ТАРТАР БИФТЕК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:163:"ШестмесециЃоленемаништославноизјавено.Какошторешидамолчи,рејтинготмупорасна

    1 Го гледав завчера претставувањето на новиот амбасадор во Турција. Внимателно го ислушав се што кажа во собраниската Комисија. И си реков: “Добро, слатко се изнасмеавме, ја наседнавте и опозицијата да се изнервира, дај сега извадете го вистинскиот кандидат за амбасадор”. Ама, немаше продолжение на седницата. Значи тој што раскажуваше приказни како си поминал во Истанбул и Анкара во мај за да ја запознае земјата ќе биде амбасадор. И тоа во Турција. Сигурно Турците си прават експеримент штом му дале агреман. Кога ќе го викаат по приеми ќе му нарачуваат пијачки. Ќе мислат дека е келнер. А тој е поштар.
    Добро е што новиот амбасадор во Анкара, мислам дека Горан се вика, знае дека Турција е пријателска земја. Во тоа се уверил кога ја минувал границата со кола. Кога му рекле “Тамам” многу се возбудил. Да му речеле “Шуќур”, сигурно ќе свршел.
    Новиот амбасадор бил возбуден оти во Турција влегол само со пасош. Тој не само што не знае дека Турците никогаш не ни барале визи, туку не знаеше ни кој му рекол “Тамам”. Дали полицајците или “царинарниците”, како што ги нарече. Којзнае, може бил и некој униформиран поштар. Па го разбрал.
    Главната причина зошто овој ВМРОвски кадар треба да биде амбасадор е тоа што, иако не е роден, подолго време живеел во Битола. Што е од непроценливо значење за инстант дипломатска кариера, оти таму се школувал Кемал Ататурк. А и Битола е град на конзулите. Можеа да дополнат и дека редовно гледа како лисјата паѓаат, вљубен е во Шехерезада и има разбирање за однесувањето на Џеврије.
    Арно ама, ВМРОДПМНЕ е сериозна партија. Тие не ги испраќаат своите кадри да бидат амбасадори само затоа што гордо се чувствуваат кога ќе ја видат таблата “Ова е сопственост на Република Македонија”. Тие дури и му дадоа задача. Мртви ладни му рекоа да донесе повеќе турски инвестиции. Ако не донесе гит. Ќе пуштат некој помлад. Можеби од Крушево. За да го зацементираат традиционалното пријателство.
    Што да каже човек по оваа хумористична епизода. Со самото тоа што прифатил да биде амбасадор се гледа колку му сече умот. А ние секој ден се повеќе сфаќаме дека децата треба да ги иселиме во странство. Ако може повеќе министри за своите деца да си имаат обезбедено резервна татковина, тогаш и ние треба да си бараме за нашите.

    2 Особено што и потпретседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека кога ќе дојдат на власт “ќе јадат живи луѓе” и ќе ги бркаат сите што не се нивни во државната администрација.
    Можам да замислам колку бил пријатно изненаден Груевски. Го слушал Заев и не му се верувало. Си рекол: “Обично јас давам пари, кој ли можел да му плати на Заев за да лупне ваква изјава. Јас со Мугабе се среќавам, а тој живи луѓе ќе јаде. Тамам се исплашив, Бранко се засили, маички отпечатија, митинг направија, метли за Бети донесоа, кога оп живи луѓе ќе јаделе и само свои братучеди ќе вработувале…”. Груевски се замисли да не сака Заев да премине од СДСМ во ВМРОДПМНЕ. Подобра кампања со пари не се плаќа.
    Во исто време додека се тркалаше приказната за изјавата на Заев, и Груевски се обрати на собирот на жените ВМРОвки. Таму му порача на Бранко да не се грижи дека некој ќе му направи атентат. Рече: “Не дај боже! Пу пу пу!!! И дообјасни дека ним им треба Бранко. “Ако навистина е точно дека некој од Австралија му пратил порака дека ќе го убие, тој мора да е некој член или симпатизер на СДСМ, наш човек од ВМРОДПМНЕ не би помислил на таква грешка”.
    Да бев јас од СДСМ маста ќе ја извадев на оваа изјава на премиерот. Во земја во која веќе имавме еден атентат врз претседател и авионска несреќа на друг претседател, што, патем, се уште не се раветлени, вакво “пу пу пу” дрдорење, макар и на шега не е баш најпаметна изјава од премиер.
    Ама од СДСМ треба да станат, да одработат, да ја преслушаат изјавата… Ехее, помина денот. До тогаш Заев веќе тартар бифтек правеше. Наместо да поентираат на несмасната изјава на Груевски, СДСМ се правеа повицкасти од него. Рекоа: “Груевски се сили само пред жени”. И така ги навредија и другите жени што не се ВМРОвки.

    3 Повеќе пати Груевски самиот покажа дека нема баш некоја истенчена смисла за хумор. И секогаш кога се прави вицкаст кине зелени.
    Затоа нека учи малку од претседателот Ѓорге Иванов. Шест месеци Ѓоле нема ништо славно изјавено. Како што реши да молчи, рејтингот му порасна.

    4 Серијалот Перо Наков бб продолжи со апсење на главната личност Велија Рамковски. Полека се открива тоа што со години го пишував. Велија го киднапира не само медиумскиот бизнис, туку и новинарството. Новинарите станаа заложници на неговите бизнис и политички интереси. За право, државата не им помогна на моите колеги да се ослободат. Но, исто така, точно е дека и ние кога сакавме да им помогнеме, колегите ни одмагаа.
    Жал ми ако колегите станат колатерална штета на бизнисите на Велија. Тие го направија моќен. Но уште повеќе ми е жал за дереџето до кое падна новинарството. Само луд би можел да се радува на несреќа. А ова е несреќа за сите што сме во оваа професија.
    Затоа мислам дека апсењето не е доволно. Целиот случај мора да добие разврска на суд. Во спротивно Перо Наков бб ќе биде уште една од политичките паради какви што гледавме минативе 20 години. Тоа не е добро за новинарството. А за државата уште помалку.

    5 Најсмешно во овој серијал е што двоецот Горан Трајковски Иво Котевски пак прво се појави на Сител и Канал 5.
    Добро зошто не тераат да плаќаме такса за јавниот сервис? Толку ли не можеше едно студио во МРТВ да се оспособи на полноќ за да може државните службеници да се обратат од јавен сервис за работа што засега јавни интереси? Или не сакаа да му го кршат ќефот на Латас. Кога ја објави веста за Велија беше многу посреќен отколку од времето кога се сликаше со Ѕинго кај Милошевиќ.
    Дај во иднина да не плаќаме за јавниот сервис. Кога веќе си ги имаат Сител и Канал 5 да им префрламе пари на Ѕинго и на Стојменов. Оти јасно е дека без нив не бидува ни лева, ни десна коалиција. А и Влада без телевизија не бидува.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира