1. Зошто Владата сака да нé споредува со Тајван, па ни вели дека ако Тајван е чудо во Азија, Македонија ќе стане чудо во Европа. Па ние и онака сме веќе чудо од држава. Еве, цела недела претседателот Глигоров ни беше во Германија, премиерот Георгиевски, заедно со партнерите Тупурковски и Џафери, во Тајван, а земјата успешно си функционираше. Дури, и без нив Куманово стана познато во светот, па сега ќе си конкурира со Блаце. Зошто ние без потреба да се грижиме за Македонија, кога НАТО е подобро платен за тоа.
Кога веќе сé се случува без наше влијание, зошто воопшто раководството да се враќа дома. Глигоров може да се разбере. Има закажано со Олбрајт. Ама Љубчо, Циле и Арбен можевме комотно да ги оставиме во Тајван. Тука им е поубаво. Со нив има и доволно стопанственици, па можат да формираат влада во егзил. Сигурно поуспешно функционираат во Тајпеј отколку во Скопје. Тука Тајванците ги сместија во ист хотел, па мораа секојдневно да бидат заедно. А и меѓусебното озборување им беше отежнато, зашто не беа сигурни кој од делегацијата на чија страна е.
Пенов не мора да го повикуваат. Тајпеј е среден и нема потреба да организира акции за чист главен град. Саво ќе им ја води политиката, Доста ќе разместува кадри, Кљусев ќе води сметка дали први влегле американските маринци од Грција или “апачите” од Албанија… Ако остане подолго во странство, премиерот ќе се изненади кога ќе се врати дома. Љубчо во земјата на чудата.
2. Тајванците им прават неверојатно голема чест, така што тројката може добро да се вклопи и да ја оставиме во Тајван. Циле им личи на Буда. Во Македонија ретко кој му верува за милионите долари и илјадниците вработувања, а таму, ако е Буда, сакале или не, мора да веруваат во него. Џафери и во Тајпеј мудро молчи, така што кај Кинезите може да помине како Конфучиј. А Љубчо ќе го прифатат како последниот кинески цар, зашто сите сакаат да се сликаат со него. Дури и г-ѓа Снежана нема ништо против да остане. Која не би сакала, кога има третман на кинеска царица.
3. За да не ризикуваат премногу со проектот “Македонија”, Тајванците не би требало многу да го слушаат Тупурковски, кој решил да им испрати 10.000 работници од кај нас, да работат таму. Ќе ги расипеме луѓето. Што убаво си работат секоја втора сабота, но бидејќи им е здодевно дома, ќе одат на работа секоја сабота. Не бараат одмор. Имаат осум дена празници, ама доста им се трите дена за кинеска Нова година. И замислете кога ќе им се појават нашите невработени што бараат работа. Камо 1 Мај и второмајски излет, камо спојување за Илинден – цела недела, камо мини-одмор од 10 дена за Нова година и Божик, па цел месец годишен одмор, малку на нива, малку во Охрид, па Живко Толевски со правата за работниците…
Затоа, најдобро е, ако му го мислиме доброто на Тајван, никого да не испраќаме таму. А тие, ако ни се вистински пријатели, како што се претставуваат, нека ни испратат едно 200-300 илјади Кинези. Па тие нека ни направат фабрики, нека ни посеат ориз, нека ни ги спакуваат пиперките и доматите, нека ни гојат свињи и нека ни го продаваат јагнешкото месо.
А ние ќе им ја држиме вратата отворена. Зашто велат дека Македонија ќе им била врата кон Европа. Тоа што веќе имаат трговски претставништва во Австрија, Франција, Германија, Полска, Унгарија, Италија, Холандија, Португалија, Русија, Шпанија, Шведска, Велика Британија и во Турција, не значи дека Македонија не им е потребна. Тие се веќе влезени во Европа и таму прават пари. Ние не треба ништо да работиме. Само да ја нишаме вратата. Белки тоа ќе го научиме за да земеме плата.
4. Додека го пишувам ова, ме јаде јанѕа дека нешто се искомплицирало со посетата. Да не сме ја зезнале работава со домаќините? Поминаа веќе три часа, а делегацијата не добила нов подарок.
5. Сé нешто ми е страв дека, сепак, ќе ги зезнеме Тајванците. Ете, во четвртокот, пред Претседателската палата протестираше опозицијата, поради 300 милиони што Владата ќе ги даде за Балканот. Љубчо не се потресе многу, зашто демонстрациите беа смешни во однос на легендарните ВМРО-вски освојувања на Собранието пред неколку години. Плус тоа, сигурно им ги беше наместил Тито Петковски. Неговото појавување на телевизија во Скопје со критика до Владата што во тешки времиња шета низ Тајван, ги поттикна симпатизерите на СДСМ во Тајпеј да се побунат против ветувањето пари што треба да стигнат во Македонија.
СДСМ беа – гарант! На главите имаа врзано жолти марами.
6. Има уште една работа што ни е заедничка со Кинезите од Тајван. Во Тајпеј, за инает на Малезија, се гради зграда висока 106 ката. За да не се фалат соседите дека нивната 104-катница во Куала Лумпур е највисока.
7. Дури и во Тајван ја дадоа најавата на српската телевизија, кога спикерката прочита дека победила политиката на Милошевиќ. Уште колку вакви победи ќе му требаат на српскиот народ да го собори Милошевиќ од власт, или и натаму ќе продолжат со него во нови и нови победи.