ТАРАБА И БАНДЕРА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:71:"АкоЏафериречеданемаизбори-ќенема

    1. Пак сите се изненадени од Џафери. А не сме изненадени сами од себе што пак ни прави драма, а ние се вклучуваме да играме во неа. Што може Џафери арно да направи за да не изненади? Се што до сега направил, видовме како заврши.
    Така и најновата закана дека ќе ја кантонизира Македонија ако не му се прифатат двојните пасоши не е за изненадување. Дури, може со сигурност да се предвиди како ќе се одвиваат работите. За почеток се јави Колин Пауел со некоја “реков и пак ќе речам порака”, демек да сме го чувале мирот. И Робертсон итно пристигна да се воодушевува на имплементацијата на Рамковниот договор. Тоа што Холмс изјавуваше за унитарниот карактер на пасошот, со почитување на јазиците на мнозинското малцинство брзо ќе се заборави.
    Сега ќе почнат да не убедуваат дека тој словенечкиот модел не е воопшто лош, па ќе се чудат зошто толку сме запнале да си имаме еден пасош, па ќе ни продаваат теорија дека за две генерации Македонците ќе бидат малцинство, па и Албанците ќе им дозволат да го стават македонскиот јазик во пасошот.
    Не се согласувам дека Љубчо и Џафери се едно исто. Џафери работи за каузата, а Љубчо работи за себе. Плус, за се што не чини, Љубчо си има дежурни виновници – СДСМ и меѓународната заедница. А на Џафери не му треба виновник. Нему се му успева.

    2. Во Македонија се знае. Што Џафери ќе намисли, тоа и ќе се оствари. Затоа, има време да се изненадиме уште еднаш. Ако Џафери рече да нема избори во септември – ќе нема.

    3. Меѓународната заедница обично глуми изненаденост, па можеби и во овој случај малку ќе му се налути на Џафери, ама ќе препорача пак да му се попушти. Во името на мирот. За возврат – ќе не пофалат.
    Не фалат веќе 10 години. Прво им се радувавме на пофалбите дека сме оаза на мирот. Горди бевме дека сме имале меѓународни стандарди за уредување на меѓунационалните односи. Како награда си го добивме името ФИРОМ.
    После бевме кооперативни кога НАТО ја бомбардираше СРЈ. За награда добивме 300 илјади бегалци од Косово, ветувања за помош и ревија на лидери и ѕвезди предводени од Ричард Гир и Бил Клинтон .
    Е, кога заврши косовската криза, ни направија војна. Се истрошија пофалбите. За награда добивме Охридски договор. И сега пак не фалат. Оваа нашава војна била најубава војна на Балканот. Само шеесетина мртви и стотина илјади раселени. Кога ги слушаш колку се воодушевени од убавината на нашата војна, уште малку ќе си посакаш уште една војна.
    Сега не фалат дека убаво сме го импелементирале Рамковниот договор. Речиси се се изгласа во Парламентот, па останаа уште пасошите. Па да им го направиме ќефот, нека не пофалат и за нив.
    Со секоја нивна изјава дека ни е се подобро, нам ни е се полошо. Според тоа со каква страст не фалат, излегува дека ним повеќе им треба нам да ни биде добро, отколку што нам ни треба тие да ни направат добро. Аман, веќе не не фалете.

    4. Сите тараби во Скопје се на Петар Гошев. Ден пред митингот на здружената опозиција, цело Скопје осамна со пароли “Гошев за премиер”. Бранко не знае што да прави. Или, некој глуми спонатност, или навистина најголемиот адут на опозицијата е за на тараба.
    Сепак, СДСМ нема да дозволи, ако победи на изборите, некој друг да им биде премиер. Така што во рамките на опозицијата ќе има поделба на местата. За Црвенковски ќе се печатат плакати со неговиот портрет. За да им парираат на портретите на Љубчо Георгиевски.
    За лидерите на големите партии, се чуваат бандерите. Таму ќе висат нивните портрети. Помалите партнери ќе ги шкртаат по тараби. Ај сега биди паметен. Што е подобро? Да бидеш на тараба, или да висиш на бандера?

    5. Земјоделските производи скапаа на сонцето додека камионите со денови чекаа да поминат низ граничниот премин на Табановце. Потоа, на необјаснив начин, како што беше речено, “под притисок на јавноста”, беа пуштени да заминат.
    Ова сигурно е придонес на цариникот Даравелски кон кампањата на неговиот партиски шеф Марјан Ѓорчев за популаризација на земјоделството. Со тоа што слоганот “Биди земјоделец” ќе се прошири. “Биди земјоделец и доматите сигурно ќе ти скапаат на граница”.

    6. Пред една недела имаше претседателски избори во Папуа Нова Гвинеја. Во оваа држава се уште има човекојадни племиња. Во двата круга на изборите имаше само девет мртви.
    Кај нас ќе биде поарно. Нема човекојадци.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира