1. Бидејќи, како што вели српскиот четнички војвода Шешељ, “единствено Србија е овластена да им даде согласност на Албанците од западна Македонија за формирање српска Илирида”, страшно напатеното, со векови угнетуваното и на работ на асимилација доведеното албанско население од Македонија има причини за радување. Најпринципелното милениче на осведочениот албански пријател Слободан Милошевиќ го поддржа основањето на “Илирида” на територијата на Македонија и тоа го образложи со зборовите: “Тоа отсекогаш бил српски крај и оттука Србија има право над тие свои територии”.
Албанските композитори сепак не побрзаа во знак на благодарност да испеат шлагер “Хвала ти Србијо”, затоа што тука работите не се премногу јасни. Имено, Шешељ инсистира на името “Српска Илирида”, на што тукашните Илири не се согласуваат. Освен тоа претстои дополнителна расправа за сукцесијата на таканаречената Република Македонија, затоа што нејзината територија ќе се подели меѓу Србија, Албанија, Грција и Бугарија. Проблемот е во тоа што и Србија и Албанија настапуваат со истата логика – сите свои да си ги соберат во една држава. Што преведено на прост јазик значи: Таму каде што сме повеќе – тоа си е наше, а таму каде што сме помалку – пак е наше, затоа што не смееме да дозволиме да бидеме малцинство. Гледајќи што се случува во Босна, може само да се замисли што би се случило кога за Српска Илирида би се степале еден Радован Караџиќ – Србин и еден Радован Караџиќ – Илир!? Такви типови, за жал, има колку сакаш и на ова поднебје. И што е најтрагично – добро успеваат.
Македонците тоа совршено не ги интересира. Тие чекаат да ги признаат.
2. Не се ни свесни дека со таа своја активност му го расипуваат варењето на главниот уредник на “Политика” Александар Прља, кој како специјален известувач се јавува од Атина. Па не може да ужива во изборот на свежа морска храна во Маринскиот клуб во Пиреј, на чист воздух над брдото Ликавитас. Затоа што Грците можат да забораваат на сите грижи, но никако не можат да се откачат од “проблемот на Република Скопје”.
“Како во некои стари времиња, додека само што се зацврстуваше христијанството, стравот од Картагина во Рим така и стравот од едностраното прогласување и признавање на “Република Скопје” се вовлекол под кожата на современите генерации Грци”, вдахновено раскажува Прља во вчерашната репортажа од Атина со наслов: “Скопје анте портас!”. Тој вели дека “темата “Република Скопје” просто нема конкуренција овие денови во земјата која кај генерации Срби е доживувана како земја на нашиот јужен сосед” и објаснува зошто е тоа така со цитат на некој негов колега: “Се менува чувството на сигурност и пријателство, што по традиција го негуваме кон север, каде што отсекогаш биле Срби”. А некој пратеник му изјавил дека “навикнале Србите и Србија да им се на граница, горе на север”. Сиромашките, сега ќе мораат да си ги менуваат навиките. И тие, а и уредникот на “Политика”. А тоа кај Балканците тешко оди.
3. Во истиот текст уредникот со лошо варење на морска храна обелоденува дека според грчките статистики во “Република Скопје” има близу 700 илјади Албанци, 300 илјади Срби, околу 200 илјади Власи и Грци, неодреден број Роми, 300 илјади се изјаснувале како Македонци, а околу половина милион се чувствувале Бугари или пробугари.
Најдобар доказ дека нема 300 илјади Срби е податокот што армијата ја напушти Македонија. Да ги имаше барем петина од тој број, таа одамна ќе им поделеше оружје и сега ќе ни ги ослободуваа градовите, еден по еден, како што ги ослободуваа во Хрватска и како што ги ослободуваат сега во Босна и Херцеговина. Можеби веќе ќе ја имавме и таа среќа деновиве да ги чекаме сините шлемови.
Обединетите нации треба конечно да го опоменат Милошевиќ дека светот веќе премногу троши за да ги покрива неговите ситни задоволства. Како што заглави во Хрватска, сега ќе заглави и во Босна и пак на помош ќе ги вика сините шлемови. Па потоа ќе се фали дека успеал да обезбеди мир за сите времиња. Вечен мир.
4. Таканаречената југословенска комисија за соработка со УНЕСКО завчера демантирала дека “историското јадро на Сараево е вклучено во светското наследство под заштита на УНЕСКО” – како што било наведено во апелот на Претседателството на Босна и Херцеговина да престанат нападите на овој дел од главниот град на БиХ.
Според тоа, Комисијата на ТАНЈУГ дообјаснува: “Сараево, ниту како град, ниту неговото старо јадро, не се запишани во листата на УНЕСКО”.
Тешко на оние што не живеат во градови под заштита на УНЕСКО. И тешко ѝ на државата и на граѓаните што живеат во неа, во која на луѓето што работат во таква институција може да им текне да испратат демант со поглупава содржина. Останува уште ТАНЈУГ да објави: “Почнаа завршните операции за ослободување на Сараево!” Како што своевремено известуваше кога Србите го “ослободуваа” Вуковар.
А Дубровник? Нели тој навистина е под заштита на УНЕСКО?
5. Во врска со признавањето на Македонија веќе нема што да се разговара. Потребен е радикален пресврт во водењето на надворешната политика. Следниот пат на министерскиот состанок на Европејците претседателот Глигоров, наместо да патува со министерот Малески, нека го земе со себе артистот Мето Јовановски. Тој нека им влезе на министрите додека ручаат и нека им ја каже репликата од филмот “Тетовирање”: “Признај, признај, п……. ти материна!”.