1. А бе, Владата била на одмор. Да не објавеа немаше да знаеме. Тие и кога се на работа ние не знаеме дека работат. Барем нека ни кажат и кога ќе се вратат. Ако ништо не чувствуваме, барем да знаеме дека пак се во кабинетите.
Дали тие го прашаа ММФ, смеат ли да одат на одмор. Оти и кога одат в клозет, ако се наплаќа треба да им одобри Розвадовски. Не знаеме дали Розвадовски им дозволи да купат и креми за сончање. Или пак министрите ќе се однесуваат ризично. Ќе се сончаат на голо. Тешко нас. Ќе се вратат со жешки глави.
Затоа, Илинка не оди на сонце. Таа си има работен одмор. На кровот на мерцедесот монтирала багажник и ги шета плочите од АСНОМ. Развива планински туризам. Прави обиколка на караулите на македонско-српската граница за на време да обезбеди место каде што в година ќе се одбележува првото заседание на АСНОМ.
Илинка, како дама, овој пат шета сама. Со себе не го води Никола Поповски. За талпи се задолжени други. А Чашуле не ни може да го најде. Тој на караулата доби идеја за нов трансфер. Размислува да премине во српски попови. Тие се посилни и од ВМРО-ДПМНЕ.
Бранко не оди на одмор. Си чува денови. Тој ќе оди на одмор на 15 септември.
2. И Перо Гошев не оди на одмор. Штеди. Си го слуша ММФ. Седи во Скопје среде лето и задоволен си ги брои парите. Жив среќен е што има вишок пари во буџетот. А ДДВ-то што треба да им го врати на фирмите си го чува во чекмеџе. Тоа што стопанствениците се жалат дека немаат пари, а и ние не сме виделе некоја инвестиција Перо не го слуша затоа што прв пат може да се види насмеан од уво до уво.
Бранко му ја даде државната каса на човек што мисли дека парите треба само да се трупаат на купче. Ако Перо така прави и дома, жена му ќе му ја укине тековната.
3. Не е само тој жртва за нацијата во овие жешки денови. Ристо Пенов никого не пуштил на одмор. Тој министрите на ЛДП ќе ги капи во езерото Треска. Да покаже како се прави бизнис без тендер со објект што е платен со пари од самопридонес на граѓаните.
Помеѓу две нуркања во Треска, министрите за социјална политика и за земјоделие Јован Манасиевски и Славко Петров прават аграрна реформа. Гледаат бразилски серии и добиваат идеи како сиромашните да ги направат богаташи. Акцијата им се вика “Тера нова”.
Социологот Манасиевски вели дека во земјоделието има значајни ресурси. А адвокатот Петров со своите познавања од агрикултурата ги убедува социјалците дека уште в година ќе можат да живеат од земјоделие. Од значајните ресурси во Македонија тутунот уште не е откупен, за грозјето нема пари, лубениците скапуваат по улиците… Кога ќе им ја укинат и социјалната помош, луѓето ќе немаат пари ни за ѓубриво, ни за семе, а не пак за трактор. И, која земјоделска култура дава род за една година со која цело семејство ќе живее цела година. Така што социјалците и без земја и со земја си се свои на своето. Ќе останат на пиперки и домати. А акцијата “Тера нова” ионака отепаните, само ќе ги доотепа. Оти и во сапунските серии богатите си се богати, а сиромашните живеат од љубов.
Кога адвокат и социолог прават аграрна реформа, сите ќе го обереме бостанот.
4. За стогодишнината на Илинден на Мечкин камен се појавија и потпретседателот на Бугарија и потпретседателот на Собранието на Србија и Црна Гора. За и по сто години да им покажеме дека за држава не не бидува.
Освен што поетите имаа генерална проба за “Струшките вечери на поезијата”, сето останато во Крушево беше во знакот на коњите. Тие оставија – лепешки.
За разлика од државната прослава, нашинците во Австралија, се потрудиле малку повеќе. Тие за Илинден ја откупија Сиднејската опера. Добро е што за време на приредбата на видео бим им пуштаа снимки од прославата на Мечкин камен. За да бидат среќни што на време си заминале од Македонија. И да не добијат идеја да се вратат.
5. Кон крајот на месецов, под покровителство на претседателот Трајковски во Охрид ќе се одржи Форум “Дијалог на цивилизациите”. На овој голем настан треба да пристигнат седуммина претседатели на државите од регионот. Поканети се и бившите претседатели на земјите од регионот.
Неколкумина од бившите веќе го потврдиле присуството. Туѓман нема да дојде од оправдани причини. А Милошевиќ во Хаг ќе бара наградно отсуство. Тој во Охрид треба да ја дојаде пастрмката со Киро Глигоров. Порцијата остана недојадена од времето кога во вилата “Билјана” ја спасуваа Југославија.