1. Реков и пак ќе речам, како што би рекол премиерот Георгиевски. Македонскиот народ традиционално се определува. Или Тито или Борис.
Па сега постои загриженост дали во вториот круг ќе излезат доволен број гласачи за да се избере претседател. Зашто народот има специфичен однос кон власта.
Апстиненцијата баш не е здрава. Ама, ако на човек му е здодеано и нема избор, можеби тоа му е единствен начин на уживање.
2. Многу ми е жал што раководството на ВМРО-ДПМНЕ не уживаше во вечерата што ја подготвија за прославата на победата на Борис Трајковски. Баш убаво се внесоа во улогата што сами си ја доделија. Дојде време репресираните да бидат нобл, да не одат пешки по прашливи патеки од село в село, туку да седат на богата трпеза со сатенски чаршафи и панделки… Имаше ли смисла народот да им ја расипе прославата, баш убаво се беа дотерале. Можеа и оро да заиграат…
Вака, им остана само жални песни да пеат и претседател да сонуваат. Оти биле најголема партија и не смееле да си дозволат да одат без свој кандидат. А ваму, ни храната не можеа сами да ја изедат. Им остана в грло. Да одеа заедно со Циле, ќе беше сосема поинаку. Барем софрата ќе им се исплатеше.
Чуден некој народ. Ај што не дораснал на мудроста и талентот на Борис, туку бидуваше ли да гласа за оној мајорот Тито. Барем маршал да беше, ќе разбереа.
Интересно како народот брзо заборава зошто минатата година гласаше против СДСМ. Ист е како премиерот. Нормално, и Љубчо доаѓа од народот. И тој заборави на времето кога независноста на Македонија, заедно со другарка му Доста ја прославуваа со лепче и кашкавалче на чепкалка за заби. Да не одиме подалеку – каде беше Љубчо минатата година и каде му беа свадбарските софри на белите чаршафи, кога ја прославуваше победата на парламентарните избори. Ги чуваше за годинава.
3. Љубчо се налутил зашто останал гладен вечерта кога требаше да победи и, како секоја нервозна домаќинка кога ќе се налути, за да си ги смири нервите, почнал да чисти низ куќата. Го мете подот. Ама, метејќи, дига голем прав, па не може да види околу себе кого уште треба да исчисти. А кога не гледа, може да биде опасно за него. Од метлата ќе му остане само стапот в раце.
4. Разочарувањето е уште поголемо, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не само што понуди подобри кадри од еден Бузлевски, на пример, туку се трудеше во осум месеци да го постигне сето тоа што СДСМ го постигна за осум години.
Како резултат на таа трка со времето, постигнат е и повисок квалитет на услугите. Според неофицијалниот рекетарски ценовник, за еден шлепер странски цигари кој треба да транзитира низ Македонија, се плаќаат и до 100 илјади марки. Извозот на домашни цигари чини 20 илјади марки по шлепер. Транзитот на кафе оди и до 20 илјади марки, а шлепер виски чини 30 илјади марки. Само со нафтата не им оди како што му одеше на СДСМ. Тие тогаш беа неприкосновени во нафтениот бизнис. А на новите “нафташи” сега им пречи црногорската и албанската мафија, зашто на Косово, тие продаваат поевтино.
Тука некаде се движеа и цените на СДСМ. Само што тие тогаш мислеа ќе владеат вечно, па не брзаа и не ги фаќаше нервоза, па затоа и шверцот не го правеа толку транспарентно. ВМРО-ДПМНЕ на примерот на СДСМ виде како народот казнува, па затоа побрза навреме да си ја заврши работата, додека и нејзе не ѝ стигне казната.
Се виде. И минатата година, и оваа, народот казнува. Како што тргнал народот да се освестува, тешко на политичарите. На следните избори ќе биде уште посуров. Па ќе се чудат што му е на народот. Доста му е.
5. Велат дека Змејковски ќе се врател триумфално во партијата. Дали ќе го врати и капутчето?
6. Сега Борис ја повикува и коалицијата на помош. Ако алтернативците на Циле не гласаат за него, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Љубен Пауновски вели дека ќе бил доведен во прашање и проектот Тајван.
А да ја прашаше Љубен својата колешка, министерката за развој Милијана Даневска дали испратила независен супервизор во Тајпеј, да го провери бонитетот на Тајван, за да види дали може да им даде дозвола за зоната во Бунарџик, или за трафика. Се разбира, ова за трафиката не може да помине, дури и да се платежно способни, ако министерот за урбанизам Душко Кадиевски вели дека нема слободни локации.
Во меѓувреме, би можел Сашко Станинов, заедно со Љубе Бошковски и Пане Велев да им упадне на Тајванците да им го открие неплатениот данок на парите што ги дале за Македонија. И да се направи ревизија на приватизацијата. Ако треба и Лефтеров и Флоровски нека препливаат илегално преку Кинеската Теснина. Дури тогаш ќе видат Тајванците како се прави кинеска културна револуција.
7. Сите работи се испревртени. Наместо СДСМ да прави комунистички револуции, ВМРО-ДПМНЕ прави пролетерски упади по фирмите. Наместо “десните” да ги штитат капиталистите, тие најавуваат дека ќе им ги враќаат фабриките на работниците. Со освојувањето на “Пролетер” со зурли и тапани, културната револуција го бележи првиот сериозен успех. Лефтеров ќе оди од фирма до фирма да ги менува директорите и, како што стојат работите, никој не може да го спречи.
Навистина, народот е збунет во оваа историска приказна за Тито и Борис. Во однос на Борис, Тито излезе – буржуј.
8. За Тито ќе гласаат и Србите од партијата на Драгиша Милетиќ. Или Тито, или никој. Да не ги читал Милетиќ неколкуте графити низ Скопје. “Тито – Милошевиќ”.
9. Во АРМ како подарок пристигнаа француските оклопни лансери. Бидејќи ги имаме и старите бугарски тенкови, ќе имаат војниците на што да вежбаат.