1. Ситуацијата во Македонија е стабилна. Животот тече нормално.
ДПА секој ден освојува по две-три села. ВМРО-ДПМНЕ секој ден освојува по две-три фирми. Кога ќе ѝ тргне – и по некоја банка.
СДСМ и ПДП гледаат сеир и чекаат да им дојде редот. Одамна ништо немаат земено. Треба нешто да се обнови. Треба да се оплодува капиталот од пред промените. Сега се сведени на проста репродукција.
Оваа држава била многу богата. Штом уште има да се краде.
2. Министерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на прашањето дали е поврзан со последната мафијашка пресметка среде Скопје, одговори дека неговото име го поврзуваат и со метеоролошката прогноза.
Кога министерот ќе даде изјава, може да му се верува, колку што може да им се верува и на метеоролозите. Некогаш погодуваат, некогаш не.
Никогаш не си сигурен. Затоа и името на министерот се поврзува со прогноза за времето. Љубе ни доаѓа како елементарна непогода.
Еден збунет кумановски селанец, пред телевизиските камери изјави: Не сум видел никаква ОНА, мислам – ТАА.
И министерот ни е збунет. Дали да го поддржува планот на претседателот, дали да слуша што ќе му каже Пердју, или да си ја слуша сестрата. Бошкоски сè уште Доста Димовска си ја вика – “министерката”. Па кога зборува во женски род, не знаеш на кого мисли. На пример, тој не сака да чуе за ОНА. Ама секогаш на ум ја има Таа. Или, никогаш не работи како што ќе му каже ОНА. Туку, како што ќе му каже Таа.
3. Бошкоски во Лешок испратил дури два хермелина. Ама Лешок големо село, селаните не можат да видат еден полицаец. Божем Њујорк е, па додека хермелините се извозат од едниот до другиот крај, не се наоѓаат. А и не можеш да ги видиш кога ќе ти текне да ги бараш.
Полицијата е многу фина. Министерот реши да го имплементира планот на Трајковски и на ОНА ѝ ги ослободи сите полициски пунктови. Ü ги остави само вреќите со песок. Да не се мачат луѓето кога ќе си поставуваат свои пунктови за контрола на сообраќајот.
Таа ОНА е многу сериозна полиција. Еве сега Џафери и радари за мерење брзина ќе им обезбеди. Па кога ќе зашибаш од Тетово кон Јажинце, опа – сообраќајците на ОНА ќе те фатат и ќе те казнат. Уште малку и алкотестови ќе добијат како хуманитарна помош, па ќе нè тераат и да дуваме.
Не за џабе се бореа. ОНА е за ред и мир. Ете, “Факти” пишува дека успеала да ги протера и проститутките од потшарпланинските села. Тоа е катастрофален пораз за Љубе Бошкоски. Тој полициската кариера ја започна со фаќање проститутки на граничниот премин кај Делчево. За да ја заврши кариерата со чист образ, ќе треба протераните од Тетовско да ги лови на Групчин.
Да им се воодушевуваш на пожртвуваноста на членовите на ОНА. Речиси пет месеци во планина, а се откажуваат од секс. Во нормални услови тоа би било апстиненција. Ама кога ОНА сака за џабе, тоа се вика онанија. ОНА тоа го прави сама. Жртви на борбата за човекови права. Онанисти.
4. Сè во оваа држава се случува под будното око на Пердју. Строг, но правичен. Прво го караше Џафери, после му се сврте на Бошкоски. Како тргнал да нè кара, ќе мора сите да внимаваме да не го налутиме.
Замисли, си седиш во кафеана, си испил некое пиво повеќе, си фатил муабет за политика и почнуваш да трескаш глупости. Еден амандман, друг контраамандман, една чаша, друга чаша, превртена маса, модринка по окото, исеченица на раката и… Ете ти го Пердју, дотрчува како олеснувач на дијалогот.
Тој навистина ќе те искара, ама веднаш ти олеснува. Си велиш, можело да поминеш и полошо. Замисли Пердју наместо да те кара, да почне да те влече за уши. Кога ќе почне и да тепа, ќе сфатиш дека веќе нема простор за дијалог.
5. Власта цело време се фали дека никако нема да дозволи одржување на меѓународна конференција за Македонија. А ова што е? Пердју, Леотар, Ван дер Штул, Питер Фејт, Ајф… Тие домашни ли ли се?
Што мислат, дека ќе му продаваат на народот растворувач место керозин. Не бе, ние сме итри. Чиста нафта пиеме.