СТАР ФИЛМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:113:"КолкуповозбудливиљубовнивоздишкитолкупоубавШироксокак

    1. Владата ќе се намали. Од 21, сега ќе имаме 14 министри. Љубчо ќе има збиен тим. Циле пак ќе зафаќа најмногу место. Ем заменик ем ќе ја држи целата економија.
    Проблемот е само што ќе се прави со седумтемина што ќе отпаднат од Владата. Уште не се задомени бившите министри од претходната реконструкција, а на товар на македонската дипломатија ќе мора да паднат нови седуммина “професионалци”. Нека прошета Александар Димитров малку по светот и нека признае уште некоја држава. Ќе се најдат. Ни требаат амбасади за успешните амбасадори во кои ќе се претворат министрите.
    Како што тргнал Љубчо со промените во Владата, не е сигурно дека и на новите избраници ќе им биде удобно. Се вели: “трета среќа”, ама којзнае дали ќе им биде среќен и на избраниците на третиот кабинет на премиерот Георгиевски. По минатогодишните претседателски избори, кога Љубчо се налути, направи една сеча на министри. Ако ВМРО-ДПМНЕ доживее дебакл, Љубчо пак ќе биде многу лут. Сигурно сите ќе му бидат виновни за поразот и ќе мора да ги брка од кабинетот. Затоа не требаше да брза со новиот закон. Требаше да чека да завршат локалните избори. Нема смисла за луѓето, сега да им дава власт и потоа налутен да им ја зема.

    2. Министерот за образование Гале Галев е професор. Затоа и им одржа предавање на пратениците за новиот закон за високото образование. Професорот зборуваше, а студентите слушаа и ништо не прашуваа. Сè им е јасно. Или, пак, ништо не им е јасно, ама се срамат едни од други да не испаднат глупави ако прашуваат.
    Да беше професорот министер, а студентите пратеници, министерот немаше да држи предавања по политички науки, туку ќе го образлагаше законот, а пратениците ќе поставуваа прашања.

    3. Комичен е обидот на Махи Несими од ПДП да уценува со зборовите дека или ќе го биде тетовскиот универзитет, или нема да ја биде Македонија. Ќе ги биде и тетовскиот универзитет и Македонија. Такви изјави на времето даваше Арбен Џафери, па еве дотурка до врвот на државата. Исто како што на вакви изјави огнено ќе одговореше Љубчо Георгиевски, уште кога беше Љупчо (со “п”), па еве го, стана премиер кому му се плашат да не ги реконструира. Истата финта, уште еднаш не пали.
    ПДП си го направи своето уште на времето кога не гласаше за Уставот, кога организираше референдуми низ западниот дел на земјата, кога ги бојкотираше пописот и референдумот за независна Македонија, кога нејзините пратеници ја прогласуваа Илирида, а заменици-министрите беа вмешани во случајот “паравојска”… И тие беа “умерените”и “конструктивните” и со нив СДСМ можеше да прави коалиција, а ДПА беа екстремистите и со нив ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да се види.
    А ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ, исто ти се фаќа. А ПДП, а ДПА, исто ти се фаќа. Се работи за стар филм, кој веќе не само што е неколку пати виден туку е и крајно здодевен. Ако можеше Филип Петровски по прашањето на образованието на Албанците пред неколку години да гладува, сега не му е тешко за истото прашање да молчи. Така му рекол Љубчо. Исто како што тогаш Саво Климовски го поддржуваше Филип во гладувањето, а сега во молчењето.
    Затоа, џабе му се заканите на Махи Несими. Никој веќе сериозно не ги сфаќа. Туку, нека земат малку да го поднаучат Фадил Сулејмани како да зборува. Нема смисла студентите од неговиот универзитет да мораат да полагаат државен испит за да им се признае дипломата, а Сулејмани сè уште, наместо македонски јазик, да зборува лош српски.

    4. Министерот за култура Љубен Пауновски смислил, премиерот Георгиевски одобрил, а на директорите на Телеком и на “Електростопанство”С веројатно им било наредено да спонзорираат два милиона марки за културата. На тој начин, граѓаните на Македонија стануваат двојно покултурни. Прво им одбиваат од придонесите за платите, а потоа и од сметките за струја и телефон.
    Секој поединец што сака да придонесе за развој на културата во Македонија, во иднина ќе може тоа да го стори на едноставен начин. Не треба да оди в театар и да плаќа билети за претстави, нема да арчи пари за музеи, нека не купува книги и нека не гледа филмови… Единственото нешто што треба да го стори е што подолго време да зборува на телефон и дома да му бидат запалени сите светилки и да работат сите апарати на струја. Колку повеќе импулси и киловати потроши,толку повеќе дал за културата во Македонија.
    Најдобро е, за да не се губи време, сите да почнеме да разговараме на жешките линии. Скап импулс, развиена култура. Успехот на акцијата на Министерството за култура зависи и од операторите на другата страна на линијата. Ако партнерката или партнерот знаат со љубовни воздишки подолго време да те задржат на телефон, дотолку повеќе си вложил во заштитата на културното наследство. Секоја воздишка повеќе, одговара на коцка повеќе за Широк сокак, на корзото на кое во битолските средношколски денови министерот Пауновски бркал чупиња.

    5. Синдикатот на работниците во државната управа бара да му се исплати К-15. Од кои пари? Од парите на работниците во другите дејности кои немаат ни за сопствената плата, а треба на државните чиновници да им обезбедат и пари за одмор.
    Секојдневно се соочувам со државни службеници кои, од што им пука главата од работа, кога ќе им дојде странка на шалтер играат “топчиња” на компјутерите. Ај, тие барем имаат работа, ама не ми е јасно што работат оние бирократи уште од времето на социјализмот на кои секое лето единствената активност им е да побараат К-15. Живеат ли тие во оваа држава, во ова време и со оние луѓе што треба да им ги обезбедат и платата, и хранарината, и превозот, па уште и К-15.
    Така ти е тоа. Оние работници кои, сиромашките, немаат ни работа ни плата, немаат ни синдикат. Другите имаат работа, редовна плата, па имаат и синдикат.
    Спомена ли некој реформа на државната администрација?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира