1. Минатата недела беше формиран Ротари клубот за Скопје. По тој повод членовите на Клубот, “професионалци и деловни луѓе кои се одликуваат со високи етички начела и се за мир и добра волја во целиот свет” се собраа на свечена вечера во манастирскиот комплекс “Св. Пантелејмон” во Нерези, на падините на Водно.
Еден од спонзорите на свечената дружба во “Св. Пантелејмон” беше скопската пиварница. Се служеше пивото “Стар лисец”. Беа распнати тенди на кои беше испишано “Стар лисец”. Имаше и друг пропаганден материјал со името “Стар лисец”. Воопшто, целата атмосфера на ротаријанската вечера беше во знакот на “Стар лисец”.
А Киро Глигоров не беше присутен. Затоа пак дојде Стојан Андов.
2. Од каде знаат скопјани дека водата во Турција е почиста отколку во Охрид? Па скопското Министерство за здравство донесува забрани за капење на охридските плажи за да изврши атак врз охридскиот туризам. Така велат од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора во остриот протест до Министерството. Па и тие од Министерството нашле да донесуваат забрани за капење на почетокот на јули! Наместо да го стореле тоа уште во јануари, кога охриѓани се фрлаат по крстот на Водици. Излегува дека вака забраната важи само за скопјани.
Претседателот на градот Благоја Силјановски вели дека водата била таква веќе десетина години наназад. Самиот тој е градоначалник на Охрид речиси пет години. Проблемот со загадената вода во тоа време се решавал на друг начин. Сите знаеле дека таа е нечиста, ама се правеле на удрени. Тоа се вика дискретно третирање на случајот. Како што бара сега некој професор на Факултетот за туризам – да се ставеле табли со забрана на плажите, ама на тоа да не му се дава публицитет!
Градоначалникот Силјановски е гневен на Владата затоа што сега се гледало како таа во континуитет води грижа за езерото. Слушам дека заедно со министерот за екологија Јорго Шундовски размислуваат летото да организираат пливачки маратон под мотото “Владата за спас на охридскиот туризам”. Ќе се плива на потегот “Св. Софија” – Грашница. Во маратонот ќе учествуваат сите министри. Се очекува прв во бистрите води да се фрли екологистот Јорго Шундовски. Контролна точка ќе биде плажата кај Канео. Кој ќе ја преплива таа точка, може да смета дека дал голем придонес за охридскиот туризам.
Во трката нема да се вклучи само Илија Филипче. Не за тоа што мора да игра доследност, бидејќи е на чело на Министерството за здравство. Туку затоа што е охриѓанец. А охриѓани во принцип не би требало да се грижат за езерото.
3. Разрешувањето на четворица високи функционери во Министерството за одбрана, велат, било само почеток на голема чистка. Познавачите на приликите тврдат дека претстои голема акција на Владата. Се најавува разрешување на 150 високи функционери.
Први на удар ќе бидат највисоките функционери. Кога ќе се заврши со нив, чистката ќе продолжи кон пониските. Само ниските функционери ќе го избегнат бранот на разрешување. Тие што не пораснале повисоко од 170 сантиметри ќе се спасат.
4. Братството и единството се враќаат преку ликот и делото на другарот Киро Поповски. Под мотото “Говори српски да те цео свет разуме”, Конгресот на Социјалистичката партија заврши со еуфоричниот говор на Киро Поповски во кој рече дека неговата партија треба да се подготвува да ја освои и власта. Што ќе му е таа работа, кога тој и онака како човек за сите времиња е на власт од пионерска организација до денес?
Што да прави, кога го сакаат луѓето? И тоа јавно го покажуваат. Затоа и им смисли јавно гласање за избор на претседател, а единствен кандидат беше токму тој. Според некоја проверена социјалистичка шема, изборот на потпретседатели одеше тајно, а неговиот избор – јавно. За да нема забуни, тие што не сакаа јавно да покажат колку го сакаат не смееле да влезат во салата во која се одржуваше конгресот. Што мислат тие, дека ова е Социјалистичкиот сојуз и дека ќе изигруваат плурализам на самоуправни интереси? Е, нема, сега е друго време и ова е сериозна партија од европски масштаб. Башка, што би работел Киро Поповски ако не е претседател на партија. Во социјализмот мора да има работа за сите.
Многу ми се допадна онаа констатација на гостинот од Белград, од партијата на Милошевиќ, дека секаде каде што победиле социјалистичките партии на просторот на бивша Југославија немало војна. Вистина е. Социјалистите на Милошевиќ не направија војна во Србија. Туку во Хрватска и Босна.
5. Србите им се налутија на Грците, зашто навиваа против Југославија на европското првенство во Атина и затоа ја демолираа амбасадата во Белград и им уништија две возила. На Балканот љубовта и тепањето одат рака под рака, па така најверните пријатели, затоа што атинската публика не навивала за нив, кршејќи ги прозорците порачуваа: “Ќе ја признаеме Македонија” и “Кипар е турски!”.
Југославија стана европски првак во кошарка, ама славјето на белградските улици, ете, беше комбинирано и со бес кон Грците затоа што – тие не навивале за нив. Среќа што победија против Литванија. Замислете покрај такво грчко навивање да изгубеа. Каква амбасада, какви прозорци… Веднаш ќе прогласеа мобилизација и ќе ѝ објавеа војна на Грција. Наместо “Ќе ја признаеме Македонија”, ќе викаа – “Солун е наш!”