СИГУРНА КУЌА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:56:"ЗоштоКЕБСсепретворивоОЕБС?

    1. “Вечер” дознава од добро информирани извори блиски на партиските раководства што преговараат за составот на новата влада дека работата тргнала и дека ќе бидат задоволени сите барања. На мандаторот Бранко Црвенковски му се одврзани рацете да го проширува составот на својот кабиент вдолж и попреку, за да не се изневерат гласачите што гласаа за Сојузот за Македонија. Рецептот е едноставен – ќе се воведат министерства за џабе. На нивното чело ќе стојат, се разбира, министри за џабе. Додуша, и досега имаше министерства за некои други работи, ама според резултатите министрите им беа за џабе, така што воведувањето нови министерства за џабе само ќе биде одраз на континуитетот.
    Среќа што се пронајде ова компромисно решение. Со министрите за џабе може да се спаси градбата на Сојузот за Македонија. Тие ни викаа “Градиме куќа”. Сигурна куќа. Арно ама, Македонија лежи на трусно подрачје. А нашите градители подзаборавиле да ископаат малку подлабоки темели. Па и градбата баш не е многу асеизмичка. Мал потрес и може да ја урне. Да не зборуваме ако е некое силно тресење. Или, што би рекле Англичаните – “хард рок”.
    Дури сега го сфаќам и предизборниот слоган “Сите ЗА едно”. Тоа ти било – сите за едно министерско место. Сите за Министерството за финансии. Нормално. Кај се видело да се гради куќа без пари?
    Затоа, откако ќе се пополнат министерствата за џабе, најважно е кој ќе стане министер за градежништво. Да ја зајакне конструкцијата. Или, ако се урне, да изгради нова куќа. Не е лошо да се размисли посериозно и за министерот за сообраќај и врски. Во последно време нешто комуникацијата меѓу партиите слабо функционира. Па мораат да се допишуваат како во старо време.

    2. Не знам зошто Малтежаните толку се вознемирија поради промената на името на КЕБС во ОСЦЕ (на англиски). На малтешки јазик зборот ОСЦЕ значи женски полов орган. По последниот самит на КЕБС во Будимпешта и по исто­рискиот неуспех да донесе било каква сериозна одлука, освен да го промени името, Малтежаните треба да бидат среќни што имаат пригоден збор во нивниот јазик за она во што се претвори КЕБС. Сега, малку е незгодно, нивната делегација кога се вратила на аеродромот да изјавела: “Штотуку пристигнавме од ОСЦЕ (читај на малтешки), ама, што е тука е…
    Кај нас, ОСЦЕ се преведува во ОЕБС. Ќе признаете, малку е тешко да се изговараат зборови кога во нив една до друга има две согласки. Препорачливо е, за потечен изговор, помеѓу согласките да се уфрли и некоја самогласка. Вежбајте малку. Јас пробав неколку варијанти и дојдов до една синтагма што вообичаено ја употребуваме како пцовка, кога сакаме некому да му кажеме да ни се тргне од глава. Освен тоа, зборот ОЕБС(со самогласки) има длабоко симболично значење за односот на таа многу почитувана европска организација кон нас. Еве веќе три години ни порачуваат: “ОЕБС!”.
    Истата порака ѝ е испратена и на Босна и Херцеговина. ОЕБС е вистинското име за организација што дозволи да снема од европската карта една нејзина држава-членка, а најголема заслуга за тоа има друга држава што не е членка на ОЕБС.

    3. Истата таа држава, што воопшто не е потресена за постоењето на ОЕБС и на ОН и на сите други кратенки во светот, нам повторно ни нуди да влеземе во (кон)федерација со неа. Така се договорил миротворецот Слободан Милошевиќ со некоја маргинална вонпарламентарна партија на левицата од Грција.
    Што ти е верна љубов! Три години ни едните ни другите не нé есапат за држава, а сега нé повикуваат да влеземе во балканска федерација со нив. Дури и името нема да биде проблем. Бидејќи и онака ќе нé нема. Баш добро би се вклопиле во сојузот на сите српски земји, поткрепени со православието од Романија, Бугарија и Грција, под будното око на мајка Русија.
    Отсекогаш ме плашеле такви неконтролирани љубовни чувства. Ти мислиш те прегрнуваат, а тие всушност сакаат да те задушат.

    4. По задушувањето на тинејџерите во скопската дискотека “Силекс” деновиве читаме дека таа немала градежна дозвола. А имала дозвола за работа. Сега некои бирократи од подрачните единици на министерствата му порачуваат на “Силекс” да ги набави сите потребни дозволи, бидејќи е нелогично толкав објект да се урива, за да може да биде легализиран. Што значи, објектот досега работел нелегално.
    Со дозволите што допрва ќе бидат набавени, дискотеката ќе проработи легал­но. На тој начин отпосле ќе се легализира и смртта на 13 годишната Калина. И, бидејќи сé ќе биде легално, никој нема да има грижа на совеста. Алал да им е! Се знае што е правна држава.

    5. Завчера дојде и италијанскиот потсекретар за надворешни работи да помогне да посредува во проблемот со Грција. Којзнае кој е по ред што ни ги нуди добрите услуги. Пред Италијанците ни дојдоа Англичани, Германци, Амери­канци, Данци, Французи, Руси…
    Во мое маало тоа го викаат – реденка.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира