СОНЧАНИ ПРАТЕНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:176:"БашубавоштоновиотгрчкишефнадипломатијатасефалидекаеМакедонец.НиемислевмедекаеГрк

    1. Конечно се создадоа неопходните услови и народните ни платеници да си го искористат своето неотуѓиво право на одмор. И тоа – заслужен. По осум месеци, откако го донесоа Уставот, успеаја, работејќи многу напорно, да донесат уште два закона, од тие таканаречените “државни”. Го одбраа новото знаме и се согла­сија химната да ни остане иста како досегашната.
    Така секој ден во секој поглед сé повеќе напредуваат. Соочени со тешкото бреме дека токму тие се од господ избраните да влезат во историјата, уште и дополнително притиснати со барањата нешто конечно да променат, а ним тоа никако не им успева веќе втора година, сега можат малку да здивнат. Ги огреа сонцето. Од новото знаме. Сега постои опасност толку да се занесат оти којзнае што направиле, па да си залегнат. Ќе се сончаат. Како што се невнимателни, сигурно ќе изгорат. И нема да бидат во состојба да ги донесат другите пет-шест системски закони. Во ноември ќе мораат повторно да го менуваат Уставниот закон. Ќе го приспособуваат на своите можности.

    2. Нé зачудува тоа што сега си имаме наше сонце во Атина да се квалификува како нова скопска провокација. Ќе можеме да фаќаме боја тука, на домашните плажи и нема да има потреба да одиме на одмор во Грција. Тоа што Грците мислат дека сé е нивно, па дури и сонцето можат да им го “продаваат” на оние со снежно белите нозе, дамкави тела и црвени фаци од западна и северна Европа. Таму веројатно и ќе започне новата дипломатска офанзива на свежо поставениот грчки шеф на дипломатијата Михалис Папаконстантину, со уверувањето на “белите” за вистинската намера на “скопјаните”.
    Уште и кога ќе им ја отпее химата “Денес над Македонија”, во која повторно се споменува сонцето, на сите ќе им стане јасно оти ние не посегаме само по Грција, туку плановите ни се да ја освоиме и Јапонија. Како може “сонцето да се раѓа” над Македонија, кога сите знаат дека Јапонија е земја на изгрејсонцето? Дури и на знамето ја имаат ставено црвената вжарена топка. Сето тоа, комбинирано со Илинден кој, според Константину, за прв пат го споменуваме дури сега по 1944, не само што е јасен израз на аспирации кон Грција, туку е многу опасна скопска намера да тргне во ослободување на сите Македонци, кои “старо младо, машко и женско, на нозе се кренале” – насекаде низ светот. Кој вели дека Македонија нема море? Има море – зад Сиднејско поле. А и Торонто е наш. Токио подоцна ќе го ослободиме. Таму ни одговара почвата. Постојано има земјотреси и ќе нé потсетува на Скопје.
    Баш убаво што новиот министер за надворешни работи на Грција Михалис Константину се фали дека е Македонец. Ние мислевме дека е Грк.

    3. Тоа што сонцето се наоѓа на знамето на Република Македонија е уште еден несоборлив доказ за малтретирањето, угнетувањето и воопшто за загрозеноста на албанската националност. Сигурно најзагрозени се оние Албанки што среде лето шетаат со мантили и марами на главите. Мора да се чувствуваат многу непријатно под сонцето. Па барем да беше без зраци, да асоцираше на кече гледано одозгора… А ова македонсково зрачи ли, зрачи…
    Затоа и не треба да им се лутиме на пратениците од албанските партии, затоа што не присуствуваа на седницата кога се донесуваше законот за знамето. По сé што дадоа за оваа држава, во вид на безрезервна поддршка на Уставот, повикот за масовен одзив на референдумот и крајно дисциплинирано спрове­дениот попис, ова со сонцето и не е некој голем грев. Мора да се разбере дека луѓето биле навре­дени. Велат, биле избрани македонски симболи. А тоа, мора да се признае е многу чудно и крајно невообичаено. Каде се чудо и видело државата што се вика Република Македонија да има македонски симболи!?

    4. Тоа име – “Македонија” не смее да се споменува. За тоа најдобро е да се праша премиерот на српско-црногорската федерација Милан Паниќ. Толку се трудеше да им се допадне на Грците, што дури и кога преведувачот во Атина наместо “соседната Република” рекол Македонија, тој попарено реагирал: “Јас не го употребив тоа име!”
    Толку се трудевме и ние да му се допаднеме, само неколку дена пред тоа, ама ништо. Паниќ си е Паниќ, а големосрпската политика не се менува. Тоа што во Охрид се фолираше дека уште вечерта може да ја признае Македонија не значи ништо кога за Грција, исто како и Милошевиќ, зборува како за сосед на Југосла­вија. Нашава држава, по сé изгледа, им се чини како некоја проширена гранична зона во која движењето е без ограничување, а и може да се зборува што се сака, па дури и со кого се сака.
    Сега, кога на самопрогласената СР Југославија од сите страни ѝ се закануваат не само со целосна изолација туку и со војна, уште подобро за нас што Паниќ не ни имал намера да нé признае. Којзнае колку ќе се радувавме на тоа признавање. Сигурно од занес и ќе заборавевме кој е одговорен за војната.
    Ете, Милан Кучан сé уште го памети минатогодишниот јуни. Па на призна­вањето на Словенија од страна на СР Југославија реагираше одмазднички: “Тоа нема никакво значење кога доаѓа од држава што не е меѓународно призната”.
    Дали и нам мораше да ни се случи војна, за еднаш засекогаш да сфатевме дека на сé што доаѓа од Белград не мора така наивно да му веруваме. Добро е што го фативме Паниќ во лага. Барем да сме начисто со кого си имаме работа.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира