дошол до лекцијата како се бараат сметки по банки.
Швајцарија му е особено тешка за совладување. Оти Прчевски во последен момент утврдил дека не го знае швајцарскиот јазик. Немал време да го научи. Секаде беше да учи, само уште во Есперанто не отпатувал.
3 Фирмата Гизеке што ќе ги прави македонските пасоши вели дека петте отсто провизија што ќе одат на адреса на семејството Сикима во Виена е нивна приватна работа. Во МВР велат дека провизијата е легална работа.
Кој ја овластил државата да дозволи пет отсто од моите пари кога ќе си го купам пасошот да одат на нечија приватна сметка, па макар и во Виена? Кој тоа во мое име решил да одобри провизија и уште ме убедува дека тоа е за мое добро? Зошто мора да има приватен посредник за да се донесе странска фирма на државен тендер објавен јавно? И што и кој се крие во посредувањето што вреди над милион евра наши пари преку австриската врска Сикима?
А пасошите уште не знаеме ни како ќе изгледаат.
Да имавме нормален обвинител кој за себе не вели дека е “последната будала во Македонија”, можеби ќе го откриеше и текот на парите што во Виена ќе се слеваат од нашите пасоши. Па да види каде ќе ги префрлува Сикима парите од посредувањето, за да не мора во весници да ги гледаме свифтовите.
Затоа и клучното прашање е дали да не беа тие 5 отсто Гизеке воопшто ќе го добиеше тендерот. Од одговорот на ова прашање зависи дали станува збор за провизија или за чиста корупција.
4 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски е во Кина. Со него е и потпретседателот на партијата Трајко Славевски. Двајцата даваат поддршка на официјалната политика на Пекинг за постоење на една Кина.
Таму ги шетаат по фабрики во некои слободни економски зони. Исти такви какви што со Тајван договараше Груевски кога беше министер за трговија, а Трајко Славевски го потпишуваше договорот како министер за развој.
5 Никола Поповски реши парите од еврообврзниците да ги потроши за враќање на кредитите. Наместо да ги стави во инвестиции и да вработува луѓе тој ќе враќа долгови.
Тогаш зошто и со парите од продажбата на ЕСМ неги исплати сите долгови, па нека почне од ново да штеди.
Таман ќе го научи магарето да не јаде, ќе му умре.
6 Главниот комунален инспектор за Скопје Хамзо Џафери се напил во работно време и со камења ги искршил прозорците од бараките во градското собрание.
Добро е што Хамзо е комунален инспектор па собирал камења од паркот пред Собранието. Замислете да бил главен градежен инспектор. Ќе ги минираше бараките.
7 Кичево на почетокот на 21 век доби кружен тек. Има сообраќајно решение на патот кон ЕУ. Како што рекоа во соопштението на општинската власт, хоризонталната сигнализација била поставена, се чека уште вертикалната.
Спремни сме за кандидат за ЕУ. Хоризонатала имаме, а вертикалата ќе ја добиеме на 15 -ти.