1 Уште Черчил на времето рекол: “Ако сакаш да не се заврши работата формирај комисија од правници”.
Премиерот Владимир Бучковски е правник. Тој на почетокот на мандатот се пофали дека ќе им ги скине дискрециските права на министрите. И формира комисија. Од правници.
Прво министерствата имаа рок од еден месец на комисијата да и ги набележат сите области каде што е можна злоупотреба на дискрециските права.
Потоа комисијата ги испитуваше дискрециските права и реши да направи акционен план за намалување на дискрециските права. Откако ќе се направи планот ќе се премине во акција и ќе се утврдат приоритети. Потоа ќе се одредат рокови за секој приоритет и ќе се утврдат “точките по кои најчесто можат да се јават сомнежи за евентуални коруптивни дејства”.
Министерката за правда Мери Младеновска-\орѓиевска рече дека “не станува збор за укинување на дискрециските овластувања бидејќи тоа би ја блокирало извршната власт, туку за нивно намалување”.
Како ќе се блокира извршната власт ако се укинат дискрециските права? Едноставно. Никој нема да сака да биде министер. Ќе мора да распишеме конкурс. Каков министер би бил ако не можеш да си направиш зделка во четири очи? Блокиран.
2 Утре делегацијата сосе 65-те килограми хартија патува за Брисел. Препорачливо е да не се задржуваат многу. Нека ги дадат кутиите и нека се вратат дома. Домаќините не треба да имаат време да ги отворат одговорите на прашалникот. Оти ако почнат да читаат, ќе постават дополнително прашање: “Што бараат сите овие луѓе овде?”
Најтешко ќе му биде на Стојан Андов. Оти тој патува како претставник на опозицијата. А опозицијата не ги знае одговорите. Тие биле тајна и ќе се објавеле дури откако ќе бидат предадени во Брисел. Андов оди, а не знае што одговори носи.
Ако го прашаат нешто, Андов не ќе знае да одговори. Мали се шансите да се избрука. Него веќе никој ништо не го прашува.
3 Руслана дојде и не спаси. Оти, ако не беше таа, оваа недела ќе го гледавме само Пенов. Градоначалникот на Скопје се натпреваруваше со евровизиската ѕвезда каде да се слика. Дали на Плоштадот, пред Ристиќевата палата каде што покажуваше како се чисти снегот, дали во средните школи, каде на директорите им објаснуваше дека сега од него ќе им зависат нивните директорски места ако по трет пат стане градоначалник, или пред базенот кој со години во зима не работи, оти нема топла вода.
Неговата партија уште на времето беше по хигиената. Тие имааа слоган “Со чисти раце”. Ама тоа беше кога Пенов стана градоначалник со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Откако рацете се извалкаа во валканиот град, на Пенов му треба и топла вода. Решил сите бањати да го бираме за градоначалник. До сега немаше пари дури ни за оние чистачи кои во предизбориево го гледаме со метлите и со јакните “За чисто Скопје”. Собираше пари Пенов, собираше и на крај успеа. Го отвори и Олимпискиот базен. Осум години му требаа за да ни пушти топла вода.
4 И синдикалниот лидер Ванчо Муратовски работи периодично. Се активира само пред некој битен настан.
Пред референдумот најавуваше генерален штрајк. Се виде со Хари и го одложи штрајкот за по референдумот.
Сега се сретна со Бучко. И се договорија дека проблемите ќе ги решаваат по локланите избори.
После Муратовски малку ќе паузира од работата. До есен 2006. Тогаш ќе се активира. Пак ќе се сретне со Бучко за да се договори што ќе прават по парламентарните избори.
5 Откриена е уште една кражба со катастарот. Дванаесет семејства во Скопје останеле без дворови. Некој од катастарот си ги препишал на свое име.
Да се само тие дванаесет. Во Македонија треба да се воведе пракса секој ден да се оди во кататстар и да се проверува дали твоето е твое. Оти некојден ќе се разбудиш и ќе видиш дека ти ја нема куќата.
И што им останува на ограбените луѓе во оваа држава? Да одат на суд. Поголема трагедија од македонско независно судство не може да те снајде. Оти не знаеш дали судијата му бил приправник во фирмата на тој што ги ограбил имотите, дали е поткупен, или само му помагал да си ги лечи децата.
А ние сиромашките чекаме странски инвестиции. И се чудиме зошто странците не доаѓаат.