1. Кога ќе читате весник, отворете ги двете очи – четири. Никогаш не се знае кога од зад некоја страница ќе ви излезе непријател на редот и поредокот. И телевизија гледајте на штрек. Можеби веднаш зад рекламите, подмолно и злонамерно, како што тоа го можат само новинарите, ќе се појави некој прилог со којзнае каква намера и во којзнае чија функција. Кога слушате радио, безбедносната култура ви налага да се преправате како да сте глуви. Не дозволувајте да ве заведе антидржавната пропаганда на некои новинари кои имаат задача да го дестабилизираат Министерството за внатрешни работи.
Среќа што министерот Томислав Чокревски дојде на чело на полицијата и навреме го идентификува државниот непријател број еден. На Денот на полицијата им објави офанзива на новинарите. Затоа што “ова што сега се прави во некои написи во медиумите и од одредени политички структури во државата против Министерството е исто така атентат врз македонскиот поредок”.
Добро е што конечно се појави Чокре да го спаси поредокот. Да му застане на патот на слободоумието на таму некои новинари од скопските медиуми. Да се пресмета еднаш засекогаш со скопските гемиџии. Еднаш засекогаш да му застане на тоа зло, на таа глупава граѓанска бесмислица од слободно новинарство, што однатре го разјадува здравото ткиво на секоја држава.
На Чокревски и му личи да застане на чело на таа борба. Човекот пред да стане прв полицаец беше активист на Форумот за човекови права. Се гордее со своето славно минато кога бил тргнат настрана поради своите либерални ставови. Има ли посоодветна личност од него, за реално да оцени во чија функција се новинарите, од кого се потплатени и што друго уште прават? Нема! Особено што министерот решил против новинарите да се бори со најмоќното оружје. Со вистината! Само немој по глава, господине министре!
2. Колку би му било убаво на министерот Чокревски да ги нема новинарите. Затоа што живее во држава во којашто безбедноста е беспрекорна. Во таква држава да се биде министер за внатрешни работи е чиста уживанција.
Со оглед на тоа што криминалот е речиси на нула, безбедноста е супер, а полицајците по улиците служат за декорација, министерот практично нема никаква работа. И од немајкаде мора да чита весници. Да не му биде бадијала читањето, министерот се занимава со мисловна анализа на текстовите. Испитува што сакал авторот да каже. Што да се прави, тешка е министерската работа, особено кога знаеш дека од тебе лично зависи поредокот. Бидејќи министерот мора некако и да си ја оправда платата, приморан е по весниците да бара атентатори. Тој едноставно знае дека ги има меѓу новинарите. Затоа што новинарите се поврзани со криминални структури. Смејте се вие, ама министерот еден ден ќе излезе и со такви податоци.
3. Среќа што Чокревски секое утро не чита и странски весници. Инаку веднаш ќе откриеше некој меѓународен заговор. Тогаш ќе мора да ја прошири офанзивата. Ќе се замеша Интерпол.
4. Премиерот Бранко Црвенковски е многу горд на Министерството за борба против новинари. Кога беше на министерот Чокревски да му го честита празникот, рече дека некои од соседните земји би посакувале такви резултати какви што бележи нашето министерство.
Мора да се признае дека кај нас е побезбедно да се живее отколку да речеме во Бугарија и Србија. Иако и тоа е релативна работа. Кај нив на пример не ти се исплати да бидеш обичен граѓанин, или полицаец, зашто таму ги убиваат полицајците. Ама досега не слушнавме дека таму некој направи атентат врз претседателот на државата.
Наградно прашање за министерот Чокревски. Кои атентатори се поопасни: оние од 3 октомври минатата година или овие против кои сега подготвува офанзива? Тој атентат од минатата година не е важен. Затоа што е лански. Многу поважен е овој што сега го прават новинарите врз поредокот на Чокревски.
Министерот искажа една генијална мисла соопштувајќи ни дека “полицијата го штити здравото ткиво на државата”.
5. Претседателот Киро Глигоров денес треба да се врати од Франција. Во негова придружба неколку дена беше и министерот за надворешни работи Љубомир Фрчковски. За разлика од долгата и напорна турнеја низ Скандинавија, оваа во Париз беше куса и порелаксирана.
Шефот на дипломатијата, кога се врати од долгата турнеја, изјави дека таа била како на “Ролинг-стоунси”. Овој пат Фрчковски настапуваше како придружен вокал. Доколку сакаме да опстоиме на традицијата да ги споредуваме патувањата со музички групи, овој пат ќе го споредиме со една помалку позната македонска група. Се вика “Армен и Безимени”.