Свето тројство

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:80:"БлагодарениенаБранко,Достаостананевина

    1. СДСМ најавува дека ќе ја напушта Владата. Нека побрзаат, додека не ги избркал Љубчо. Кај и да е, пак ќе си направи договор со Џафери.
    Бранко го пикна СДСМ во Владата за да ја спаси државата. Гледаме, ептен ја спасија. Толку сме спасени што дури и полицијата почна да го вика Господ на помош. Ако свети Димитриј победоносецот ги чува полицајците, кој ли ќе не чува нас?
    Во Македонија има свето тројство. Едниот е свети Бранко спасителот. Вториот е свети Арбен првоповиканиот и долупотпишаниот. Без него ништо не бидува. И третиот е свети Љубчо победоносецот. Зошто? Затоа што, ако Бранко спасителот ја напушти Владата и ги остави Љубчо и Џафери пак да ни ги организираат изборите, нема друго – Љубчо пак ќе си победи.
    Убаво што лидерот на СДСМ се спои со Љубчо да ни ја спасува државата. Сега се чувствуваме ептен сигурни и обезбедени. Аман Бранко, немој пак да нè спасуваш.

    2. Бранко е добар по душа, па кога тргна да спасува сè што има да се спаси, не ја заборави дури и наставничката по марксизам од гимназија. Што убаво ѝ дојде на Доста што нејзиниот ученик толку инсистираше Љубчо да ја тргне од Владата.
    А баш крваво ѝ почна мандатот. Само што стана министерка за внатрешни работи, ѝ отепаа тројца полицајци во Арачиново. Па пукаа бомби по судовите и по полициските станици.
    Арно ама, светецот Бранко ја спаси од маките и ѝ ги прости гревовите. Па, така на Доста ѝ ја заборавивме аферата за прислушувањето. Никој повеќе не ја прашува за Танушевци. Ја нема ни во приказните со Војо Михајловски, Ламбе Арнаудов, Драган Даравелски… Ден повеќе во Владата, уште една фирма повеќе во владение на ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи фирми веќе не останаа, се свртеа и на болниците.
    И така ја тргнавме настрана главната дама во партијата. Едноставно, ја заборавивме. Благодарение на Бранко, Доста остана невина.

    3. Што мака ги снајде поштарите во светот. Малку им е антраксот во поштенските пратки, сега уште наш Борис им фалеше. Претседателот има многу мерак да пишува писма. Откако го видовме како комуницира со НАТО преку телефон “Еееј Џорџ…”, реши да земе пенкало в рака и да пишува. Те на Карла дел Понте, те на Буш, те на Робертсон… Жолта дуња, зелен бор, брзо чекам одговор.
    Во кабинетот мора да вработи човек што само ќе ги лиже поштенските марки. И којзнае дали ќе постигне да ги излиже сите писма на Борис. Ене го и на манифестации не се појавува, од пенкалото и хартијата не може да се одвои. Дури и на брат Љубе за Митровден писмо му прати.
    Баш убаво што претседателот пишува писма. Сега барем немаме дилеми. Тоа значи дека е писмен. Освен тоа, поарно да пишува отколку да зборува.

    4. Не само што пишува туку Борис знае да гради и стратегија во меѓународните односи. Таа Илинка се занесува дека ќе го враќа Димитар Димитров од Москва, затоа што син му Никола ќе одел амбасадор во Вашингтон. Концептот на Димитрови во дипломатијата е во рамките на глобалниот план на претседателот за контрола на целиот свет. Тој му пишува на Буш, ама оди кај Путин. Како Скопје ќе ги контролира Москва и Вашингтон, ако претседателот не ги користи семејните врски во дипломатијата?
    Тате Димитар ќе му кажува на синот Никола како се буди Истокот, а овој ќе му одговара дали на Западот има нешто ново, и така Борис ќе ги спојува Исток и Запад. Уште да ја кандисаме и мама Ратка да стане амбасадор во Кина, зашто Илинка се жали дека немаме никој во Пекинг – кој е како Борис наш. Целиот свет ќе го има на дланка.

    5. Владата најде начин како да ја победи сиромаштијата. Во земјава има околу 400 илјади невработени. Плус, околу 10 илјади вработени кои повеќе од една година не зеле плата. Како соодветна социјална мерка, Владата ги намали акцизите на автомобилите.
    Кога ќе тргнат сега 400 и кусур илјади луѓе да купуваат автомобили, тешко на продавачите на коли. Владата ќе куртули. Наместо сиромашните да блокираа сообраќајници, да се кошкаат со полицајците пред Владата и да штрајкуваат пред Собранието и пред Агенцијата за приватизација, тие ќе нагрнат на автосалоните. И тоа по скапи коли. Не им се исплати евтини, оти на скапите повеќе ќаруваат.
    И што сака сега овој народ. Сите ги ставија во Преамбулата. Скапите коли ќе им дојдат бадијала. Конечно дојде ОТЕ, па паѓаат цените на мобилките. Еве дури и бензинот поевтини. Е па луѓево претараа. Уште до плати ли им дошло!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари