СОФА СОФРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:54:""Албатрос"ќегопотопи"Нимиц"

    1. Американците нé легнаа на СОФА. Сега можеме да се релаксираме. СОФА е името на договорот за статусот на силите што го потпишавме во САД. Објасну­вајќи ни што значи тоа во практиката, министерот за одбрана Благој Ханџиски ни рече дека сега е создадена правна основа американски сили да можат да престојува­ат кај нас и наши сили кај нив. Остана да го реализираме уште договорот – СОФРА.
    Тоа што сега сме на СОФА е мал чекор за нас, но голем за Америка. Мал, затоа што ние ќе престанеме да се секираме дали Русија ќе стави вето, или не, за продолжување на мандатот на УНПРЕДЕП. А голем, затоа што Американците сега ќе добијат македонски сили во нивната одбранбена структура. Само нека се обидат сега Русите да поставуваат свои ракети на Куба. Ќе се соочат со македонски­от одбранбен бедем на Флорида. Допрва ќе се каат за воздржаниот глас во Советот за безбедност.
    Сега, кога веќе сме решиле да им помагаме на Американците, ќе мора да правиме и заеднички воени вежби. Такви вежби прават и Јапонците. Вежбајќи, минатата недела, по грешка урнале американски борбен авион. Нам таква грешка не смее да ни се случи. Кога би се случила, штетата би била многу поголема. Замислете си, на вежбите што идниот месец ќе се одржат во Албанија да го пуштиме нашето воено воздухопловство. И по грешка, “албатросите” да го потопат носачот на авиони “Нимиц”.

    2. Министерот за надворешни работи на Грција Теодорос Пангалос пред неколку дена на прес-конференција во Берлин изјави: “Поздравете го Фрчковски и прашајте го за здравјето!”.
    Македонскиот министер за надворешни работи Љубомир Фрчковски завчера, по враќањето од Берлин, изјави дека се сретнал со Пангалос “на поминување”, на некој коктел, се поздравиле и се прашале за здравјето.
    Кога веќе се прашале тоа што ги интересира, зошто тогаш и нам не ни кажаа дали се здрави?

    3. Министерот Фрчковски немаше коментар на прашањето што се случува со преговорите во Њујорк. Рече дека прашањето дали тие ќе се случат ден-два порано или подоцна е сосема неважно, туку е важно дека ставот останува ист.
    Министерот е информиран дека преговори минатата недела немало. Тоа што новинарот на телевизијата “А1” во средата од постојаниот претставник на Македонија во ОН, амбасадорот Денко Малески, добил одговор дека преговорите се во тек, е сосема друга работа. Можеби и амбасадорот Малески, исто како и ние ту­ка, се потпира на информациите на грчките медиуми. На крајот на краиштата, тоа што тој е претставник во ОН не мора да значи дека мора да знае сé што се слу­чу­ва во Њујорк. Особено кога тоа не му е работа. Со такви минорни работи, како што се на пример преговори, се занимаваат други луѓе. Како на пример негови­от колега, постојаниот претставник на Грција во ОН, Христос Захаракис. Од каде може Малески да знае што прави во Њујорк амбасадорот Иван Тошевски, кога спе­цијално го испраќаат од тука да се среќава со колегата на нашиот претставник во ОН.
    Тоа што новинарот на “А1” добил погрешна информација, па мораше завчера да ја проверува лично кај Фрчковски, не е нешто што се случува ни прв ни последен пат. Новинарите стигнаа до таму до каде што можат да стигнат и им веруваат на изворите, убедени дека тие се компетентни.

    4. Премиерот Бранко Црвенковски во четвртокот се сретна со раководството на Сојузот на пензионерите. Имаа заедничка седница на тема: “Актуелната економско-политичка состојба во РМ, со посебен осврт на пензискиот систем и пензиите”. Кој смисли ваков наслов – алал да му е. Како од времето кога сегаш­ните раководители на пензионерите беа  општествено-политички раководители.
    Баш сум љубопитен колку некој обичен пензионер, по можност од првата категорија, е животно заинтересиран, за актуелната политичка состојба во државата со осврт на неговата пензија.
    Состанокот се одржа во зградата на Владата. И премиерот и пензионерското раководство се чувствуваа како дома. Црвенковски затоа што слезе само кат подолу од неговиот кабинет. Пензионерските раководители затоа што тоа порано беше зградата на ЦК СКМ. Во истата зграда некои од нив, како општествено-политички работници, донесуваа одлуки за задолжување во странство и потоа решаваа како да ги потрошат парите. Во истата зграда сега повторно се донесуваат одлуки за задолжување.

    5. Признанието “Патент на годината” за оваа година е доделено за пронајдо­кот “Глобален вибро-компензационен конструктивен систем за индустријализира­на градба на вибро-изолирани и сеизмо-отпорни згради”.
    Следи ново признание на тој што ќе успее да го дешифрира името на пронајдо­кот. И утешна награда за тоа што ќе го научи напамет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира