1. Хари Костов замина на одмор. Дознаваме дека одморот ќе го поминел работно. Има ли во овој момент попригодно место за работен одмор на нашиот Хари од една Шведска. Да им помогне на Швеѓаните во фаќањето на убиецот на Ана Линд.
Македонија и Шведска имаат многу заеднички работи. Нив им го убија премиерот пред 17 години. Нам сакаа да ни го убијат претседателот пред 8 години. И тие не го фатија атентаторот. И ние не го фативме атентаторот. Нашата полиција дури е и поефикасна. Секој пат ќе имаме 9 години фора пред Шведска.
Сличности со Шведска имаме и со малцинствата. И тие имаат финско малцинство, што има универзитет. Ние имаме албанско малцинство што има два универзитети. До сега. Ние и Шведска имаме шведско образование.
А главната работа што не поврзува со Швеѓаните е – шведската маса.
Како ќе се одмара Хари, одмаздувајќи ја Ана? Во првата фаза ќе се распраша дали убиецот случајно е од финско село. Потоа со меѓународни посматрачи ќе оди во селото да разговара со селаните да го предадат. Евентуалната акција на шведската полиција нема да биде насочена кон жителите, туку кон убиецот на Ана Линд. Кога нема да му го испорачаат, Хари ќе премине во втората фаза. Ќе се повлече и ќе ја остави шведската полиција сама да си го фати убиецот на министерката. Кога и шведската полиција нема да успее да го уапси, Хари ќе замине на одмор во Финска.
2. И Бранко сака да оди на годишен одмор. Само не може. Прво мора да го запише Муса Џафери на забрзан курс по македонски. А има и работа. Заедно со Али Ахмети ќе го менува менталитетот на полицајците и војската.
3. Што е толку страшно ако ДУИ излезе од коалицијата? Прво се плашевме
да не ни влезе Али Ахмети во владата. Сега се плашиме да не излезе. И зошто Бранко се плаши од Ахмети? Зошто Ахмети не се плаши од Бранко? Ахмети е оној лошиот со оружјето, што беше на разни црни листи по светот. Наместо Бранко да инсистира на дело Ахмети да покаже дека е за мир, тој му се тресе секој пат кога овој ќе му се закани со оружје.
Со што ДУИ до сега заслужи да биде незаменлив фактор во власта? Со одговорноста што ја имаат, ама не сакаат да ја земат? Ако се амнестирани за убиства и киднапирања, не се белким амнестирани и од одговорност.
Министерот за образование Азис Положани вели дека меѓунационалните проблеми се рефлектирале и во образованието. А што направи тој за да не се рефлектираат? Се обидува да стави паралелка на албански јазик од Кичево во основно училиште во центарот на Битола. Да направи проблем и таму каде што го нема!?
Каде е министерот за урбанизам Миљаим Ајдини? Цела недела го бараме да даде изјава за спорната зграда што почна да се гради во центарот на Скопје. Ама тој не смета дека треба да се појави. Зградата се гради од десната страна на Вардар. Тоа не е негово подрачје.
Потпретседателот на Собранието Агрон Буџаку бара полицијата пред да оди во акција да се договорела со ДУИ. Зошто? За да може Али Ахмети да стави вето на полициска акција? Во која земја го има тоа? Нека каже Агрон Буџаку. Тој барем е шетан и зборува пет странски јазици.
Во иднина, кога ќе ме запре полиција прво што ќе го прашам полицаецот е дали ДУИ знае за оваа работа? Ако Али Ахмети е консултиран и ако го одобрил моето запирање – добро. Власт си е власт, мора да се почитува. Ама ако ДУИ не дал одобрение за контролата, ќе барам одговорност од полицаецот и од неговиот наредбодавец. Како граѓанин кому му се загрозени и човечките и граѓанските права, ќе барам итна промена на нивниот менталитет.
До кога во оваа држава некој постојано ќе профитира во улога на жртва, а другите постојано треба да им се правдаат? И до кога и Бранко и Ахмети ќе не убедуваат дека од улични бараби ни зависи опстанокот?
4. Вчера цел ден врнеше. За чудо, никој од ДУИ не реагираше зошто дождот почна да врне ненајавено.
5. Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов, по повод црната дупка што се појави пред ЕСМ во центарот на Скопје изјавуваше дека градбата на објектот ќе се стопира, а власта ќе ги искористи сите инструменти што и стојат на располагање.
Сега од буџетот треба да се плати обештетување на сопственикот на земјиштето и дозволата за градба. Сите ќе платиме. Значи ,од сите инструменти што и стоеја на располагање на власта, за нас ќе останат рачките од тапаните. Така е секогаш кога си имаме политичари – шупелки.