1. Далеку сме ние уште од Европа и светот. Во Италија имало тројца мртви за време на новогодишната ноќ. На Филипините – осуммина. А кај нас само една посериозно повредена девојка, со куршум во градите. Другите си ги повредиле рацете од петарди.
Нема смисла. Не ни личи на реномето и угледот што го имаме во светот. Ваму со бомби-автомобили пукаме во шефот на државата, а за Нова година си играме со сандаци петарди и ваму-таму понекој истрел од пушка во центарот на главниот град. Ете, како лесно си го продаваме тешко стекнатиот имиџ.
По војната на најголемиот скопски плоштад и по спорадичните пресметки низ населбите, веројатно ќе се најдат некои паметни социолози, психолози, педагози и пиротехничари кои ќе се обидат да ни објаснат од каде кај овој толку мирољубив и благороден народ толку љубов за пукање и мирис на барут. Белким не ни е на сите таква ситуацијата, па кога ја испраќаме годината да ни доаѓа да – пукнеме. Само ме плаши дека кога ќе ја чекаме 1997, како што брзо се развиваме, петардите ќе ни станат изживеана работа. Ќе преминеме на пушки, како оној наш авангарден сограѓанин што ја повреди 27-годишната скопјанка на плоштадот Македонија.
2. Сé беше убаво смислено. Програмата во свои раце ја зеде Културно-просветната заедница. Фуфо ни ги осветли дрвјата околу плоштадот. Се појавија еден куп дедомразовци. Елката за прв пат не беше накитена со картонски божем- лампиони, туку светеше како секоја светска елка. Штета! Ништо не можеше да се види од чадот од петардите.
Ова е социјална држава. Затоа срамота е во неа да има социјални кујни. Наместо нив, на плоштадот Македонија за време на новогодишната ноќ се делеа бесплатни пици, плескавици и сокови. Така велеградот им овозможи и на оние што немаат што да јадат таа ноќ да се чувствуваат светски. Светилките на дрвјата светеа, небаре си на Елисејските Полиња во Париз. Зелените тезги потсетуваа на Бит-пазар во пазарен ден. Пукотниците и мирисот на барут ја доловуваа сликата на Сараево за време на најжестоките бомбардирања. Калиштата и ѓубрето до колена се чинеа дека небаре си во некое сиромашно предградие некаде во далечна Азија по монсунските дождови. А над сето тоа – огномет, како круна на она што го викаме – светлините на велеградот, и на сцената добро расположениот градски премиер Љупчо Николовски, кој од таа убавина едноставно остана без збор.
Не требаше да трошат толку пари за пици, плескавици и сокчиња. Да не ги потрошеа парите за тоа сега можеа да им платат на комуналците малку да ни го заметат градот. Уште газиме по срчи и изгниени картони.
3. Празничната еуфорија изгледа не дејствувала на премиерот Бранко Црвенковски. Во првото интервју во новата година тој продолжува да им се заканува на либералите. Пред Нова година им порачуваше дека Сојузот за Македонија не е просторија со заклучена врата, па од неа да не може никој да излезе. Сега веќе им ја отвори вратата. Следниот пат може да се случи и да ги исфрли низ неа.
Единствена опасност е ако отворената врата предизвика провев. Ќе се проветрее малку и – толку. Низ отворената врата и ние ќе можеме да ѕирнеме што се случува во заедничката куќа. Без некоја голема корист. Колку за забава, малку да ги озборуваме. Тие ќе продолжат да си живеат заедно. Само што од провевот можат да бидат малку настинати.
Којзнае, можеби премиерот решил да не биде само вратар на заедничката куќа. Можеби се одважил да направи нешто повеќе од обично ветреење на просториите. На пример и да зачисти со метла. во последно време зборува за некакви реконструкции. Од каде сега тој, електроинженер, почна да употребува градежнички термини. Па само пред една година ја довршија куќата. Пак ли нешто ќе градат?
Кога ќе размисли човек, можеби навистина ќе има некоја реконструкција. Главниот инженер сам најави дека наскоро се враќа од боледување на работа.
4. Претседателот на Демократска партија на Србите во Македонија Драгиша Милетиќ и претседателот на Здружението на Србите и Црногорците во Македонија Небојша Томовиќ му испратиле писмо на претседателот на Србија Слободан Милошевиќ во кое го молат “да не пристапи кон признавање на БЈРМ додека не се реши уставната положба на Србите и Црногорците и истата не се изедначи со правата на останатите ентитети во БЈРМ”.
За кој устав станува збор? За Уставот на БЈРМ!? Можеби господата мислат дека постои устав на некоја земја со такво име. И можеби мислат дека Милошевиќ е толку моќен за да може да им ја покрие арогантноста кога бараат промена на Уставот, а во исто време ја навредуваат и омаловажуваат земјата во која тоа го бараат.