1. И Бранко не успеа да оддолее на најновиот налет на капитализмот. Нема кај да бега. Гнил, гнил, ама се шири. Па така ги зафати и мозочните вијуги на македонските социјалдемократи. Одеднаш се сетија на идејата на Циле за слободните економски зони. И дека местоположбата на Бунарџик била идеална и дека ќе се вработеле многу луѓе и дека со слободните економски зони ќе се овозможел економски раст на земјата. Како Циле да зборува.
Бадијала Циле им се лути на Бранковци дека во 1999 година ја напуштиле седницата на Собранието кога се гласало за законот за слободни економски зони. Бранко уште тогаш знаел дека идејата е добра, ама ништо не кажувал. Неговите пратеници намерно ја напуштиле седницата оти не сакале да пропадне проектот. Зашто ако СДСМ не е на власт, земјата нема шанси за развој, па макар и со слободни зони. Затоа чекаа четири години за да ја поведат Македонија кон економски растеж и благосостојба.
Во тоа време младината на СДСМ организираше пародија кај Бунарџик. Младите кадри на Бранко, под будното око на Шеќеринска тогаш се мајтапеа со идејата за слободната економска зона. Ставаа камен темелници, со ги шараа очите за да личат на Тајванци, се преправаа во Циле и Љубчо, врзуваа панделки на лопатите.
Во меѓувреме младите СДСМ-овци пораснаа. Сега наместо да се мајтапат, во Бунарџик ќе отвараат нова слободна економска зона. Од фалшливи Тајванци, станаа автентични Јапонци. И како асли Јапонци ќе тргнат во освојување на светските пазари.
Како сега да се избркаат Тајванците кога веќе платиле за Бунарџик? Некој ќе мора да биде виновен ако и овој проект не успее. Кога би можеле во слободната зона да влезат Кубанците. Ама не се толку експанзивни. А и НР Кина се држи до своите граници. Башка, дополнителен објективен ограничувачки фактор за власта е што и социјализмот одамна престана да биде светски процес.
2. Ај што Бранко не може да се спаси од капитализмот. Тој не може да се спаси ни од Љубчо. Еден без друг не ги бива.
Љубчо се врати од одмор. Пукајте, јас и сега држам час. Чекал кривична пријава за ОКТА. И бил подготвен да се откаже од пратеничкиот имунитет.
А зошто и да не. По толку фалења дека ќе ги откријат сите криминалци, дека ќе ги сотрат организираниот криминал и корупцијата, дека имаат тим што знае што прави и по толку притворања, кривични пријави и потерници, повеќе од година дена по 15 септември Бранко може да се пофали само со Амди Бајрам. А и нему главата не му е во ред.
По изјавата на Љубчо дека од касата на ВМРО-ДПМНЕ му биле исплатени 15 илјади марки на Фрчкоски за Охридскиот договор, ете уште една работа за антикорупциската комисија. Прво, од каде во касата на тогашната владејачка партија толку кеш и како тоа се водело во книгите. И второ, дали Фрчко го пријавил хонорарот од Љубчо и платил ли данок за него.
3. Антикорупциската комисија не пронашла докази за непотизам во поставувањето на Благоја Филиповски, брат на министерот за економија Илија Филиповски, за директор на Скопскиот аеродром.
Какви докази за непотизам барала комисијата? Писмен документ од братот? Или анализа на ДНК во крвта на двајцата браќа? Додуша и двајцата имаат галички глави, ама сите Галичани не се браќа. Значи – нема докази.
Благоја не беше поставен по братска линија за директор. Тоа функционерско место по Рамковниот договор било резервирано за СДСМ. А Илија е претседател на скопската партиска организација. Па Благоја станува директор по партиска директива на Илија. Така е во комунизмот. Поважно е да си партиски другар, отколку брат. Таму на функција не се доаѓа по братска, туку по другарска линија. Во случајов само се погодило другарите да бидат браќа. Така се постигнува двојна двојна заштита од капитализмот.
4. Многу сме задоволни што по упадот во зградата на “Тетово Табак” дури и ОБСЕ потврди дека “не е нормално некој бесправно да се вселува во зграда без да се докаже сопственоста”. Само не знам во која држава странци решаваат имотно-правни спорови. И во која држава странците воопшто и ги прашуваат кога некој ќе влезе во зграда со туѓа сопственост.
Полицијата чекала некаков документ за да интервенира. Документот е кај некојси командант Баци кој тапиите им ги ги покажал на странците. Тоа по дефинција значи дека државата не му може на Баци ништо.
Дали ако некој со оружје освоеше зграда во Штип, или Струмица државата со денови ќе ги проучуваше документите пред да интервенира? Не! Ама за Штип и Струмица не е потребна согласност на ДУИ за полициска интервенција. А не треба да се бара и заверка на планот за акција од ОБСЕ, НАТО, ЕУ и САД.
5. Министерот Хари Костов изјави дека се срами од она што се случува во Битола и Скопје со злоупотребата на децата во политички цели. На тој начин Македонците покажуваат дека се толерантни и дека не поднесуваат ниту поддржуваат никакво екстремно однесување, па макар тоа било и меѓу своите.
Но, до кога само Македонците ќе се срамат и ќе се оградуваат од екстремното однесување на своите?
Сте слушнале ли некојпат некој Албанец, без оглед дали е политичар, интелектуалец, или обичен човек јавно да осуди, да се огради, или да каже дека се срами по сите оние масовни труења на учениците во тетовско и кумановско и масовната хистерија во која беа фрлени децата? Се срамат ли од блокадите на патиштата за да се ослободат криминалци од тетовско? Се срамат ли од протераните соседи, запалените куќи и киднапираните сограѓани? Конечно се срамат ли што разни команданти во нивно име малтретираат цели села?
Ај што не им е срам. Туку барем да речеа дека им е жал.