1 Ја молам црквата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Владата барем за време на верски празник да престанат да инсистираат на нови поделби: Македонци немакедонци, христијани антихристи, верници неверници…
Во цивилизирана држава и цивилизирано општество има само една поделба: на луѓе што ги почитуваат Уставот и законите и на луѓе што не ги почитуваат.
Веронауката во државното основно образование по втор пат паѓа на Уставен суд. Еднаш кога беше воведена како факултативен предмет и сега како задолжителен изборен предмет.
Ај да речеме дека Владата со најдобра намера ги изготвила сите закони што паднаа на Уставен суд. Но, исто така, знам дека одлуката на Уставниот суд е конечна и извршна. И точка.
Сакам да верувам дека кога ги донеле законите биле свесни за одговорноста што ја преземаат. Сега со истата одговорност нека се соочат со последиците од тоа што донеле неуставни закони.
Тоа е одговорно однесување на одговорна влада. А не пуштање на студентот Ѓорчев да ми раскажува приказни како било во другите земји и колку зависници на хероин имало.Тој својот Устав не си го познава, а не пак да ми зборува за уставите на другите земји.
Одговорна и возрасна влада сега ќе најде начин што да им прави на тие што ги вработи да предаваат веронаука и историја на религии. Исто како што мора да најде начин да им ги врати парите на трговците на кои им наложи да ставаат патриотски каси. И нека најде пари за сите мајки што ќе родат второ, трето, четврто дете без разлика дали живеат во општини каде природниот прираст е под, или над 2,1 промил.
Ако Владата и пратениците си дозволуваат да не почитуваат одлуки на Уставниот суд, тогаш го поткопуваат поредокот и ја сечат гранката на која седат. Дали се свесни дека со оспорување на Уставниот суд отвораат врата за анархија? Како мислат да владеат во земја во која не се почитува Уставот?
2 Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан повика да се прекине прогонот на верата на просторот во Република Македонија.
Во Македонија со Устав е гарантирана слободата на вероисповед на секој граѓанин. Но, не е дозволено веронауката да се финансира од пари од буџетот. Затоа што тоа се заеднички пари, а ова е секуларна држава и загарантираното право да се биде религиозен не е поголемо од загарантираното право да не се биде религиозен.
Во секуларна држава Господ е Уставот. Амин.
Така што кога поглаварот Стефан зборува дека некој ја прогонува верата брутално манипулира со замена на тезите. Не се прогонува верата, туку со непочитување на Уставот се прогонува правната држава.
Министерот за образование Петар Стојановски рече дека Уставниот суд ја укинал формата на реализацијата на веронауката, но не и потребата од реализирање на веронаука. Но, тоа не треба да биде негова грижа бидејќи тој е државен службеник. Тоа треба да биде грижа на поглаварот г.г. Стефан. И на другите верски заедници кои имаат потреба за тоа.
Впрочем никој ни на МПЦ, ниту на било која верска зедница не им забранил да организираат свои школи и градинки и таму да одржуваат верска настава.
Еве на пример МПЦ нека организира летни кампови во Струга. Веронаука ќе се учи во хотелот “Изгрев”. А децата до таму ќе можат да ги возат во скапите коли и луксузните џипови. Така владиците со личен пример ќе ги учат децата на скромност, да не лажат и да не крадат. И да ги почитуваат другите.
3 Кога на оваа Влада почнаа да и паѓаат законите на Уставниот суд еден правен експерт рече дека се чуди дали ги прават бозаџии, или правници. Или правниците што ги вработиле се разбираат од право колку бозаџиите, или толку се исплашени од владата оти се поставени од партијата, па мораат и тоа што не чини да го спроведат во закон.
Така добивме лоши закони. А и бозата скисна.
4 Јадранската тројка Хрватска, Македонија и Албанија ја викаа јато што требаше да влезе заедно во НАТО. Откако НАТО не не прими оти не сакавме да го смениме името како што бараше Грција, влегоа само Хрватска и Албанија.
Сега има ново јато за НАТО. Ќе влегуваме заедно со Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ние ќе сме им помагале во реформите. Па после тие ќе влезат а ние пак ќе извисиме.
Ќе останат само уште Србија и Косово. Ама тие не треба да се грижат. Ќе ги пречекаме, ќе им ги им ги објасниме предностите на НАТО и ќе ги испратиме.
Оти НАТО е една сериозна организација. Во која Македонија ќе ја има . улогата на одбор за пречек и испраќање. Не е НАТО виновно што Македонија е таков баксуз да ја има Грција за сосед.
5 Велија Рамковски одеднаш преку ноќ стана главен критичар на Владата. Што се случи? Разбрал дека ќе му праќаат инспектори па одеднаш ги користи своите медиуми да се покаже како борец за слобода на говорот? Па како и до сега Владата ќе се исплаши дека во неговите медиуми ќе биде претставена како недемократска и ќе се откаже од инспекциите.
Така е кога Груевски по урнекот на Велија си создаде нова бизнис елита со седнава дефиниција: Ем да должиш пари, ем да не плаќаш, ем да бидеш голем газда, ем власта да те милува, ем опозицијата да ти се упикува.
Велија е македонско економско чудо. Почна со пилешки копани од Америка, а сега сака да заврши со шведско млеко. Нему му успева и невозможното. Од пиле да добие млеко.