Тетовска република

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:114:"Достазгреши-границатанебилакајГрупчин,тукукајВратница

    1. Гледам сите се радуваат на прекинот на огнот. Тетово пукаше од радост. Со сите можни оружја. Се славеше примирјето. Најрадосните гаѓаа со гранати по зградите на соседите.
    ОНА најмногу се радуваше на примирјето. Затоа што знае дека по секое примирје, освојува нови територии. Бидејќи завчерашното примирје беше наречено неограничено, ОНА си помисли дека може неограничено да освојува. Така го фати патот од Тетово до Јажинце. За една мирна ноќ, тоа е добар успех. Границата кон Косово ја контролираат. Ако продолжи примирјево, кај и да е ќе ги освојат и другите граници. Па, кога ќе стигнат до Богородица, ќе ги ослободат и цистерните на “Макпетрол”. Зашто неколку пумпи веќе им ослободија. Што ќе им се пумпи, ако немаат бензин.
    Ако веќе стигнат до Богородица, ете кај им е и Солун. Не за џабе Џафери си го одбрал оној американски професор за консултант во преговорите. Човекот бил професор по меѓународно право, ама експерт за морско право. Кај и да е, Џафери ќе го земе и Солун. И Солун веќе нема да биде наш.
    А луѓево, не гледаат далеку како Џафери. Еве, скопјани се прашуваат како да стигнат до Охрид. Божем охриѓани пукнаа да им дојдат туристи. Нека одморат малку летово. Нека потрае уште некој ден примирјево, не до Охрид, до Дојран ќе прашуваат како да стигнат.

    2. Шефот на кризниот штаб Илија Филиповски, ги собра избрканите од тетовските села и им рече дека пиле не може да прелета. Сè било под контрола. Само не кажа чија. Се виде вечерта, кога ОНА прогласи тетовска република. Само Лешок остана оаза на мирот. Долу птици пеат, пилци не летаат, горе багери ријат, ровови копаат. Чиста селска идила.
    Туку, што запнаа толку да го освојуваат стадионот. Се исплашив, зашто веднаш ми текна на Сараево и на стадионот Кошево. Од фудбалски терен се претвори во гробишта.
    Само ОНА не е таква. Неа стадионот и треба за прослави. И за меѓународни пријателски фудбалски натпревари. По војната треба да живееме како комшии. Може македонската државна репрезентација пак ќе игра таму. Како гостин на Шкендија.
    Кога нема да се игра фудбал, на тој стадион ќе се слави тетовската република. На претседателот Џафери ќе му носат штафета и ќе му прават слетови. Тој ќе седи на главната трибина, а пионерите на ОНА ќе играат ора на братството и единството.
    Не за џабе Хавиер Солана одеше во Тетово уште на почетокот на војната. Знаеше тој дека тоа ќе биде нова метропола на Балканот. Главен град на Џафери. Само нас не ни текнуваше. Тоа не беше ставено во агендата на Трајковски.

    3. Сè ми се чини дека планот на претседателот Борис Трајковски не му го кажале цел. Дел по дел му го кажуваат. Како ќе освојат територија, така му кажуваат дел од планот.
    И како така ставиле рампа кај Вратница? Нели требаше кај Групчин!?
    Ама тоа не беше во планот на Борис. Тоа беше во планот на Доста. Затоа ја сменија. Немала добра процена.

    4.  Министерот Бучковски кога се врати од Украина зрачеше од оптимизам. Ни рече дека ќе биде уште полошо. Божем ние не знаевме. Тие ќе нè напаѓаат, нашите ништо нема да прават. Ќе го чекаме НАТО. Ќе дојде МФОР.
    Божем ќе седеле тука само 30 до 45 дена. Како СФОР во Босна и КФОР во Косово. Ене ги, уште се таму. Ќе си одат брзо. Ако не оваа среда, идниот петок…
    ОНА е спремна да го дочека МФОР. Се постави на границите. Луѓето вршат проверки на барикадите. Нормално, официјални се. Си потпишаа примирје. Воени времиња се. Ние вршиме проверки, тие вршат проверки. Не може секму да му се верува. Не се сите како Али Ахмети.
    Само ме интересира дали полицајците на ОНА од барикадите се оние што треба ОБСЕ да ги обучува за пропорционална застапеност, па сега вежбаат, или се нови на практична обука.

    5. Со војната почна и изборната кампања. Ама ние се збунивме. Кој со кого е и кој чиј е? Еве, Љубчо Георгиевски за планот на претседателот вели “план на некој таму”. А СДСМ планот на Трајковски од уста не го вади. Радмила Шеќеринска вели: “Еве, претседателот Трајковски има план!” Бре, бре, бре… Што авторитет ќе беше Борче. Ем план ем агенда има. Ем Бранко од кабинет не му излегува.

    6. Зошто воопшто се распишува тендер за втор оператор за мобилна телефонија. Пак ќе ни се налути ОНА. Еве, по пропорционален принцип, втор мобилен оператор може да биде МОБИ-ТАЧ. ОНА е веќе на стратешките врвови. Има и предаватели, има и мобилки. Башка се покажаа ефикасни. Ептен се мобилни. Сабајле се во Куманово, попладне во Радуша, а навечер во Тетово.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира