1. Баш ме интересира како ли се договарале за знамето цели три дена социјалдемократите и либералите? Во што ли е идеолошката разлика меѓу знамето чиишто зраци се шират накосо и она чиишто зраци одат право? Со други зборови, не ми е јасно, зошто едното знаме е полиберално, а другото посоцијалдемократско? И дали во расправата имале некакви други аргументи освен “Ова не ми се допаѓа, ова ми се допаѓа”?
Какво и да е – знаме си е знаме. На граѓаните веќе им е сеедно. Во три години, ова ќе ни биде трето знаме. Со каква леснотија го сменивме црвеното со петокраката, со каква леснотија го ставивме шеснаесеткракото сонце, со иста таква леснотија ќе си го донесеме и ова со зраците што се шират на осум страни.
Добро е што политичарите набрзина се погрижија како ќе ни изгледа знамето. Народот нема никаква потреба да се грижи. Нема намера да гине под него.
2. Во скопското село Огњанци родителите чиишто деца учат на македонски јазик, не ги пуштаат децата да одат на училиште, затоа што во истата зграда учат децата што ја следат наставата на албански јазик. Нема врска што учениците се поделени во различни смени. Важно е да не бидат во иста зграда. Нема врска што нема никакво логично оправдување, зошто некому би му пречело да го испрати детето на училиште, во коешто попладне некое друго дете ќе учи на албански јазик. Едноставно – не може. Зградата била нивна и не ја даваат. Во неа се учи на македонски јазик. Кој сака да учи на албански јазик, може да учи во касарната, како и до сега. Училишната зграда треба да си остане чиста.
Работата е многу сериозна. Велат, тоа што Албанците ги испраќаат своите деца да учат на албански јазик е директно загрозување на македонскиот јазик и македонскиот културен простор во селото. Сериозен проблем бара и сериозен третман. Затоа и е формиран Одбор за заштита на македонскиот јазик и македонскиот културен простор, што ги организира децата да ја бојкотираат наставата на македонски јазик. На чело на тој одбор е некојси Сретен Пауновиќ.
Тешко на македонскиот јазик и македонскиот културен простор ако стаса дотаму да го брани некојси Сретен. Во традицијата на македонскиот народ познати се разни Пауновиќи кои се залагале за заштита на македонскиот културен простор. Дури едно време биле и ревносни во таа заштита.
Што се случува всушност сега во Огњанци? Прв директен судир на интересите на Србите и Албанците во Македонија. Каде се тука Македонците? Се знае. По традиција – во тампон-зона.
3. Туристичкиот сојуз на Македонија и хотелиерите деновиве правеа рекапитулација на летната сезона. Откриле дека сезоната била катастрофална.
Крајот на септември е вистинско време да се открие такво нешто. Но, уште подобро – вистинско време да се мисли на следното лето, за да не се повторат лошите резултати.
Е, сега, бидејќи летово нашите туристички работници нудеа светска услуга, чисти езера, срдечна гостопримливост и сето тоа за џабе пари, мора да е проблемот во туристите. Како да се опаметат граѓаните на Македонија да летуваат дома, а не да ги трошат парите во Турција, а вгодина сериозна опасност се заканува и од Грција.
Затоа претседателот на Туристичкиот сојуз Голаб Чингоски предложил Владата да воведе излезна такса за сите граѓани што патуваат во странство, за да се спаси македонскиот туризам. Така ќе се купува патриотизмот на граѓаните. Ако, на пример, излезната такса изнесува 50 марки, толку изнесува и патриотизмот на еден граѓанин за еднократно излегување од земјата. Ова не е никаква новина. Вакви такси има во Србија. На способните туристички работници и хотелиери Србија и натаму им е урнек за сé.
Бидејќи овој случај е одличен за тренирање патриотизам, решив со мојата креативност да се истакнам со два предлога.
Првиот е прилично демократски. Владата нека пропише една туристичка такса за сите граѓани на Македонија. Сите пари нека одат за Охрид. Туристите не мораат да одат. Така сите ќе бидат задоволни. Охриѓани ќе ги соберат парите од туризмот, а нема да мораат да се малтретираат со туристи. Туристите нема да мораат да мислат каква беља денес ќе им направат домаќините. А Македонија ќе биде туристичка велесила.
Вториот предлог не е толку демократски, ама кога е во прашање македонскиот туризам, мора сите да имаме разбирање. Најдобро е секој граѓанин да го предаде својот пасош во Туристичкиот сојуз. Туристичките работници ќе одлучуваат кој смее да патува надвор од земјата. Останатите ќе летуваат во нашите хотели. Ова не е казна, туку патриотска обврска.