СМЕШНИ ХОЛАНЃАНИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:242:"НемечудикритериумотнаБранкозаизборнаполитичкивеличини.Мечудиштотиевеличинисеподготвениодноводаодаткурбанзанего

    1 Бев на избори во Холандија. И многу сум разочаран. Сериозна дамка на демократијата фрлија два изборни инцидента. На едно место претседателот на изборната комисија се успал, па го отворил гласачкото место половина час подоцна. А другиот, пак, го заборавил клучот, па се враќал дома да го земе, и отворил 20 минути подоцна. И тоа ти биле избори. Јаките избори. Никој ни со пиштол ни со пушка не припука.
    Ај тоа, туку уште повеќе се разочарав кога ги видов како слават по прогласувањето на резултатите. Младите, ама од сите партии, се собираат заедно да ги чекаат резултатите, и потоа заеднички слават, без разлика кој победил. Будалска работа. Па уште и купуваат карти однапред за журката. Резервираат да не случајно нема место за комплексот клубови во Амстердам, што е многу популарно место за излегување. И забавата им се вика “Прослава на демократијата”. Ги слушаат резултатите, на подиумот се води дебата, сето тоа оди на националната телевизија и после, со пиво почнува журка која трае до сабајле. Не се загрижени дека од победата на едниот или на другиот им зависи работното место.
    Замислете Европската комисија да ни постави уште еден услов за почеток на преговори со ЕУ. Заедно да ги чекаат резултатите од изборите и потоа да слават заедно подмладоците на ВМРОДПМНЕ и на СДСМ. Наместо по затворањето на избирачките места да чекаат подготвени по штабовите со тракторите, камионите, знамињата и со пиштолите, да дојдат подготвени за пиво и за журка. Па уште кога ќе им се придружат и подмладоците на ДПА и на ДУИ… Не сакам ни да помислам колку драматично тоа може да заврши. Сигурно на СиЕнЕн ќе не има. И дури тогаш никогаш во ЕУ нема да влеземе.

    2 Во Холандија е така затоа што се слави победата на народот. Колку и да не им се допаѓаат резултатите, тие се факт, и тие се почитување на волјата на народот. Едноставно, државните интереси се поважни од партиските. И Холанѓаните со секои избори слават победа на демократијата.
    А ние тука? Една анкета за името и за ЕУ имавме, па се испоплукавме. Фалеше уште пиштоли да извадиме и да ги истепаме анкетираните оти имале свое мислење.
    Ние не можеме Илинден и Денот на независноста да ги прославиме сите заедно, обединети и без кавга, а не, пак, нечија изборна победа.

    3 Бранко пак нешто правеше коалиција и рече дека “Тито Петковски, Ѓорѓи Оровчанец, Стојан Андов, Љупчо Јордановски се политички величини за Амди Бајрам, Борис Стојменов, Љубисав Иванов Ѕинго”. Што збориш бе, Бранко? Занемев од оваа изјава. Па нели твои партнери беа и Ѕинго и Стојменов? А на политичките величини што го споменуваш, мајка им расплака.
    Со Тито се скараа неколку пати, па тој мораше и своја партија да формира од што не можеше да го смисли.
    Љупчо Јордановски преку ноќ го врати од Вашингтон каде што беше амбасадор, затоа што напиша писмо со кое го поддржа. А за Андов не знам ни самиот како знае на која страна и со која партија колку пати бил.
    Тие станале политички величини затоа што сите го кркале стапот од Бранко. Баш интересен критериум.
    Не ме чуди неговиот критериум. Ме чуди што тие гореспоменатите величини се повторно подготвени курбан за Бранко да одат.

    4 Грчките граничари со метро проверуваат колку литри гориво има во македонските камиони. Во резервоарите не смее да има повеќе од 200 литри, затоа што, како антикризна мерка, тие решиле дека треба да се купува гориво кај нив.
    А што да прават камионџиите со вишокот гориво? Да го испијат? Да го истурат? Или да ставиме отворени цистерни на границата и секој да си тура и да си одбележува до каде е негово, за на враќање да си го земе?
    Да направеше Македонија ваква антикризна мерка, досега ќе ни ја измереа како уште една пречка на патот кон ЕУ. Тие за споменици ни се мешаат, а не за вакви работи.
    Тоа ли е слободниот европски пазар за кој нам ни викаат дека треба да го почитуваме? Ама на Грците ништо не им викаат. Па и протекционизмот, иако во ЕУ е забранет, им го простуваат од името на солидарноста. Оти, нели, тие се внатре, а ние сме надвор.
    Македонските камионџии ја почитуваат мерката. А што да прават? Да чекаат 20 години државата да им го реши проблемот? Не реагираат ни Министерство за надворешни работи ни Министерството за економија. Нека не се жалат по македонски медиуми. Нека протестираат во Брисел и нека пратат нота во Атина. И така нека покажат дека стварно имаме држава.

    5 Заменикдржавниот секретар на САД Џејмс Стајнберг во средата, преку “Гласот на Америка”, испрати порака до македонското раководство. Рече дека влезот во НАТО и во ЕУ ќе биде награда за Македонија.
    И сега пак не ми е јасно. Ние заслужуваме да влеземе во ЕУ и во НАТО? Или чекаме да не наградат? Ако не наградуваат, зошто тогаш ни поставуваат разни услови? Грција влезе во НАТО за да го брани Западот од комунистичкото влијание на Тито ина Советскиот Сојуз. Од истите причини ја наградија и кога влезе во ЕУ. Па да знаеме и ние дека таму не се влегува според критериуми туку со наградување.
    Ние тука само гледаме како да им се допаднеме. Во моментот кога ќе почнеме да работиме за себе, а не за да не сакаат разни бирократи, и кога ќе ни биде навистина најважно да го подигнеме квалитетот на нашиот живот за нас самите и за нашите деца, тогаш баш ќе ми биде гајле што има да изјават Стајнберг, Фуере, Фуле, Рикер, па дури и Сибелиус што ни го цитираше Оли Рен.
    Само кој да се фати за таа работа? Е тоа прашање е многу поважно отколку “Кога ќе ни дадат датум и зошто не ни даваат?”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира