1. Што се случи кога последниот пат министерот Лазар Китановски беше во Брисел? Да не си го заборавил случајно мобилниот телефон дома, па не успеа навреме да се јави во Скопје и да каже за вежбата на НАТО? Следниот пат нека се јави од некоја говорница, барем кај претседателот, да знае навреме дали треба да свикува итни консултации со партиите. Ако му остане ситно, нека му сврти и на Ханџиски, колку да не им раскажува прикаски на новинарите дека допрва ние ќе треба да одлучуваме за вежбата на НАТО и дека во следните две недели такво нешто нема да се случи. Се разбира, ако и на Лазе му кажат што треба да каже.
Сега, кога измина еуфоријата од решителниот лет на соколот над Вардар, се прашувам: Што ќе се случеше ако ние не му дозволевме на НАТО да лета над Македонија? И што, ако и покрај нашата забрана, НАТО пак леташе?
Како и да е, по вежбата се чувствуваме некако повеќе светски. Да не бевме ние, НАТО немаше да има каде да ги сврти авионите што ја надлетуваа Албанија. Тоа што нé прашаа за дозвола, а ние им дозволивме, влијаеше врз подигање на главата на обичниот македонски граѓанин. Колку повисоко летаа авионите толку повисоко и ние требаше да го кренеме погледот нагоре, за да ги забележиме. Кој вели дека не требаше да дојде НАТО за да ги кренеме и ние високо челата. Тоа што, и покрај сé, не успеавме да ги видиме, можеби се должи на традицијата да одиме со сведнати глави. А со сведната глава, не се гледа нагоре.
2. Во духот на народната мудрост дека сведната глава сабја не ја сече, сега се развива дискусија дали можеби тоа што му дозволивме на НАТО да прави вежби на македонското небо е опасно за нашата безбедност. Прво се отепавме докажувајќи дека токму поврзаноста со НАТО ќе ни ја засили безбедноста на државата и молевме да бидеме дел од јужното крило на Северноатлантската алијанса, па макар биле и пердувот од крилото на соколот. Го нудевме на сите страни Криволак како идеално место за вежбање и токму кога требаше да му дадеме на НАТО, се исплашивме да не ни се налути Милошевиќ, и во еден неконтролиран љубоморен испад да ни удри шлаканица. Кога го нудевме Криволак, не сметавме дека можеби ќе дојде ден и кога ќе треба да се искористи, а сега велиме: “Може вежби, ама да не се користи територијата на Македонија за акции против соседите.” Небаре од Криволак, НАТО ќе го напаѓа Ирак. Е, НАТО, НАТО, ти си уште наше злато, ама гледај некако, ако може, да останеме невини!
3. Дека во Македонија влегува светски капитал, деновиве повторно нé убедуваше директорот на скопската “Ладна валалница” Александар Ранковиќ, која ја управува лихтенштајнската француско – швајцарска фирма “Балкан стил”. Господинот Ранковиќ ни изјави дека “бизнисот нема граници”.
Сосема се согласувам со оваа констатација на директорот на “Ладна валалница”. Бидејќи сопственик на “Балкан стил” е синот на српскиот вицепремиер, оваа констатација е сосема на место. Не може за српскиот капитал да има граница во Македонија, кога нема граница ниту меѓу двете држави.
4. Единственото поле на кое Македонија заостанува зад светските трендови е здравството. Можете ли да си замислите колку му е тешко на министерот Петар Илиевски со жените кои не се “светски”, па запнале да се породуваат по болниците, наместо да си раѓаат дома. И после некој ќе им биде виновен што новороденчињата им заболуваат од менингитис.
По изјавата на министерот дека светските трендови налагаат породување во домашни услови, сега нé очекува враќање на село. Во минатото било срамота жените да се породуваат дома пред останатите членови на домаќинството, па обично оделе во плевна, или во штала за да не ги види никој. Бидејќи во градовите плевни и штали – нема, а не е баш толку хигиенски породувањето да се врши во гаража или во визба, треба да се очекува масовна миграција на трудниците од град в село.
Министерот Петар Илиевски ги приспособува реформите на здравството според паролата што оди на телевизијата на неговиот партиски шеф: “Сопрете ја миграцијата село – град.” За ревитализација на селото, жените треба да бегаат што подалеку од министерот Илиевски и нехигиенските болници и да се вратат на корените, во хигиенските плевни и штали, како што се пораѓале нивните баби и прабаби.
Колку децении требаше да поминат додека жената ја научија да слезе од село в град за да се породи в болница, кога ете сега, светскиот тренд повторно нé претрка. А стапката на смртност кај доенчињата во Македонија и натаму е меѓу највисоките во Европа.
5. Повереникот што Владата на Македонија го постави во Гостивар, додека не се распишат избори за градоначалник, не издржа ни три дена и се откажа. Зошто и како Фикрет Пиргози не можеше да ја прифати довербата од Владата, веројатно, само тој си знае, ама Гостивар и натаму, по одењето на Руфи Османи в затвор е без градоначалник.
Кога се поставува повереник, тоа значи дека власта ја презема контролата врз локалната самоуправа. Само што во овој случај треба да постои власт што ќе покаже дека има власт над Гостивар.
6. Кога сме веќе кај светските трендови и нашиот непроценлив придонес кон светскиот мир, дозволете ми едно логично прашање: Какво е тоа Светско првенство во фудбал, кога на него не учествува Македонија? Веднаш да се алармира министерот Ханџиски да нé внесе и таму, инаку резултатите од првенството нема да ги признаеме.