1 Во деловите на Македонија каде што сега Тачи и Ахмети жестоко се тепаат со оружје за да дојдат на власт, ОБСЕ одеше да ја набљудува полицијата кога апсеше силувачи и убијци. Така што сега ниту амбасадорот на ЕУ, ниту амбасадорот на САД, ниту амбасадорот на ОБСЕ немаат лице сега да ја повикуваат полицијата да ги најде виновниците за пукањето меѓу ДУИ и ДПА.
Истите тие амбасадори не се бунеа кога ОБСЕ ја мониторираше полицијата да не случајно на убијците и на силувачите им се загрозат човековите права. Е па еве им ги сега криминалците што тие ги промовираа во борци за човекови права. Нека се справат тие со нив. Кога не дозволија полицијата да ги уапси кога убиваа и силуваа, сега нека не бараат апсење и кога учествуваат во предизборна кампања.
Доста ми е веќе од ДУИ и ДПА да ми зависи дали во ЕУ и во НАТО ќе ме гледаат како примитивец или како нормален граѓанин. И дека од нив зависи дали ќе влеземе во НАТО и во ЕУ. Јас ќе седам мирен, ќе плаќам даноци, ќе се мачам со реформи, а тие ќе се тепаат. И после што? Треба да ги прошверцувам во НАТО? Или пак јас ќе бидам крив ако не влеземе во НАТО?
Затоа ги замолувам и Џилијан Миловановиќ и Ерван Фуере да помислат малку и на нас што не пукаме и не лепиме плакати. Зошто се вознемируваат само кога меѓу себе ќе се степаат албанските партии? Дај нека покажат малку респект и кон Македонците и кон Албанците што не сакаат да се тепаат. Особено што САД и ЕУ заедно ги симнаа криминалците од планина и ги направија министри и пратеници. Нека си го викнат сега Питер Фејт, како во 2001 година, кога ги изнесуваше од Арачиново со климатизирани автобуси, тој да ги смирува. Тој нека им каже дека “така не се обезбедува владеење на правото”.
2 Со топ бил гаѓан некој штаб на ДУИ. Од каде им е топ? Нели НАТО ги разоружуваше? Една жетва, друга жетва, неопходна жетва…
Овој топот од новата реколта ли е, или го задржале да не им се најде случајно за борба за некои дополнителни права? А полицијата не го нашла до сега да го одземе, оти ОБСЕ набљудувал да не се вознемират сопствениците на топот.
3 Со рафална стрелба била погодена и колата на Али Ахмети во Боговиње. По што Мендух Тачи одговори: “И мене ме пукаа кога бев во Блаце, ама јас не се исплашив”.
Тачи мисли дека ќе нѐ импресионира со хероизмот и се оправдал. А Али Ахмети на своја кожа осети како тој во 2001 година “обезбедуваше владеење на правото”.
Ахмети рече дека знаел кој пукал врз него. Убаво што ги знае. За да може утре, ако дојде на власт, тие што пукаа врз него да ги амнестира и да ги направи министри. Како што државата направи со него и со неговите во 2001, кога тој пукаше во неа.
4 Пукањето го осуди и премиерот Груевски. И добро е што го осуди.
Но, за разлика од нас кои можеме само да го осудиме тоа и толку, премиерот има обврска, а има и инструменти да го спречи насилството. И да ги фати и да ги осуди тие што пукаат.
Кога ќе видам дека некој лежи во затвор затоа што пукал, тогаш ќе верувам дека сме имале фер и демократски избори.
Но за да се случи тоа, ќе треба и албанските партии да го осудат пукањето. Оти пукање на избори е лошо во секој случај. А не како што прават тие. Кога пукаат во нив е лошо. А кога тие пукаат, тогаш е борба за човекови права.
5 Овие избори ќе бидат пресвртни, а можеби и историски. ДУИ во изборната програма зборува за економија. Ќе ги намалат даноците и придонесите и ќе обезбедат 100.000 нови вработувања.
Кои даноци ќе ги намалат? Тие што не ги плаќаат?
А ДПА ветува дека ќе го продолжи животот на граѓаните. Како? Нема да пукаат со топови?
Кога ДУИ зборува за економија оружјето молчи. Пука ДПА.
Некој од нив мора да пука. Само што си ги менуваат ресорите. Едните со економија, другите со одбрана и заштита.
6 Во ниеден закон не пишува дека за партиски возила не се плаќа патарина. Тогаш зошто МВР сега не ги уапси сите што ги кренаа рампите на патарините за да поминат бесплатно возилата кои одеа на партиски митинзи? Имаат видеозапис, имаат аудиоснимка. Доволно докази за да ги стават во притвор едно шестседум месеци, како оние што ги фатија во акцијата “Змиско око”.
Или и неплаќањето патарина е дел од изборната кампања. Уривањето на рампите на патарините, како симболично уривање на шенгенската бариера.
Да. Само што таа кампања ја плаќам јас што не сум член на ниедна партија. Затоа што постојано си плаќам патарина. И не ми паѓа на памет да не платам.
7 Ја гледам Рада на митинзите. Ќе каже нешто, и самата ќе си се воодушеви колку добро им го плеснала.
Не е битно дали е за верување тоа што го ветува. Важно таа е задоволна. Тоа ѝ се гледа на лицето.
8 За да ѝ докаже на Рада дека и тој е за ЕУ, Груевски донесе некои Италијанци во Радовиш. Тие зборуваат на италијански, радовишани аплаудираат.
Радовишани аплаудираа и пред неколку години. Кога еден глумец го купуваше “Бучим”, им ветуваше дека ќе им отвори “Мекдоналдс”. Па тие учеа англиски. Сега ќе одат во Европа, па учат италијански.
Што ќе им се на радовишани парламентарци од Италија. Требаше Груевски да им ја донесе Чичолина. И таа во слободно време, меѓу два порно филма, беше парламентарката.
Таа ич не мора да зборува. Барем има што да покаже. Ќе се качи на сцената и ќе ги истури градите. Ќе ја долови симболиката на сите владини кампањи во едно. Ем асоцира на мајчинство ем на благодат.Јас сум Македонија цицајте од мене.
Кога ќе и светнат цицките на Чичолина и сонцето на Рада ќе го засенат.