1 Кога гледам некои министри како костумите им стојат како штотуку да дошле од прослава на петгодишнина од матура, си мислам дека Владата и не можеше да смисли пооригинален начин за одбележување на Неделата на детето. Вчера имаа Ден на идеи, а денеска ќе имаат отворена седница на Влада.
Многу се зафркнав. Пред некој ден му организирав прослава на четвртиот роденден на син ми во Детскиот театар. Малите шврчковци ја гледаа “Лакомата меца”.
Требаше да бидам провладин. Па наместо во театар, да ги однесам децата на Ден на идеи. Да се дружат со министрите. Да се чувствуваат како во игротека. И да ја видат во живо лакомата меца.
Всушност, кога човек малку ќе се замисли, нам секоја недела од 1991 до сега ни е Недела на детето. Море, не секоја недела. Секоја година можеше да биде прогласена за Година на детето. Еве, уште малку ќе мине и втората Деценија на детето. Бранко, Љубчо, Никола… Ги создадовме, ги израснавме. Остаревме со нив, и пак памет не ни доаѓа.
2 Гледав на вести кога еден од монасите раскажуваше како се запалиле конаците во манастирот “Свети Јован Бигорски”. Вели дека во дворот имало многу мачки, мачките ги разбркале глувците, глувците се раздвижиле и, бегајќи од мачките, ги изгризале каблите, направиле краток спој и… изгоре библиотеката, сосе конаците и новата кујна.
Гледав на вести и детали од истрагата. Прво велеа дека изгореле и сефовите, па потоа дека не изгореле туку ги однеле кај истражниот судија во Дебар, па ги нашле отворени, па не знаеле колку пари имало во нив, па дали имало еден или два сефа…
МПЦ ги доби назад од државата црквите и манастирите за да ги чува. Таа обврска не ја има само заради себе и своите верници. Туку и заради припадниците на другите вери и атеистите кои ги почитуваат како културни споменици. А не да ги грабне и да не води сметка за прописите кои се со закон донесени за заштита на културното богатство. Па ќе ни раскажуваат приказни како од цртани филмови.
Во Неделата на детето и вестите ни беа како цртан филм. Значи, да резимираме: Том го бркал Џери во кујната, Џери се преплашил и, бегајќи, го гризнал кабелот. Снемало струја, ама избил пожар. И во темницата, Џери се свртел на сефот оти мислел дека е фрижидер и внатре има сирење, а Том му помогнал и му ја држел вратата од фрижидерот отворена…
И каде се парите? Истрагата е во тек. Ама,на мојот четиригодишен син му текна. Папала маца. И веднаш свртев на друг канал, на вести на друга телевизија. Истата приказна, само што таму се појавува и Џивџи и се закани: “Мислам дека го видов мацолот”.
3 Кога бев мал, циркусите кои доаѓаа во Скопје, ги поставуваа во Карпош 3. Подоцна, шаторите ги подигаа спроти Комплексот банки.
Малку по малку, циркусите се доближуваа кон академиците, па сега шаторот го поставија баш спроти МАНУ.
Се прашувам: Покрај ваква Академија, кому во Македонија му треба циркус?
4 “Вест” во четвртокот објави вест дека се тестира референдумско прашање за промена на името. Суштината на веста беше дека промената на меѓународното име во референдумското прашање ќе се врзе со влезот во ЕУ и во НАТО.
Објавата на референдумското прашање предизвика лавина реакции. Ама никој не се фати за суштината на прашањето туку се појавија длабокоумни анализи и истражувачко новинарство кои се занимаваа со прашањата: кој го нарачал текстот, кој е изворот и зошто “Вест” баш сега ја објавува веста…
Уште во 1993 година имав ставено наслов: “Ако се пазариме, барем да ќариме”. Тоа беше времето кога за да влеземе во Обединетите нации, моравме да прифатиме привремено меѓународно име што не ни е по ќеф. Ни се допаѓало нам тоа или не, ние се пазариме веќе 16 години. Толку време преговараме. И доаѓа времето кога од тој пазар треба да видиме ќар. Ако немаме ќар, не знам зошто воопшто и сме влегле во пазарот.
На тие што не им било јасно што сме сакале да кажеме во четвртокот, ќе се обидам да им упростам.
Прво: Меѓународното име ќе се менува.
Второ: Референдумот тропа на врата оти така рекоа и Претседателот и премиерот.
Трето: Огромно мнозинство граѓани сака влез во НАТО и ЕУ како гаранција за мир, стабилност и економски просперитет.
Четврто: Владата изјавува дека е посветена на преговорите и на напорите за изнаоѓање решение во спорот со Грција.
Јасно, појасно, амин.
Значи, во овој момент, по цели 16 години глупаво е да се прашуваме “Зошто се пазариме?”. Вистинското прашање е: “Што сакаме од тој пазар да ќариме?” Сега треба да развиеме дебата за да најдеме одговор на прашањето: “Што сакаме да ни биде ќарот? ” И да работиме тоа да го добиеме. Наместо тоа, ние се расправаме кому му бил поголем. И кој прв го извадил.