СОЦИЈАЛИСТИЧКА РЕВОЛУЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:115:"ВоМакедонијапристигнуваативојнициод"Варшавскиотдоговор"

    1. Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Толевски, по повикот за бојкот на Законот за приватизација и по генијалната замисла да собере 150 илјади потписи за предвремени избори, бидејќи ова собрание ги изневерило работничките интереси, сега ја презема улогата на македонски Ленин. Треба само да пушти брадичка, малку да ослабне, а оќелавувањето ќе му дојде како последица од прекумерната загриженост за работничката класа.
    Неговата историска изјава од типот “Има многу капиталистички земји, ама само малку се богати”, дефинитивно го вбројува во редот на револуционерните визионери, кои со гнасење се борат против капитализмот, во кој експлоатираните работници на “Мерцедес” се принудени да возат “мерцедес”, бидејќи само за таа кола од фирмата им даваат попуст и повеќе рати, и со револуционерен жар се впушта во битката за бескласно општество во кое сонот на секој работник – по еден велосипед на секое семејство – најмногу за педесетина години ќе биде прекрасна реалност.
    Паролата испишана со црвени букви на плакатот на синдикатите: “Не ограбувајте ги работниците, ќе нема кој да ве храни”, според современите гледања на ревитализаторите на самоуправувањето не е никаква демагогија, туку чиста вистина, поткрепена со фактот дека 100 германски марки плата во Македонија се вистинска радост за работничката душа во однос на илјада марки во Германија. Тие што велат дека со вакви соцреалистички слогани работниците само се потпалуваат, а нивната фактичка немоќ уште повеќе се зголемува, опасно грешат. Тие не го земаат предвид податокот дека голем број од работниците-акционери, кои во своите акционерски друштва не примиле плата повеќе месеци, во име на Живковата револуција одат да работат во приватни фирми, со надеж дека ќе ги поткопаат однатре со самото тоа што приватникот ќе им го исплати заработеното на време. Случајно познавам многу такви луѓе – акционери без пари, кои по напорната работа кај некој приватник воопшто не размислуваат дали дел од заработувачката да одвојат за нов врамен портрет на Ленин или да го финансираат печатењето на црвени плакати за уривање на Владата и парламентар­ците, а подоцна и да му платат на некој приватен печатар да им ги отпечати референдумските ливчиња со прашањето: Дали сме за предвремени избори?

    2. Кога може Живко Толевски да повикува на бојкот на Законот и да дава изјави дека тој Законот не го признава, тогаш кој може да ми забрани мене, ако утре ограбам некоја банка, кога ќе дојде полицијата да ме уапси да се бранам со изјава дека јас не го признавам Кривичниот закон. По логика на синдикалистот, никој во оваа држава не треба да се секира да ги почитува законите што не му се допаѓаат. И онака, во неговото бескласно општество, главниот збор треба да го има само една партија што ќе владее во името на работниците, па законите само ќе пречат за нормално функционирање на системот.
    Министерот Јане Миљовски, по повикот за бојкот на Законот, рече дека за такво нешто во други земји се оди  на суд. А што ако Живко Толевски толку се умисли во својата авангардност, па на судењето изјави: “Јас не го признавам овој суд. Го признавам само судот на мојата партија!”

    3. Македонија станува сé поинтересно место за живеење. Еве, сега сериозно заинтересирани за преселување кај нас се и војниците од земјите на Западно­европската унија. Уште не успеавме да ги дочекаме Американците, кога еве ти го парламентарното собрание на Западноевропската унија, кое препорачало испра­ќање воени контингенти во Македонија, заради зачувување на стабилноста на регионот.
    Тоа ти се вика општество во транзиција. Од идеја за демилитаризирана зона, па преку оаза на мирот, сега стануваме центар за обединување на сите можни војници во светот. Нема да ме чуди ако по Американците и Европејците, утре веќе нема да се огласи и Организацијата за африканско единство. Веднаш потоа и АСЕАН, а за да не останат покуси, одлука за испраќање свои војници ќе донесат и членките на Конференцијата на исламските земји.
    На толку мал простор толку многу војски – ете можност да се прославиме, доколку станеме полигон за почеток на Трета светска војна. Како ли, на пример, ќе ги поделат скопските кафеани според сферите на влијание Американците и Европејците? Што ако во дискотека со американска зона на интеес се појават Африканци? Или пак некоја плажа во Охрид под исламско влијание ја бендиса некој Европеец-католик? Ќе мора Армијата на Македонија да го чува мирот, со тоа што нејзините војници ќе претставуваат тампон зона меѓу завојуваните страни.

    4. За малку ќе изумев. Сите овие комбинации со светските војници паѓаат во вода ако успешно се изведе самоуправно-социјалистичката револуција на Синди­катот. Во Македонија ќе пристигнат војници од земјите на Варшавскиот договор. Ако треба, повторно ќе го потпишат. Синдикатот бесплатно ќе им ја отстапи салата во Работничкиот дом во Скопје.

    5. Главна патриотско-културна атракција во изминатите денови беше минис­те­рот за култура Ѓунер Исмаил, кој на Биеналето во Венеција своерачно го зака­чил на јарболот знамето на Македонија.
    Очевидците велат дека тоа било сосема работно, ни малку свечено, никој не стоел мирно, никој не ја пеел химната. Едноставно прашање: Од десетина луѓе од Македонија во Венеција, кој требаше да го закачи знамето: уметниците, нови­нарите или министерот?
    Во иднина министерот ќе треба со себе да носи и некој кошаркар. Не се сите јарболи во светот толку ниски како оној во Венеција. На пример оној во Њујорк?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира