СРЕЌЕН ДОБИТНИК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:100:"Колкуповеќетокмацинавласттолкупослободнадржава.

    1 Нема крај на чудата во нашава чудесна Македонија. Ако случајно останеме без тема за карање, веднаш ќе си најдеме. Па макар била и за споменик.
    Во истата недела кога сондата Кјуриосити од Марс прати снимки од кои се дознава дека таму имало вода, кај нас ДУИ се сети дека пред седум века може вода за пиење немале, ама биле угнетувани од цар Душан.
    Освен одличните ученици што учеа во стариот режим, кој знаеше за цар Душан, додека не решија од него да се прави проблем? И што му требаше воопшто на Стоиљковиќ од партијата на Србите да го најавува на конгрес споменикот, кога и онака царот ќе си се стопеше со околината и ќе се изгубеше меѓу стотината други споменици. Којзнае меѓу тие другите кој сe не е ставен и прашање на време е кога ќе се најде некој споменик кој некому му пречи. Кај што потрошивме многу пари, кај што се такви какви што се, сега уште и ќе се тепаме за спомениците.
    Монти Пајтон е надминат. Уште им се свежи сеќавањата на Албанците од Македонија какви зулуми им правел цар Душан во 14 век, па искуствата им ги пренесоа и на Македонците, за да можат и тие да се караат меѓу себе за српскиот цар. Па и полицијата ќе ја арчиме. Не знаат што побрзо да чуваат. Дали автобусите за да нема тепачки меѓу малолетниците, или спомениците за да не му текне некому со токмак да си истерува своја правда. Во МВР молат новинарите пак да протестираат, оти тоа им доаѓа како одмор, во споредба со безбол палките и ножевите по автобусите и со токмаците на ДУИ.
    Демокративе од партиите на Албанците дваесет години нe удавија со приказните за угнетеност и борба за човекови права, и, сосема соодветно на нивните зборови, со дело го промовираа токмакот како алатка на демократијата. Со оглед дека пратеници на ДУИ учествуваа во атентатот врз цар Душан, очекувам во Собранието да побараат измени на Уставот. Од ДПА веќе имаат поддршка, така што токмакот ќе влезе во Устав како единица мерка за демократија. Што повеќе токмаци на власт толку послободна држава.
    Звучи апсурдно и комично. Ама не е воопшто смешно, ако ти текне дека тој што денес мава со токмак по споменик, утре ќе дигне токмак врз секого што мисли поинаку. Што кажува тоа за заедницата која демократијата и човековите права не ги вади од уста е друго прашање.

    2 Не знам зошто толку се потресовме што од музеите фалат стотици артефакти. Голема работа. Можеби нe фалат. Можеби се спасени. Да останеле во музеите, можеби некој ќе им се навртел со токмак. Ако некој сe уште се сеќава како го угнетувале пред седум века, што да кажат тие што биле угнетувани во праисторијата. Сигурно некој ќе се сети. Долго се памети на овие простори. Затоа од паметта си патиме.

    3 Еве и јас паметам дека во средината на осумдесеттите години од минатиот век, во тогашна Социјалистичка Република Македонија, ЦК на СКМ донесе одлука за акцијашко вработување, за да се намали невработеноста. Подоцна Собранието на СРМ донесе и закон за вработување. Така на фирмите им беше наложено да се вработуваат психолози, социјални работници, филозофи, лингвисти, компаративни книжевници, историчари на уметност… Директорите се бунеа оти не им требал таков кадар, ама стасал абер од Це-Ка. А Це-Ка си е Це-Ка. Знае најдобро што ти треба.
    Со министерот за финансии Зоран Ставрески сме горе-долу врсници. Сигурно и тој се сеќава на таа акција за вработување.

    4 Си гледам телевизија, оди некоја забавна емисија, и одеднаш на екранот горе се појавува крол “Оние што животот и` го претворија во пекол, оние што на сила и` ја одзедоа честа, дојде време да одговараат пред полицијата”. Еј, си викам, пак брејкинг њуз. Кого ли поапсија вечерва? Кога тоа, не било вести, туку најава за некоја Фатмаѓул.
    Свртив на друг канал, кога таму пак крол со важна вест: “Гледајте внимателно. Запишете ги буквите што се појавуваат на секои десетина минути, ќе ви дадеме прашок за перење”. Па кај нас телевизијата не е телевизија. Тоа е интерактивно доживување. Не смее да падне концентрацијата ни за еден миг. Инаку отиде прашокот. Она време што не го минувате на Фејсбук, задолжително посветете му го на телевизорот. Ако не ви дадат прашок, можеби ќе ви извлечат некакво вработување. А на 30 декември со фискалните може и стан да добиете. Но треба мудро да се изигра. Внимавајте на чие име ги испраќате ковертите.Оти на овие од Владата може да им текне и на уште една акција од осумдесеттите години. Одеше под слоганот “Имаш куќа, врати стан”.
    Како во санаториум сме. Помеѓу вестите колку на Македонија и` расте џидипито и рекламите за судбинското значење на Агенцијата за електронски комуникации, ние се концентрираме на чекањето државата да нe извлече од барабанот и да нe направи среќен добитник. А во меѓувреме духовно се надградуваме со ТВ-приказни во кои жени по цел ден прават интриги. Ништо не работат. Не готват ручек, не копаат во бавчата, не чистат по дома, не молзат крави… Не ни пеат. А мажите се борат за нивната чест. Се отепаа од работа да станат јунаци, додека жените озборуваат.
    Има ли поспремна публика за овие приказни од македонската?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира