1 Дали Бучковски денеска ќе се слушне со премиерот на Косово Агим Чеку? Многу сум загрижен дали ќе дојде на 5 мај. Оти вчера најави дека попладнето ќе се чујат по телефон и остана само на таа една изјава. Попладнето веќе бевме во информативен мрак. Не чувме дали се чуле. Не знаеме дали се на линија. Убаво цела недела на секои 15 минути нѐ известуваше до каде е работата со Чеку. Оти во државава најбитен настан е дали ќе дојде или не премиер на меѓународен протекторат.
2 Шверцот со цигари веќе изгуби поента како предизборна тема. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ. СДСМ ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува ВМРОНародна. ВМРОНародна ги обвинува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Само ДУИ и ДПА не се обвинуваа меѓу себе. Тие си бркаат работа.
Како почнаа еден на друг да покажуваат со прст, излегува дека во оваа држава не шверцувал цигари само тој што не пробал.
По сите изјави што ги чувме последниве десетина дена, сосе онаа на Бранко, се јави и министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски Џанго. Тој рече дека таа тема веќе му е здодевна и на такви прашање не сака да одговара.
Што има да одговара министерот за внатрешни, кога веќе одговори Владата. Ќе ги поевтини цигарите. Против шверцот нема да се бори. Ќе му конкурира.
3 СДСМ соопшти дека “дошол до сознанија дека во наредните денови Институтот за демократија, под водство на Ѓорѓи Иванов, се подготвува да објави резултати од истражување на јавно мислење, најверојатно за потребите на предизборниот маркетинг на ВМРО-ДПМНЕ”.
Ај што СДСМ дошол до сознанија, но некој партиски ум смислил и образложение зошто не ѝ верува на анкетата. “Затоа што братот на Ѓорѓи Иванов е уапсен и притворен под сомнение за учество во организиран криминал и е дел од мултинационалната криминална група против која се води најголемиот судски процес во историјата на Македонија”. Како капак на сѐ доаѓа уште еден проблесок на партискиот ум. Поради судскиот процес против брат му, Иванов “сака да им нанесе штета на угледот и рејтингот на владејачката партија”. Што сакал да каже авторот со последнава реченица? Дека судиите се дел од владејачката партија!?
Кога вака му прават на Ѓорѓи Иванов, можете да замислите што ли ќе му прават на брат му. Потесното семејство подобро нека се исели, додека некому не му текне да го прати на Голи Оток. Партиската инквизиција е немилосрдна. Ако СДСМ дојде до сознанија, ќе ти настрада цела фамилија.
После вакви демократски сомневања на владејачката партија, можете да си замислите колку ќе ни бидат фер и демократски изборите.
4 Партиите успеаја и анкетите за нивниот рејтинг да ги направат лакрдија. Ако не можеш да ги контролираш резултатите, тогаш оцрни ја анкетата, најдобро уште пред да се појави.
Не ја сфаќам партиската логика. Зошто плаќаат нешто во кое никој не верува?
Анкетите главно се телефонски. А во Македонија кога некој ќе ти се јави на телефон, не знаеш дали те слуша Џанго, комшијата или ЦИА.
Самракот на анкетите почна телефонски. Со анкетата против референдумот за територијалната поделба и телефонското гласање од Министерството за одбрана кога министер беше Бучковски.
5 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се прави поголем антикомунист и од Папата. Тој вели дека не знае зошто се слави Први мај.
Ако не знае, нека си ја праша Ангела Меркел. И во Германија се слави.
6 Бучковски прво ја прими пејачката Елена, а потоа закажа седница на Владата за да одобри 15.000 евра за “да ја претстави достојно Македонија на Евровизија во Атина”.
Во тие 15.000 евра треба да се најдат пари и за облеката на пејачката.
Сега министрите имаат сериозна задача. Бидејќи Елена имала несразмерни пропорции, ќе мора да шие алишта по мерка што ќе ги дизајнира грчки креатор.
Лошо е ако ММФ дознае и за ова. Ќе се пробие буџетот и пак ќе ни се закани дека ќе си оди. Затоа спас понудил министерот за финансии Никола Поповски. Елена нема да носи долг фустан. Ќе ѝ скројат жешки панталончиња. Така ќе заштеди на материјал.
ММФ ќе биде задоволен. А Грците пак ќе ни ги земат парите.
7 Знаете кога ќе се стопира изградбата на споменикот на командант Струга? Кога изгубената руска подморница што го следи сигналот на Космофон ќе исплива на површината под мостот на Дрим.