1 На Македонија и треба нов Рамковен договор. Овој пат ќе го бараат Македонците. Затоа што треба да им се загарантираат сопствените права. Сега ќе се носи закон според кој не смее да се распишува референдум за прашања кои се од Рамковниот договор. Македонците да не можат ништо сами да си решат во сопствената држава. Затоа што по 2001 година, 25 отсто од населението е порамноправно од другите.
Ако по некоја случајност добиеме покана да влеземе во ЕУ, ние не ќе смееме да распишеме референдум. Ако Албанците сакаат да го чекаат Косово за да влеземе во ист пакет со него, тоа е веќе прашање кое задира во правата од Рамковниот договор. И после Кондарко ќе излезе да објасни дека тоа било легалистички.
2 Овие прашања од Рамковниот договор за кои треба согласност и од Албанците се викаат прашања кои се гласаат со Бадинтерово мнозинство.
Го прашале ли Бадинтер дали е за референдум или не? На пример, дали Бадинтер излегол на референдумот во Франција за Уставот на ЕУ? И дали би можело и кај нив да се примени рамковното правило дека Французите не смеат да распишуваат референдум ако бројното муслиманско малцинство не се согласува со прашањето?
Во Франција не се изгласа Уставот на ЕУ. Нема Бадинтерово мнозинство во Франција. Ама затоа има Бадинтерово мнозинство во Македонија.
3 Нашите политичари секогаш кога ќе треба да донесат некоја одлука од Рамковниот договор одат во планина. Странците ги собираат во Маврово. Тоа е смислена тактика на ДУИ. Затоа што за нив планината е природна средина. А овие од СДСМ не можат да се адаптираат за еден викенд. Ќе ги фати воздух, ќе се шашардисаат и после сe што ќе им речат прифаќаат.
Минатиот викенд беа во Маврово за да го прифатат законот за употреба на знамињата на етничките заедници. Тоа значи дека знамето на Република Албанија ќе се вее во западна Македонија.
Во Македонија треба да се донесе друг закон. Не секоја заедница, туку секој граѓанин да си има право да си вее свое знаме. Попрактично е. Затоа што знамињата се закачуваат на стапови. Кој нема знаме, ќе си има барем стап. И нема да ги бараме правата секој со своето знаме. Туку секој со својот стап.
4 Ако ова решение за употреба на знамето на Албанците во западна Македонија е толку подготвено според меѓународни стандарди и во согласност со нашите евроатлантски ориентации, зошто странците не им дозволат на Албанците во Косово да го веат државното знаме на Република Албанија?
Што ќе се случи ако Косово стане независна држава? Ќе ја примат во Обединетите нации. Зар пред зградата на ОН во Њујорк ќе се веат две исти знамиња? Или, можеби три!?
5 Од Европската унија ни кажуваат какво знаме треба да вееме и кога смееме да распишеме референдум, а во исто време ни порачуваат дека по референдумите во Франција и Холандија ќе треба малку да направат пауза во проширувањето. Тие не знаат што да прават со себе, па ќе се занимаваат со нас.
Ете, сега си имаат проблем и со Уставот и со буџетот. Зошто ако проблемите најлесно се решаваат на планина, наместо да се состануваат во Брисел, не се соберат во некој хотел на Алпите. Па да им дојде Буш за да ги поттикне да разговараат меѓу себе. И да им држи предавање за демократија, човекови права, употреба на јазици, веење на знамиња, кога смеат да одат на референдум, а кога да си седат дома…
Како што тргнале, и тоа може да ги снајде.
6 Кога нема друго и самопослуга е инвестиција. Особено ако е голема како “Рамстор”.
Во која држава Претседател држи говор на отворање на самопослуга? Само во држава во која самопослуга е најголема странска инвестиција. Ако Бранко држи политички говор пред тезги, тогаш и одењето на пазар за неговиот народ е културен настан од највисок ранг. Поголем и од Цеца, а Крафтверк и да не го споменуваме.
ОКТА им беше дадена на Грците во четири очи и Љубчо, кога беше премиер, со неа се фалеше како со најголема странска инвестиција.
И земјиштето за изградба на “Рамстор” во центарот на Скопје беше дадено во четири очи. И Бранко кога беше премиер се фалеше дека тоа му е најголема странска инвестиција.
Локацијата е дадена речиси бадијала во центарот на главниот град на државата.
Турскиот бизнисмен супермаркетот изграден на евтино платеното земјиште им го преотстапи на управување на две фирми една локална, една бугарска.
Дуќанџиите плаќаат кирија.
Производителите и трговците за секој производ во самопослугата плаќаат влезна такса по бар код.
За паркирање ќе плаќаме ние.
Во странската инвестиција ќе ги трошиме платите што сме ги заработиле во некој од рудниците. И тие се исто така странска инвестиција.
7 И на Кондолиза Рајс и дојде редот да се слика со Илинка. Министерката Митрева отиде во Америка. Си додаде уште една слика во фотоалбумот. Од соопштението за кусата средба со државниот секретар на САД не успеавме да дознаеме како за само 10 минути отвориле четири битни прашања и ги затвориле.
Изгледа дека уште при отворањето заклучиле дека се истомисленици и си рекле “Ај да не збориме многу, дај да се сликаме”. Немале време ни да седнат.