СТРЕПТОКОКА ПИОГЕНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:215:"Бизнисменитеизлегоаќар.Мислеадекадаваатпаризацркваисеспасуваатодинспекција,аќаријацелидеолошкипакет.

    1 Судски извршител тропна на вратата на Сојузот на борците за да ги исели од нивните простории во центарот на Скопје. По шеесет и кусур години партизаните од антифашистичката борба за ослободување на Македонија повторно дадоа отпор. Не му дозволија на извршителот да ги исели. Скопскиот Основен суд 2 и Апелацискиот суд пресудиле дека во нивните простории треба да се смести новоформираниот Сојуз на воени инвалиди. Тоа е сојуз на повредените во конфликтот во 2001 година кога ја изгубивме војната со учките. А судот ги истера тие што ја направија државата во 1944.
    Секоја година на 9 мај победниците од антифашистичката војна маршираат на плоштадите во Москва, Париз и Лондон. Кај нив маршираат. Кај нас сакаат да ги измаршираат.
    2 Шест месеци членовите на Судскиот совет не можеа да изгласаат претседатели на Врховниот суд и на Основниот суд во Скопје. Те не можеа да соберат Бадентерово мнозинство, те кандидатите не биле квалитетни, те не биле морални… И на еден ден пред истекувањето на мандатот сите маани на истите кандидати беа заборавени и новите претседатели беа едногласно избрани. Претседателката на Советот Александра Зафировска рече: “Се организиравме, се договоривме, се согласивме по одредени кандидати и избравме”. Таа објасни дека закажала итна седница оти на 30 ноември при посетата на Брисел, Поткомитетот за слобода, правда и безбедност укажал дека претседателите и судиите треба да се изберат. И тие петнаесет души, од кои 14 имаат право на глас одеднаш се освестиле, се усогласиле со сопственото убедување за квалитетот на судиите што пред тоа не ги гласаа и едногласно ги изгласаа.
    Многу ме интересира каков ли е тој таен јазик што го знаат во Брисел и што сите го разбираат кога ќе одат таму на “посета”. Како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не можат да се разберат дома, а кога ќе им се преведе на бриселскиот таен јазик, веднаш се разбираат?
    Никој досега не признал дека одлука на колективно тело што се донесува со поединечно гласање е однапред договорено. Ама овие се независни судии. Па од нив тоа може да се очекува.
    3 Министерот за здравство Никола Тодоров пред три недели одбиваше да види дека лекарите штрајкуваат. Кога конечно виде дека има штрајк почна да се лути. Им се лути на штрајкувачите, му се лути на СДСМ, и се лути на фармацевтската мафија, им се лути на новинарите што известуваат за штрајкот… Само себеси не си се лути.
    Па сега проблемот ќе го решава со хушкање на пациентите против лекарите. И со медиумите што ги пренесуваат изјавите на незадоволните пациенти. Не ми е јасна стратегијата на Тодоров. Прво создаде проблем. Потоа одби да го види. И сега ќе го решава со пропаганда. А најчудно од сe е што мисли дека пропагандата ќе направи и пациентите да оздрават и лекарите да бидат задоволни и јавното здравство да биде реформирано. Е толку сложен проблем не се решава со пропаганда.
    4 Стратегијата на Тодоров може не ми е јасна. Ама неговата тактика е веќе добро позната во Македонија. Ако некој не мисли исто како тебе, испрати му инспекција.
    Лекарите дури сега имаа шанса да ја запознаат оваа владина тактика. Ама затоа бизнисмените, кои вчера масовно се одзваа на донаторската конференција за изградба на црква, тоа многу добро го знаат. Затоа како возљубени празниколупци ги потпишуваа папките за донација под будното око на дедо Стефан, премиерот Груевски, министрите и директорот на УЈП. Дури можеа да се забележат и насмевки на лицата на бизнисмените.
    Во договорот пишува дека цел на донацијата е “помагање на изградба на верски објект храм (црква) и на промоција на културата, етиката, образованието, како и правото на слобода на уверување, мисла и совест”.
    Видиш, Бога ти, бизнисмените уште и ќар излегоа. Мислеа дека даваат пари само за црква и се спасуваат од инспекција, а ќарија цел идеолошки пакет.
    5 Мислев да ги пофалам овие од СДСМ дека еве седнале, поработиле нешто, напишале амандмани, па и писмо напишале до Светска банка. Решиле да не чекаат Груевски сам да падне, туку божем и тие да му помогнат, по 7 години да му го загорчат животот.
    Ама ме претекнаа од Вашингтон. Што да им пишам јас на СДСМ кога им пиша Светска банка?
    6 Вчера ме сретна еден пријател и ми рече: “Аман бе Горан, напиши за стрептококата”.
    За која стрептокока, кога и таа е невидлива. Каква стрептокока? Нема стрептокока.
    После добив опширна елаборација на стравот од зборување дури и кога е во прашање стрептокока во училиштата и градинките. Ми вика пријателот: За една стрептокока не можеме да се договориме. Да им земеме брис на сите деца одеднаш, да им дадеме антибиотици и после нормално да си одат во школо. Ама идат локални избори. Никој на родителска не признава дека детето му е бактериолошки неисправно. Башка, лошо е да кодошиш, па уште и своето дете. Никој не и кажува на учителката и тајно им даваме антибиотици на децата. А учителката знае, ама и таа си молчи. За секој случај. Да не ја прогласат за кодош. Таа не смее да каже на директорот оти срамота е пред избори да ти го бележат класот. Директорот се плаши да му каже на градоначалникот да не го смени. Градоначалникот се плаши од лидерот на партијата оти лоша вест ќе му ја уништи новата кандидатура.
    И наместо со еден брис на почетокот на годината да ги пуштиме децата здрави во школо, ние по два пати во полугодие пиеме антибиотици. Системот на молчење безбедно опстојува поради една стрептокока пиогена. И здравјето на сопствените деца ќе го уништиме само да ја зачуваме позицијата на директорот и имиџот на градоначалникот.
    Какви сме исплашени и глупави, на крајот антибиотиците ќе станат резистентни на нас.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира