ТАЈНАТА ВЕЧЕРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:109:"ИсопругатанаПретседателотводиполитиканаеквидистанца

    1. Ова се денови на веронаука.
    Црквата повеќе нема потреба да бара воведување на факултативен предмет за веронаука во училиштата. Неа си ја имаме на телевизија. Со директни преноси на богослужење, со детаљни објаснувања што се пее, како се пее, со политички обраќања на црковните големодостојници и репортажи на новинари кои преку ноќ станаа експерти за теологија… Во паузите помеѓу предавањата, за релаксација, на сите можни телевизиски канали беа пуштани филмови за Исус Христос.
    Црквата е одвоена од државата. Ама не и од државната телевизија, која како по обичај, вршејќи си ги своите државнички работи, го регистрираше и доаѓањето на претседателот на Републиката Киро Глигоров на божиќната литургија во Соборниот храм “Св. Климент Охридски” во Скопје. Сосе телохранителите.
    Ако црквата е одвоена од државата, тогаш значи претседателот се појави во храмот како обичен граѓанин-верник. Арно ама, ако се појави како претседател на државата, тогаш си натовари врз себе барем уште 15 нови обврски. Имено, во Македонија има 16 верски заедници. А Глигоров инсистира на тоа дека ги претставува сите граѓани на Македонија, без разлика на нивната национална или верска припадност. Следствено на тоа, во кабинетот ќе треба да се вработи и советник за верски прашања. За да знае како да се однесува претседателот со јеховините сведоци, еврејската заедница, католиците, баптистите, адвентистите, евангелистите, бекташите …
    Голем предизвик ќе биде кога ќе оди да им направи чест на верниците од исламска вероисповест за Бајрам. Ќе се појави на молитвата во Јахја-пашина џамија во Скопје. Камерите на државната телевизија ќе го следат во чекор. Така ќе ги регистрираат неговите чевли. И, патем, телохранител што ќе биде задолжен будно да ги чува на плочникот пред вратата на џамијата.

    2. Претседателот си е претседател, ама Фуфо си е Фуфо. Тој си е институција сам по себе.
    Претседателот на Извршниот одбор на Скопје Љупчо Николовски-Фуфо беше најпочестен за Божик, кога црквата му даде можност, рамо до рамо со архиепископот Михаил, да им го честита празникот на граѓаните. Господ си е господ, ама и црквата повеќе има доверба кон тие што можат да ѝ обезбедат пари. Скопскиот премиер лично се заложил градот да ја финансира изградбата на резиденцијата на архиепископот на МПЦ, а црковните големодостојници тоа не му го забораваат. Така што за кариерата на Фуфо и за иднината на неговите ресто­рани – нема зима. Господ е со него.

    3. Шашардисан од толку многу информации во единица време за судбината на Исус, почнаа да ми се мешаат земските и небеските настани. Така што и вечерата на грчкиот потсекретар во нивното Министерство за надворешни работи Кранидиотис со Глигоров и Црвенковски и со уште еден куп други луѓе во Будимпешта ја видов низ призмата на библијата. Во Грција го обвинуваат дека водел тајни разговори. Тајната вечера на 52 апостоли. Се бара Јуда.. И некоја патриотска грчка домаќинка пто ќе навезе вилеров гоблен и за тоа ќе побара пари од Европската унија.

    4. Во Македонија има две организации на жените. Едната што го наследува АФЖ, а другата, што ние во новинарските кругови си ја викаме – отцепена од АФЖ. Е, токму оваа втората, завчера вечер организираше хуманитарен божиќен коктел со погачи од Житолукс и со паричка што ѝ падна на оперската пејачка Милка Ефтимова.
    Она што ми падна в очи кога го гледав ТВ извештајот е дека и кај нас, како и во повеќето западни земји, полека се формира институцијата “сопругата на претседателот”. Обично сопругите на шефовите на држави се појавуваат како покровители на разни хуманитарни манифестации, па и госпоѓата Нада Глиговора почна да се вклопува во таа работа.
    Она што е особено значајно е што госпоѓата Глигорова му дава поддршка на својот сопруг, следејќи ја неговата политика на еквидистанца во микрорамки. Така, пред повеќе од еден месец се појави на прославата на 50-годишнината на АФЖ, а завчера ја кршеше погачата во отцепеното крило на АФЖ. Малку кај едните, малку кај другите.

    5. Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” сé уште не може да избере прорек­тори. Под итно треба да почнат да соработуваат со Универзитетот во Тетово, за да ги преземат нивните правилници. Тие ем почетници, ем од прва си го избраа цело раководство. Што има тука да се замајуваат, те мислења, те гласања, прегла­сувања. Овој може, добар е – стави го за проректор…
    Така се бираат и декани и продекани на факултетите. И од тоа се прави реклама. Не верувам дека некој  воопшто има поим кој е декан на Економскиот факултет во Скопје, ама затоа сите знаат кој е декан и кои се продекани на тетовс­киот економски факултет. Не паметам кога медиумите објавувале имиња на избрани декани на факултетите во Скопје и Битола. А со имињата на тетовс­ките декани нé изгњавија цела недела. Уште го знаеме и составот на сенатот. Штета што не јавија кој е студент проректор – тоа живо ме интересира. Идната недела предлагам да објавиме специјални прилози со имињата на сите студенти што го положиле квалификациониот испит.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари