1 Дојде Оли Рен и јавно го искара Груевски. Ама не чувме дека го искара и Ахмети. Нему му прават само услуга. Оти само на Ахмети и на ДУИ им одговара меѓупартиското несогласување да се прикаже како меѓуетнички конфликт.
И наместо да направат нешто со нивниот пулен кој го симнаа од планина, ЕУ ќе ни открива вести за вооружени групи во Танушевци и Дебалде. Ќе нѐ држат во изолација како заложници на Ахмети. Оти тој бил “нешто меѓу движење и партија”. Туф, туф, туф… Ако им треба герила, нека си го носат Ахмети дома. Во нивната ЕУ, во која за нас нема место.
2 На патот кон ЕУ Владата се определи за мазохистички пристап. Откако се врати од Брисел, премиерот Никола Груевски објасни дека познавачите на состојбите во Унијата го убедувале оти тоа што официјалните лица на ЕУ нѐ критикуваат, не е толку страшно.
“Владата не треба да се плаши од силните критики што доаѓаат од Брисел, оти тоа значи дека Македонија е сѐ поблиску до прием во ЕУ. Колку е пожесток притисокот толку сте поблиску до прием”, вели Груевски и објаснува: “И Бугарија и Романија беа под силен притисок пред самиот нивен прием во ЕУ”.
Иако Груевски порачува дека не треба да се разочаруваме, сепак не сме во првиот круг земји што чекаат за влез во ЕУ. Иран има повеќе шанси од Македонија. Него повеќе го критикуваат од нас.
Според логиката на Груевски, Авганистан е веќе во ЕУ. Толку го искритикуваа, што го срамнија со земја.
Северна Кореја потпиша дека нуклеарно ќе се разоружи. Веќе не ја критикуваат. Сѐ подалеку е од ЕУ.
3 Спикерот Љубиша Георгиевски, додека седеше на претседавачкото место среде седница на Собранието, се јави на мобилка. Рече дека се јавил оти имал повик на кој морал да одговори.
Георгиевски е прв меѓу еднаквите. Што ако сите пратеници имаат важен повик и излезат од салата.
Бидејќи е претседател на Собранието, тој го заменува и претседателот на Републиката кога тој не е во земјата.
Што можело да биде толку важен повик за вториот човек на државата? Или Бранко го барал да му каже дека нема да биде дома или жена му му ѕвонела да праша кога ќе се врати за да ги згрее сармите.
4 На плажите во Охрид ќе се носи песок. Според насоките од Владата, тие што ќе ги најмат плажите ќе треба да донесат “автохтон песок и чакал од река Радика, песок од Елешка Река, јужно од селото Гермијан на територија на Република Грција, песок од река Вардар на потегот Игуменица Идомени и песок од пограничниот дел помеѓу Лерин (Грција) и Кременица (Македонија).
Зошто не може на плажата во Лагадин да се донесе песок од реката Марица? Дали е забрането на потегот кон Елешец да се донесе песок од Сејшелите? Што ако некој не сака песочна плажа? Дали може да се истовари некој камен од кањонот на реката Колорадо во САД. Ние на Американците им продадовме земјиште за амбасада, па тие нека ни продадат некоја автохтона карпа од Аризона.
Можеби министрите ќе ни донесат и солена вода од Халкидики. Ако не можат, сами ќе си ја посолиме. Ќе се потиме на сонцето, па според традиционалниот начин на капење, на охридските плажи ќе си ги одмиваме мишките во Езерото.
Според упатствата до закупците, тие ќе треба еднаш неделно да ја дополнуваат плажата со нов песок. Тоа е затоа што Груевски и другарчињата ќе си прават кули од песок. Додека си играат на брегот, будно ќе ги чува колегата Михајло Маневски. Министерката Вера Рафајловска ќе биде задолжена да им прави сендвичи и да ги мачка да не изгорат.
Иако не е баш добра идеја токму Маневски да ги чува. Како што му го украдоа прво капутот, па “мерцедесот”, ништо чудно да му ги украдат и младите колеги од плажа. Ќе ни ги продаде некој министрите во Албанија за органи. Во историјата на Македонија тоа ќе биде најсериозниот одлив на мозоци.
5 Ме плаши дека ова со грчкиот песок ќе биде непотребна пречка за евроатлантските интеграции. Сигурно Атина пак ќе се налути на оваа најнова скопска провокација.
Следниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ можеби нема да биде во Солун. Ама сигурно ќе биде на грчка почва. На плажа во Охрид.