1. Сојузот за Македонија сé уште е жив. Еве, повторно е актуализирана паролата “Сите заедно!” Односно, “Сите за едно – министерско место”. По можност, за финансии. Остварен е континуитет со времето по изборната победа, кога за Министерството за финансии конкурираа Јане Миљовски од СДСМ и Ристо Иванов од Либералната партија.
Приказната за либералите и за министерот Миљовски дојде како супер освежување, по оние здодевни собраниски седници, на кои сé се изгласува мазно како во најдобрите денови на социјализмот. Да не беше тоа, што ќе правевме цела недела!? Вака барем ни дадоа малку надеж, дека може нешто и да ни се случува во државава.
Инаку, не станува збор за недоразбирање помеѓу коалиционите партнери. Исто како што беше и во случајот “Хард рок” и при изгласувањето на Владата на Црвенковски. Тоа што последната афера се темели на принципот: “Тврдам, ама не можам да докажам”, е само уште еден доказ дека работава не е премногу сериозна, во смисла на опстанокот на коалицијата. Така што нема потреба премногу да се вознемируваме.
Сепак, и од оваа афера, колку и да е несериозна, извлековме корисни сознанија. Прво, министерот Миљовски на прес-конференцијата ја прекори новинарката на државната телевизија дека им верувала на нејзините извори од Либералната партија. Од што може да се извлече заклучок дека, кога некој министер држи прес-конференција, најдобро е ништо да не прашуваш, зашто јавно ќе те прекорат дека не знаеш да избираш друштво. И второ, дека не постои друга вистина, освен онаа на власта.
Уште поинтересно сознание, од истата прес-конференција, е обелоденувањето на методот на работа на Министерството за финансии. Министерот Миљовски, одговарајќи на прашањето зошто неговата партија СДСМ ги добила парите уште во февруари, рече дека тие први се јавиле и вршеле притисок средствата што побрзо да им бидат исплатени. После и други се јавувале и тие притискале, па како што се ослободувале средства од буџетот, се исплаќале и парите на жиро-сметките.
Среќа што Јане Миљовски во февруари сé уште не беше потпретседател на СДСМ. Па сега може да вика дека други притискале врз него. Замислете, парите да не биле префрлени тогаш, па сега да морало потпретседателот на партијата Миљовски да врши притисок врз министерот Миљовски. Е, тоа навистина би бил – тежок притисок.
2. Како по обичај, повторно новинарите ќе бидат виновни за тоа што го изјавил министерот за одбрана Благој Ханџиски во Вашингтон. Координаторот на пратеничката група на социјалдемократите Тито Петковски се сомнева како била интерпретирана изјавата на господинот Ханџиски, која според “Макпрес” изгледа вака: “Готови сме да дискутираме и за симболот на знамето и да најдеме решение, но никој нема ексклузивно право на историското наследство на Александар Македонски, па ни Грција”. Не знам од каде чудење и чекање да се врати министерот дома, да каже дали навистина така изјавил, кога досега којзнае колку пати е повторено дека Македонија е подготвена да разговара за сé освен за името.
Оваа изјава со знамето веќе почна да предизвикува реакции дома. Сега се очекуваат во Грција реакции на изјавата на Ханџиски за Уставот, според која “готови сме место спорниот член 49 да го преземеме сличниот таков член од грчкиот устав”. Соседите ни се параноични. Ќе речат: “Малку им е што ни ја земаа ѕвездата од Вергина, сега сакаат да ни земат и делови од Уставот”.
3. И покрај сé, тие се подготвени да ни простат. Минатата недела во Солун беше делегација на Младинскиот совет на Македонија. Освен што се договориле за следни контакти, домаќините на гостите им понудиле хуманитарна помош. Сакаат да ни помогнат во борбата против болестите на зависност, а исто така понудиле медицински услуги што не можат да се реализираат кај нас.
Баш убаво. Прво ќе те затворат со ембарго, па после ќе се прават фини пред светот дека ни помагаат. Прво ќе те разболат, па после ќе те лекуваат.
4. Завчера беше отворен саемот на автомобили во Скопје. На свеченото отворање имаше многу важни луѓе. Почнувајќи од претседателот на Републиката, Киро Глигоров, преку премиерот Бранко Црвенковски, па сé до еден куп министри, заменици на министри, собраниски функционери, пратеници….
На саемот има голем избор на убави превозни средства. Тие го привлекоа вниманието на многу важни луѓе во државата. Добро е што претставниците на власта покажуваат толкав интерес за возилата. Нивното присуство на саемот е за општо добро. Луѓето се грижат како подобро да нé возат.
5. Голема фрка се дигна и околу затворањето на голем број приватни радио-телевизиски станици. Прес-конференции, трибини, јавни протести, објавување на телефони на кабинети, огорченост зошто до сега државата го толерирала хаосот, по кој критериум едни се затвораат, а други не, зошто нема закон за радио-дифузија, зошто се фаворизира државната радио-телевизиска куќа…
Како никој досега не закажа прес-конференција, кога на програмите на некои телевизии се емитуваше дневникот на ТВ Србија, кога се презема дури и училишна програма од Белград и Тирана, кога филмовите одат без титлување на македонски јазик, дури некогаш со титл на српски јазик, кога, како во времето на братството и единството, на радио одат наизменично една македонска, една српска песна, небаре сé уште сме иста држава…
Што би се случило, кога во денешниов број на “Вечер” рубриката “Сакам да кажам” би излегла отпечатена на албански јазик? А во идниот број на српски! Или печатените медиуми мораат да го негуваат македонскиот јазик, а другите – не!?